ПСАЛМИ 104
104
Прославување на Бога Творец и Промислител на вселена
1. Почеток на творење
1Благословувај Го Господа, душо моја! Господи, Боже мој, Ти си многу велик! Облечен си со величество и убавина! 2Наметнат со светлина како со наметка! Небото го оптегна како шатор, 3ги изгради Твоите дворци над водите. Ја правиш Својата кола од облаци, патуваш врз крилјата на ветровите. 4Ги правиш ангелите Свои духови, а вжарениот оган за Твои слуги.
2. Основи на земјата
5Земјата ја постави врз нејзините основи, не ќе се разлулее низ вечни времиња. 6Ја покри со водени бездни како со облека, водите стоеја над планините; 7се повлекоа од Твоите заканувања, се стресоа од Твоето грмење. 8Планините се издигнаа, долините се спуштија, на местото што им го одреди. 9Ја одреди границата, што не смеат да ја преминат, за да не ја покријат пак земјата.
3. Извори во долини
10Изворите ги навртуваш во потоци, што шумат меѓу планините. 11Тие ги напојуваат сите полски животни, дивите ослиња ја гаснат жедта во нив. 12Небесните птици се гнездат покрај нив, и пеат меѓу гранките. 13Ти ги натопуваш планините од Твоите дворци, земјата се наситува од плодовите на Твоите раце.
4. Плодородност на земја
14Ти правиш да никне трева за добитокот, и зеленчук за потребите на човекот, за да вади леб од земјата. 15И вино, што го развеселува човечкото срце; да го освежи лицето со масло, и лебот да го зајакне човековото срце. 16Господовите дрва се наситија со храна, ливанските кедри, што Тој ги посади. 17Таму се гнездат птиците, а елките се живеалиште на штркот. 18Високите планини им даваат засолниште на дивите кози, а пештерите на јазовците.
5. Месечина и сонце
19Ти ја создаде месечината, за да ги означува времињата, и сонцето знае каде треба да зајде. 20Кога ја распростираш темнината и ноќта се спушта, тогаш низ неа скришно шетаат горските животни. 21Лавчињата рикаат по плен и бараат храна од Бога. 22Штом сонцето ќе огрее, ги снемува и легнуваат во своите легла. 23Тогаш човекот излегува на дневна работа, и на труд до вечерта.
6. Морски суштества
24Колку се бројни Твоите дела, о Господи! со мудрост направи сѐ: земјата е полна со Твои созданија. 25Ене го големото и широко море, низ него се движат безбројни лазачи, мали и големи животни. 26Оттаму поминуваат кораби, морското чудовиште, што го создаде да се игра во него.
7. Бог Промислител на живот
27И сите овие чекаат на Тебе, за да ги нахраниш на време. 28Ако им даваш, тогаш собираат. Ако ја отвориш раката, се наситуваат со блага. 29Скриеш ли го Своето лице, тогаш се растажуваат; ако им го одземеш здивот, умираат и пак се враќаат во прав. 30Го испраќаш Својот Дух, пак се создаваат, и така го обновуваш лицето на земјата.
8. Фала на Сѐмоќен Бог
31Нека трае довека Господовата слава: нека се радува Господ во Своите дела! 32Тој ја погледна земјата, и таа се стресе, кога ги допира планините, тие се задимуваат. 33Ќе Му пеам на Господа додека сум жив, ќе Му свирам на мојот Бог додека суштествувам. 34Ќе Му биде мило моето размислување! Јас ќе се радувам во Господа. 35Нека ги снема грешниците од земјата, и нека ги нема веќе беззакониците! Благословувај Го Господа, душо моја! Алилуја!
Селектирано:
ПСАЛМИ 104: MKB
Нагласи
Сподели
Копирај
Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се
The Macedonian Bible: Old and New Testament, Konstantinov
Copyright © 1999, 2004, by Loukas Foundation ®
Used by permission of City Bible Foundation ® All rights reserved worldwide.