ЛЕВИТ 9
9
Жртва за свештеници
1На осмиот ден Мојсеј ги повика Арона и неговите синови и израелевите старешини, 2и му рече на Арона: „Земи едно теле за жртва за грев и еден овен за паленица, двата без недостаток, и принеси ги пред Господа. 3А на синовите Израелеви речи им вака: ‘Земете еден јарец за жртва за грев, теле и јагне годиначе, без недостаток, за паленица; 4а јунец и овен за помирителна жртва за да ги жртвувате пред Господа; најпосле лебен принос, замесен со масло; зашто Господ ќе ви се јави денес.’“ 5Тие доведоа пред Шаторот на средбата што им нареди Мојсеј; сета заедница истапи напред и застана пред Господа. 6„Ова е повелбата - рече Мојсеј - што Господ ја даде. Извршете ја, за да ви се покаже Господовата слава.“ 7Потоа Мојсеј му рече на Арона: „Пристапи кон народот, принеси ја твојата жртва за грев и твојата паленица; и направи покривање на гревот за себеси и народот, и принеси принос од народот, и направи покривање на гревот за него, како што Господ нареди.“
8Арон му пристапи на жртвеникот и закла теле како жртва за својот сопствен грев. 9Ароновите синови му донесоа крв, па го накваси својот прст во крвта и ја стави врз роговите на жртвеникот. Потоа ја излеа другата крв во подножјето на жртвеникот. 10А лојот, бубрезите и мрежичката на црниот дроб од жртвата за грев ги изгоре на жртвеникот, како што Господ му нареди на Мојсеја. 11Месото и кожата ги изгоре во оган надвор од логорот.
12И закла паленица, од која Ароновите синови му ја подадоа крвта. Тој со неа го попрска жртвеникот од сите страни. 13Му ја дадоа и паленицата, дел по дел, а така и главата, и тој ја изгоре на жртвеникот. 14Ги изми внатрешноста и нозете, па и нив ги изгоре на жртвеникот над паленицата.
Жртва за народ
15Потоа принесе принос од народот. Го зеде јарецот за грев што е за народот, го закла и го принесе како жртва за грев, како и поранешната. 16И принесе паленица и ја принесе според уставот. 17И принесе лебен принос, ја наполни раката од него и го изгоре на жртвеникот врз утринската паленица.
18Потоа закла јунец и овен како помирителна жртва од народот. Ароновите синови му ја подадоа крвта, а тој го попрска жртвеникот од сите страни; 19му го дадоа и лојот од јунецот и од овенот, опашката, лојот околу внатрешноста, бубрезите и мрежичката на црниот дроб. 20Откако го положи лојот на градите, го изгоре на жртвеникот. 21А градите и десната плешка ги принесе како вртена жртва пред Господа, како што нареди Мојсеј.
22А Арон ги подигна своите раце кон народот и го благослови. Откако ги принесе: жртвата за грев, паленицата и помирителната жртва, слезе. 23Потоа Мојсеј и Арон влегоа во Шаторот на средбата. Кога излегоа го благословија народот. Господовата слава му се покажа на целиот народ. 24Оган излезе од пред Господа и ги изгоре паленицата и лојта. Целиот народ го виде тоа, воскликна од радост и падна на своето лице.
Селектирано:
ЛЕВИТ 9: MKB
Нагласи
Сподели
Копирај
Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се
The Macedonian Bible: Old and New Testament, Konstantinov
Copyright © 1999, 2004, by Loukas Foundation ®
Used by permission of City Bible Foundation ® All rights reserved worldwide.