Лого на YouVersion
Икона за пребарување

ЛЕВИТ 11

11
Закон за чисти и нечисти животни
1Господ им рече на Мојсеја и Арона: 2„Кажете им на Израелевите синови вака: ‘Еве ги животните што од сите четвороношци можете да ги јадете: 3секое што има копита, но раздвоени копита и што прежива, можете да го јадете. 4Но овие, иако преживаат или имаат копита, не смеете да ги јадете: камилата, зашто иако прежива, нема раздвоени копита - нечиста е за вас; 5и зајакот, зашто иако прежива, нема раздвоени копита - нечист е за вас; 6дивиот зајак, иако прежива, нема раздвоени копита - нечист е за вас. 7А свињата, иако има копита, не прежива - нечиста е за вас. 8Не јадете го нивното месо, ниту да се допирате до нивната мрша - тие се нечисти за вас.’
9‘А од сите водни животни можете да ги јадете овие: сѐ што живее во водата, било во морињата, било во реките, а има перки и лушпи, можете да јадете. 10А што нема перки и лушпи во морињата и реките - од сѐ што плива во водата и од сѐ што живее во водата - се нечисти за вас. 11Тие нека се нечисти за вас; не јадете го нивното месо и гнасете се од нивните трупови. 12И така, сѐ што е во водата а нема перки и лушпи нека е одвратно за вас.’
13‘Од птиците нека ви се одвратни овие и нека не бидат јадени - одвратни се: орелот, орелот стрвник и јастребот; 14тетребот и соколот од кој и да е вид; 15гавранот од кој и да е вид; 16нојот, јастребот кокошкар и галебот; ластовичката од сите видови; 17бувот, нуркачот, утот; 18лебедот, неситот и свраката; 19штркот, чапјата од секој вид; пупунецот и лилјакот.’
20‘Сите крилести бубачки што одат на четири нозе нека ви се нечисти! 21Од сите тие крилести бубачки што одат на четири нозе, можете да ги јадете само оние што имаат на своите ножиња листови за да скокаат по земјата. 22Од нив можете да ги јадете: секој вид на скакулците, салемот, арголата и зелените скакулци. 23А сите други крилести бубачки нека ви се одвратни!’
24‘И од нив ќе станете нечисти: кој и да се допре до нивната пцовисаница нека биде нечист до вечерта; 25секој што ќе понесе пцовисаница од нив, нека ја испере својата облека и ќе биде сметан за нечист до вечерта; 26и животните со нераздвоени копита што не преживаат се нечисти за вас, и секој што ќе се допре до нивната мрша, нека биде нечист! 27Сите четвороножни животни, што одат на шепи, нечисти се за вас. Секој што ќе се допре до нивната мрша, нека биде нечист до вечерта. 28А оној што ќе ја понесе нивната мрша, нека ја испере својата облека и нека биде нечист до вечерта. Тие се нечисти за вас.’
29‘Од животните што лазат по земјата нека се нечисти за вас овие: невестулката, глушецот и секој вид гуштери; 30ежот, камелеонот, дождовникот, зелениот гуштер и кртицата. 31Тие животни, од сите што ползат, се нечисти за вас. Секој што ќе ги допре мртви, нека биде нечист до вечерта. 32А врз она на што некое од нив ќе падне мртво, нека биде нечисто: било некаков дрвен предмет или облека, или кожа или мев и секоја работа што се употребува. Секој таков предмет нека се накваси во вода и нека остане нечист до вечерта. Тогаш ќе стане чист. 33Ако падне некое од нив во некаков земјан сад, скрши го; сѐ е нечисто во него. 34А ако капне вода од таков сад на некаква храна, што се јаде, ќе биде нечиста. 35А сѐ врз кое ќе падне нешто од нивниот труп, нека биде нечисто; ако тоа биде печка или огниште, нека бидат разурнати: нечисти се за вас и нека бидат нечисти за вас. 36А изворот или водособиралиштето што држи вода нека бидат сметани за чисти. Но кој ќе допре мрша на животно, нека е нечист. 37И ако нешто од нивната мрша падне на житно семе што ќе биде посеано, тоа останува чисто; 38но ако семето се накваси со вода, а тогаш падне на него нешто од нивната пцовисаница, нека е нечисто за вас.’
39‘Ако пцовиса некое животно што ви служи за храна, оној што ќе се допре до неговата мрша нека биде нечист до вечерта, 40а секој што ќе касне од неговата пцовисаница, нека ја испере својата облека и нека биде нечист до вечерта; а кој ќе го понесе неговиот труп, нека ја испере својата облека и нека биде нечист до вечерта.’
41‘Секое животно, што ползи по земјата, е нечисто за вас; нека не се јаде. 42Ништо што ползи по мевот, ништо што оди на четири нозе или на повеќе нозе - никаков ползач што лази по земјата, не јадете, зашто се одвратни. 43Немојте да се онечистите сами себеси со сите тие лазачи што ползат; не осквернувајте се со нив, за да не станете и вие нечисти заради нив. 44Зашто Јас Господ Сум ваш Бог: осветувајте се да бидете свети, зашто Јас Сум свет! Не валкајте ги вашите души ниту со едно животно што ползи по земјата! 45Да, Јас Сум Господ; ве изведов од Египетската Земја за да ви бидам Бог. И така бидете свети, зашто Јас Сум свет!’
46‘Тоа е закон за добитокот, за птиците и за сите животни, што живеат во водата, и за сите животни што лазат по земјата, 47за да го разликувате нечистото од чистото; и животните, што можат да се јадат, од животните што не смеат да се јадат.’“

Селектирано:

ЛЕВИТ 11: MKB

Нагласи

Сподели

Копирај

None

Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се