ИСУС НАВИН 22
22
ПРОШТАЛНИ БЕСЕДИ НА ИСУС НАВИН
22:1-24:33
А. Слово кон двете половини на племињата
1. Исус Навинов благослов
1Тогаш Исус ги свика синовите Рувимови и Гадови и половината од Манасиевото племе, 2и им рече: „Извршивте сѐ што Мојсеј, Господовиот слуга, ви заповеда, и ме послушавте во сѐ што ви наредив. 3Не ги оставивте своите браќа и покрај долгото војување до денешниот ден, и ги вршевте верно заповедите на Господа, својот Бог. 4Сега Господ, вашиот Бог, им даде мир на вашите браќа, како што им беше ветил. Вратете се сега во своите шатори, во земјата што ви ја даде Мојсеј, Господовиот слуга: во наследство од онаа страна на Јордан. 5Само внимавајте да ги исполнувате заповедите и Законот што ви го даде Мојсеј, Господовиот слуга: да Го љубите Господа, својот Бог, да одите секогаш по неговите патишта, да ги чувате Неговите заповеди, да се држите покрај Него и да Му служите со сето срце и со сета душа.“ 6И Исус ги благослови и ги отпушти, а потоа тие се вратија во своите шатори.
7Мојсеј ѝ беше дал на едната половина од Манасиевото племе наследство во Васан; а на другата половина Исус ѝ го даде среде нивните браќа западно од Јордан. Отпуштајќи ги во нивните шатори, Исус ги благослови: 8и им рече: „Вратете се во своите шатори со големо богатство и со многу добиток, со сребро, и со злато, со бронза, со железо и со облеки во изобилство, и поделете го пленот од своите непријатели со своите браќа.“ 9Се вратија Рувимовите синови и Гадовите синови и половината од Манасиевото племе; си отидоа од Израелевите синови во Сило, во Ханаанската Земја, да тргнат за Галадската Земја, во своето наследство што го зазедоа како што им заповеда Господ преку Мојсеја.
2. Жртвеник крај Јордан
10Кога стигнаа до јорданското подрачје во Ханаанската Земја, Рувимовите синови, Гадовите синови и половината од Манасиевото племе подигнаа жртвеник при Јордан, голем жртвеник, што се гледаше оддалеку. 11Израелците чуја како што се зборува: „Еве, Рувимовите синови, Гадовите синови и половината од Манасиевото племе подигнаа жртвеник спроти Ханаанската Земја, при Јордан, на израелската страна.“ 12На тоа се собра сета заедница на Израелевите синови во Сило за да тргнат во бој против нив.
13Израелците им ги испратија, на Рувимовите синови, на Гадовите синови и на половината на Манасиевото племе: Финес, синот на свештеникот Елеазар, 14и со него десет кнезови, по еден родовски главатар од секое Израелево племе, а секој од нив беше главатар на татковиот дом меѓу илјадници Израелеви семејства. 15И кога тие дојдоа при Рувимовите синови, при Гадовите синови и при половината од Манасиевото племе во галадската земја, им рекоа: 16“Еве што вели за вас сета Господова заедница: ‘Што значи престапот што го правите против Господа, Израелевиот Бог? Зашто се одвративте денес од Господа и, подигнувајќи жртвеник, зашто се буните против Господа? 17Зар не ви е доста злосторот од Фегор, од кого уште не се очистивме до денешен ден и заради кого дојде помор врз Господовата заедница? 18Ако денес се одвратувате од Господа и ако се буните денес против Него, не ќе ли се излее утре Неговиот гнев на сета Израелева заедница? 19Или ви е можеби нечиста земјата на вашето наследство? Тогаш преминете во земјата на Господовото наследство, во која е Господовото Престојувалиште, и земете дел меѓу нас. Ама не бунете се против Господа и не бунете се против нас, издигајќи си жртвеник покрај жртвеникот на Господа, нашиот Бог. 20Не направи ли грев сам, Ахан Зариниот син, за „херемот,“ па гневот падна на сета Израелева заедница? Зар не умре заради својата кривица?’“
21Тогаш одговорија Рувимовите синови, Гадовите синови и половината на Манасиевото племе, велејќи им на Израелевите главатари: 22“Бог, Господ Бог, Бог над боговите, Господ знае и Израел нека знае: ако тоа беше побуна или престап против Господа, нека ни ја скрати Својата помош денес; 23ако го подигнавме жртвеникот за да се одвратиме од Господа и за да принесуваме жртви паленици, лебни приноси и помирителни жртви, тогаш Господ нека ни суди! 24Тоа го направивме од грижа и страв и рековме: ‘Еден ден вашите синови ќе им речат на нашите: „Што ви е заедничко со Господа, Израелевиот Бог? 25Зар Господ, Рувимови синови и Гадови синови, не ја стави меѓу вас и нас нашата меѓа Јордан? Вие немате дел во Господа.“ И така вашите синови би можеле да направат нашите синови да се одвратат па да не го почитуваат Господа.’ 26Затоа рековме: ‘Да подигнеме жртвеник, но не за паленици ниту за жртви 27туку за да биде сведоштво меѓу нас и вас, дека сакаме да Му служиме на Господа со наши жртви и со наши благодарности. Така да не можат некогаш вашите синови да им речат на нашите: „Немате дел во Господа.“‘ 28Ако некогаш би ни рекле нам и на нашите потомци, би можеле да одговориме: ‘Погледајте го обликот на Господовиот жртвеник, што го подигнаа нашите татковци, не за паленици ниту за жртви туку за сведоштво меѓу нас и вас.’ 29Ни на крај на паметот не ни е мислата да се буниме против Господа и да се одвратиме од Него подигајќи жртвеник за паленици, за лебни приноси и жртви, освен жртвеникот на Господа, нашиот Бог, што е пред Неговото Живеалиште!“ 30Кога свештеникот Финес, кнезовите на собирот и главатарите на Израелевите илјади, кои беа со нив, ги чуја зборовите што им ги рекоа Гадовите синови, Рувимовите синови и Манасиевите синови, се смирија. 31Тогаш свештеникот Финес, синот Елеазаров, им одговори на Рувимовите синови, на Гадовите синови и на Манасиевите синови: „Сега сознавме дека е Господ меѓу нас, зашто не му изневеривте: така ги запазивте Израелевите синови од Господовата казна.“
32Свештеникот Финес, синот Елеазаров, и кнезовите си отидоа од Рувимовите синови и од Гадовите синови, и се вратија од галадската земја во ханаанската кај Израелевите синови, и им го кажаа одговорот. 33На Израелевите синови им беше мил тој одговор Го фалеа Бога и се откажаа од наумот да удрат против нив и да ја запустат земјата во која живееја Рувимовите синови и Гадовите синови. 34Рувимовите синови и Гадовите синови го нарекоа жртвеникот „Ед“ - „Сведоштво,“ зашто рекоа: „Тоа е сведоштво меѓу нас: Господ е Бог.“
Селектирано:
ИСУС НАВИН 22: MKB
Нагласи
Сподели
Копирај
Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се
The Macedonian Bible: Old and New Testament, Konstantinov
Copyright © 1999, 2004, by Loukas Foundation ®
Used by permission of City Bible Foundation ® All rights reserved worldwide.