Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Откровение 11

11
1Потоа ми беше даден еден дрвен метар за мерење и ми беше речено: „Измери го Божјиот храм, жртвеникот и изброј ги сите богослужители во храмот!
2А дворот околу храмот изостави го и не мери го. Тој дел им е предаден на нееврејските народи; четириесет и два месеци тие ќе газат по светиот град.
3Потоа Јас ќе испратам двајца Мои пророци, кои облечени во траурни облеки ќе проповедаат илјада двесте и шеесет дни.
4Овие двајца пророци се двете маслинови дрвја и двата свеќници што се наоѓаат пред Господарот на Земјата.
5Доколку некој се обиде да им напакости, оган ќе излезе од нивните усти и ќе ги погуби нивните непријатели! На таков начин ќе биде погубен секој што ќе се обиде да им напакости.
6Тие ќе бидат овластени да го затворат небото за да не врне дожд, за време на нивното пророкување. Ќе им биде дадена моќ да ги претвораат водите во крв и да ја казнуваат Земјата со секакви неволи, колку што пати ќе посакаат.
7Кога двајцата пророци ќе завршат со своето проповедање, ќе се појави Ѕверот што живее во Бездната и ќе војува против нив; тој ќе ги надвие и ќе ги убие.
8Нивните мртви тела ќе бидат изложени на плоштадот во големиот град, во кој беше распнат и нивниот Господ. Според духовната состојба во него, тој град може да се нарече „Содом“ и „Египет“.
9Три и пол дена, луѓе од секој народ, племе, јазик и раса ќе доаѓаат да ги гледаат нивните тела и нема да дозволат телата да бидат погребани.
10Луѓето што се врзани само за овој свет ќе се веселат и ќе се радуваат, ќе си даваат подароци едни на други, зашто овие двајца пророци им нанесуваа големи страдања.
11Но по три и пол дена, во нивните тела ќе се врати животодавниот дух од Бог и тие ќе станат. Голем страв ќе ги зафати оние што ќе ги гледаат!
12Тогаш чув глас од небото, кој на двајцата пророци им рече: „Искачете се овде!“ Пред очите на нивните непријатели, тие во облак се вознесоа на небото.
13Во исто време, градот го погоди страшен земјотрес. Една десетина од градот беше разурната, а седум илјади души загинаа. Преживеаните ги обзеде голем страв и Му оддадоа слава на небесниот Бог.
14Втората мака помина, но еве, веќе пристигнува и третата!
15Седмиот ангел затруби и од небото зататнеа силни гласови, кои говореа: „Власта над целиот свет Му припаѓа на нашиот Господ и на Неговиот Помазаник, Кој ќе владее во вечни векови!“
16Тогаш дваесет и четирите старешини што седеа на своите престоли пред самиот Бог, паднаа ничкум и Му се поклонија на Бог,
17говорејќи: „Господе, Семоќен Боже, Ти Којшто постоиш, и Кој отсекогаш си постоел: Ти благодариме, што најпосле во Свои раце ја презеде големата власт и што Твоето владеење започна!
18Народите кои не Те почитуваат го истурија својот бес, но сега дојде времето на Твојот гнев! Дојде време да им се суди на умрените, да се наградат Твоите слуги, пророците, и сите Божји луѓе - оние што имаат страхопочит спрема Твоето име, мали и големи. Дојде време да бидат уништени уништувачите на Земјата!“
19Во тој миг се отвори вратата на Божјиот храм што се наоѓа на небото и се виде Ковчегот на Заветот. Болснаа молскавици, зататнеа грмежи, Земјата ја погоди земјотрес и врнеж од огромни зрна град!“

Селектирано:

Откровение 11: MNT

Нагласи

Сподели

Копирај

None

Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се