Лого на YouVersion
Икона за пребарување

ОТКРОВЕНИЕ 12

12
Жена и змев
1И се покажа голем знак во небото: жена, облечена со сонцето и месечината под нејзините нозе, а на нејзината глава круна од дванаесет ѕвезди, 2и беше бремена и викаше од породилни болки и маки. 3И се покажа друг знак на небото, и ете, голем црвен змев, со седум глави и десет рогови, а на неговите глави седум круни; 4и неговата опашка повлече третина од небесните ѕвезди, и ги фрли на земјата. И змевот стоеше пред жената, која требаше да роди, за да ѝ го проголта Детето кога ќе роди. 5И роди машко Дете, син, кој ќе им биде на сите народи Пастир со железно жезло. И нејзиното Дете беше однесено при Бога и при Неговиот престол. 6А жената избега во пустината, каде имаше место, што Бог ѝ го приготви, за да ја хранат таму илјада и двеста и шеесет денови.
7И настана војна во небото; Михаило со своите ангели завојува против змевот. И змевот и неговите ангели завојуваа, 8но не устоија и не им се најде веќе место во небото. 9И беше исфрлен големиот змев, старата змија, наречена ѓавол и сатана, која го заведува целиот свет; беше исфрлен на земјата, и неговите ангели беа исфрлени со него. 10И чув силен глас во небото како зборува: „Сега дојде спасението и силата и царството на нашиот Бог и власта на Неговиот Помазаник, зашто е отфрлен обвинителот на нашите браќа, кој ги обвинуваше пред нашиот Бог, дење и ноќе. 11И тие го победија заради крвта на Јагнето и заради словото на своето сведоштво, и не го засакаа својот живот, дури и до смртта. 12Затоа, веселете се небеса и вие, кои живеете во нив. Тешко вам, кои живеете на земјата и морето, зашто ѓаволот слезе при вас со голем гнев, знаејќи дека има малку време,“
13И кога змевот виде дека е фрлен на земјата, почна да ја гони жената, која го родила машкото. 14На жената пак ѝ ги дадоа двете крила на големиот орел, за да одлета во пустината на своето место, каде е хранета за едно време, и две времиња, и време ипол, настрана од лицето на змијата. 15А змијата испушти од својата уста вода како река по жената, за да ја однесе со реката. 16Но земјата ѝ помогна на жената, и земјата ја отвори својата уста и ја испи реката, што змевот ја испушти од својата уста. 17И змевот се разгневи на жената и отиде да војува против другите од нејзиното семе, против оние, кои ги пазат Божјите заповеди и го имаат Исусовото сведоштво.

Селектирано:

ОТКРОВЕНИЕ 12: MKB

Нагласи

Сподели

Копирај

None

Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се