Лого на YouVersion
Икона за пребарување

ЛЕВИТ 10

10
Туѓ оган. Смрт на Надав и Авиуд
1Ароновите синови Надав и Авиуд ја зедоа секој својата кадилница; ставија оган во нив и положија темјан во него, за да принесат пред Господа туѓ оган, што Тој не им го заповеда. 2Но излезе оган од пред Господа и ги изгоре, и тие умреа пред Господовото лице. 3Тогаш Мојсеј му рече на Арона: „Тоа е она за што зборуваше Господ, кога рече: ‘Свет ќе Сум преку оние кои Ми се приближуваат и ќе се прославам пред целиот народ.’“ Арон молчеше. 4Мојсеј ги повика Мисаил и Елисафан, синовите на Ароновиот дедо Озил, па им рече: „Дојдете и однесете ги вашите браќа од пред Светилиштето во поле надвор од логорот!“ 5Тие дојдоа и ги однесоа во нивните кошули во полето надвор од логорот, како што рече Мојсеј. 6Мојсеј им рече на Арона и на неговите синови Елеазар и Итамар: „Не си ги откривајте вашите глави, ниту кинете си ги облеките, за да не загинете и за да не се налути Тој на целото општество. Но вашите браќа и сиот Израелев дом можат да плачат за оние што Господовиот оган ги изгоре. 7И не излегувајте од влезот на Шаторот на средбата, за да не умрете вие, зашто врз вас е елејот на Господовото помазание.“ Тие направија според Мојсеевото слово.
Забрана за пиење вино и опојни пијалаци
8Господ му рече на Арона: 9„Кога ќе влегувате во Шаторот на средбата, не пијте вино ниту опоен пијалак, ниту ти ниту твоите синови со тебе! Така нема да загинете. Тоа е постојан закон за вашите родови; 10за да можете да го разликувате светото од несветото и нечистото од чистото; 11за да ги научите Израелевите синови на сите закони што Господ ги даде преку Мојсеја.“
Закон за јадење на света храна
12Тогаш Мојсеј им рече на Арона и на неговите преживеани синови, Елеазар и Итамар: „Земајте од лебниот принос, што ќе остане од Господовите жртви, и јадете го бесквасно покрај жртвеникот, зашто тоа е најсвето. 13Јадете го на свето место; зашто тоа е твој дел и дел на твоите синови од Господовите жртви: така ми е наредено. 14А градите на вртената жртва и плешките на воздигнатата жртва јадете ги: ти и твоите синови и твоите ќерки со тебе, на чисто место; зашто тоа ви е дадено како дел за тебе и како дел за твоите синови од помирителните жртви на Израелевите синови. 15Плешките на воздигнатиот принос и градите на вртениот принос што се донесуваат заедно со лојот, нека бидат вртени пред Господа; тоа да биде вечна уредба за тебе и за твоите синови со тебе, како што заповеда Господ.“
16Потоа Мојсеј го побара јарецот за грев, но ете, беше изгорен. Тој се налути на Елеазар и на Итамар, преживеаните Аронови синови, па рече: 17„Зошто не јадевте жртва за грев на свето место? Зашто таа е најголема светина; и таа ви е дадена за да ги симнувате беззаконијата на општеството и за да се надоместува покривање на гревот. 18Ете, нејзината крв не беше внесена внатре во Светилиштето, а вие бевте должни да ја јадете на свето место, како што ми беше наредено.“ 19А Арон му рече на Мојсеја: „Ете, тие ги принесоа денес својата жртва за грев и својата паленица пред Господа; и тоа се случи со мене! Ако јас денес ја изедам жртвата за грев, дали ќе Му биде угодно тоа на Господа?“ 20Кога Мојсеј го чу тоа, го одобри.

Селектирано:

ЛЕВИТ 10: MKB

Нагласи

Сподели

Копирај

None

Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се