ОТКРОВЕНИЕ 9
9
1И петтиот ангел затруби: и видов ѕвезда, што падна од небото на земјата, и ѝ беше даден клучот од кладенецот на Бездната. 2И го отвори кладенецот на Бездната, и од кладенецот се издигна дим, како дим од голема печка, а сонцето и воздухот потемнеа од димот на изворот. 3И од димот излегоа скакулци по земјата, па им беше дадена сила, каква имаат земните скорпии. 4И им беше речено: да не ја повредуваат земната трева, ниту некакво зеленило, ниту некакво дрво, туку само оние луѓе, кои немаат Божји печат на своите чела. 5И им беше дадено да не ги убиваат, туку да ги мачат пет месеци; и нивното мачење беше како измачување од скорпија, кога каснува човек. 6А во тие дни луѓето ќе ја бараат смртта, но нема да ја најдат; ќе сакаат да умрат, но смртта ќе бега од нив. 7А скакулците по својот облик - личеа на коњи, приготвени за војна: а на нивните глави беа круни слични на злато, а лицата им беа како човечки лица. 8И имаа коси како женска коса, а забите им беа како на лавови; 9имаа оклопи како железни оклопи, а шумот на нивните крила беше како татнеж на воени коли со многу коњи, кои итаа во бој. 10И имаа опашки и осила како кај скорпиите; а во нивните опашки беше нивната сила да им пакостат на луѓето пет месеци. 11Над себе го имаа за цар ангелот на Бездната, кому името на еврејски јазик е Авадон (Погубител), а на грчки се вика Аполион.
12Едно зло помина, и еве, доаѓаат уште две зла по него.
Второ зло
13И шестиот ангел затруби: и чув еден глас од четирите рога на златниот жртвеник пред Бога, 14како му зборува на шестиот ангел, кој имаше труба: „Одврзи ги четирите ангела, кои се врзани при големата река Еуфрат!“ 15И беа одврзани четирите ангела, приготвени за час, за ден, за месец и за година, да убијат третина од луѓето. 16А бројот на војувачките коњаници беше двеста милиони - го чув нивниот број. 17И во привидот вака ги видов коњите и оние, кои седеа на нив: имаа огнени оклопи, и синкасти и сулфурни; а главите на коњите личеа на глави на лавови, и од нивните усти излегуваа оган и дим и сулфур. 18Од овие три зла - од огнот, од димот и од сулфурот, што излегуваа од нивните усти, загина третина од луѓето. 19Зашто силата на коњите беше во нивните усти и во нивните опашки: имено, нивните опашки се слични на змиите, имаат глави и пакостат со нив. 20А другите луѓе, кои не загинаа од овие зла, не се покајаа за делата на своите раце, да не им се поклонуваат на бесовите и на златните, сребрените, бронзените, камените и дрвените идоли, кои не можат ниту да гледаат, ниту да слушаат, ниту да одат. 21И не се покајаа за своите убиства, ниту за своите вражања, ниту за своите блудства, ниту за своите кражби.
Селектирано:
ОТКРОВЕНИЕ 9: MKB
Нагласи
Сподели
Копирај
Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се
The Macedonian Bible: Old and New Testament, Konstantinov
Copyright © 1999, 2004, by Loukas Foundation ®
Used by permission of City Bible Foundation ® All rights reserved worldwide.