Лого на YouVersion
Икона за пребарување

ПСАЛМИ 105

105
Фала на Бога, Кој пази Завет
1. Повик кон благодарност
1Славете Го Господа, повикувајте Го Неговото име, навестувајте ги Неговите дела меѓу народите! 2Пејте Му, свирете Му, раскажувајте ги сите Негови чудеса! 3Фалете се со Неговото свето име, нека се радува срцето на оние, кои Го бараат Господа! 4Барајте Го Господа и Неговата сила, барајте Го секогаш Неговото лице! 5Спомнете си за чудесата што ги направи, за чудата и за судовите на Неговата уста! 6Авраамовиот род е Негов слуга, Јакововите синови Негови избраници!
2. Завет со Авраам
7Тој е Господ, Бог наш; Неговите судови се по целата земја! 8Тој си спомнува секогаш за Својот Завет, за словото што им го кажа на илјади поколенија: 9за Заветот што го склучи со Авраам, и за Својата заклетва на Исак. 10Го воспостави како закон за Јакова, вечен Завет за Израел, 11зборувајќи: „Тебе ќе ти ја дадам Ханаанската Земја, како дел во вашето наследство.“ 12Кога уште беа малку на број, многу малку, и кога беа придојденици во неа, 13одеа од народ до народ, од едно царство кон друг народ. 14Но не остави никого да ги угнетува, ги казнуваше царевите заради нив: 15„Не гибајте ги Моите помазаници, не нанесувајте им зло на Моите пророци!“
3. Бог го праќа Јосифа во Египет
16И Тој го повика гладот на земјата, ги уништи сите житници за леб. 17Испрати човек пред нив: Јосиф беше продаден во ропство. 18Ги врзаа со окови неговите нозе, вратот му го ставија во железо. 19Додека не се исполни неговото пророштво, за да се потврди Господовото слово. 20Царот нареди да го одврзат, управителот на народите го ослободи. 21Го постави за домаќин на својот дом, за управител на сиот свој имот. 22Да ги врзува кнезовите по своја волја, и да ги учи неговите старци на мудрост.
4. Израел во Египет
23Тогаш Израел влезе во Египет, Јаков се пресели во Хамовата Земја. 24Го умножи многу Својот народ, го направи посилен од непријателите. 25Им го сврти срцето за да го замразат Неговиот народ, за да бидат лукави кон Неговите слуги.
5. Мојсеј и египетски казни
26Го испрати Мојсеја, Својот слуга, Арона, кого го одбра. 27Ги правеа Неговите знаци меѓу нив и чудеса во Хамовата Земја. 28Испрати темнина, и се смрачи, но тие не се противеа на Неговите зборови. 29Им ги претвори водите во крв и ги помори нивните риби. 30Заврвеа жаби низ нивната земја, проникнаа и во царските соби. 31Рече: и рој муви долета, и комарци во сите нивни краишта. 32Место дожд им даде град, огнени секавици во нивната земја. 33Ги удри нивните лозја и смокви, ги искрши дрвата во нивните предели. 34Рече: и скакулци дојдоа и безбројни гасеници со нив. 35Ги изедоа сите растенија во нивната земја, го изедоа плодот на нивните ниви. 36Ги порази сите првороденци во нивната земја, сите прваци на нивната сила.
6. Излез и скитање низ пустина
37Ги изведе со сребро и злато; во нивните племиња немаше болни. 38Египет се зарадува на нивното заминување, зашто го опфати страв од нив. 39Го распростре облакот како покрив, и оган да свети во ноќта. 40Замолија, и доведе препелици, со небески леб ги нахрани тогаш. 41Ја расцепи карпата, и вода извираше, потече како река низ пустината. 42Тогаш се сети за Своето ветување, што му го даде на Својот слуга Авраам.
7. Стасување во Ветена Земја
43Го изведе Својот народ со воскликнување и со веселба Своите избрани. 44И им ја даде многубожечката земја, го наследија трудот на народите, 45за да ги чуваат Неговите повелби и да ги пазат Неговите закони. Алилуја!

Селектирано:

ПСАЛМИ 105: MKB

Нагласи

Сподели

Копирај

None

Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се

YouVersion користи колачиња за да го персонализира вашето искуство. Со користење на нашата веб-страница, ја прифаќате употребата на колачиња како што е опишано во нашата Политика за приватност