Лого на YouVersion
Икона за пребарување

ЈОВ 15

15
В. Втора низа беседи
1. Втора Елифадова беседа
а. Јововите зборови го осудуваат сами
1Тогаш Елифаз Теманецот проговори и рече: 2Зар на празни мисли одговара мудрецот и го полни мевот со источен ветер? 3Зар тој се брани со празни зборови, со беседи што за ништо не користат? 4Ти правиш уште повеќе: го уништуваш стравот од Бога, и ги укинуваш молитвите кон Бога. 5Твоите зборови ја откриваат твојата вина, се послужи со лукав јазик, 6сопствената уста те осудува, не јас, твоите усни сведочат сами против тебе.
б. Јов се заблудува
7Зар си првиот човек кој се родил? Зар дојде на светот пред ридовите? 8Зар ти ги прислушкуваше Божјите тајни, и ја присвои за себе целата мудрост? 9Што знаеш ти, а да не знаеме и ние, што разбираш ти, а да не го сфаќаме тоа? 10Има меѓу нас и седи и стари, што имаат повеќе години од татка ти. 11Зар се премали за тебе Божјите утехи и благите зборови упатени до тебе?
в. Јов е виновен пред Бога
12Зошто твоето срце така слепо те гони и зошто така диво превртуваш со очите? 13Штом против Бога својот дух го свртуваш, одма од устата ти излегуваат такви зборови! 14Што е човекот за да може да биде чист? Зар некој роден од жена е праведен? 15Ете, Тој не се доверува ни на светците, за Неговото око ни небесата не се чисти, 16а камоли тоа гадно и бунтовно суштество, човекот, кој пие неправда, како вода!
г. Крајот на нечесниот
17Сега, послушај ме мене, сакам да те поучам, сѐ што сум видел, сакам да ти раскажам, 18она што мудреците кажуваа, не криејќи го она, што го примија од предците, 19на кои им беше дадена оваа земја, врз која туѓинец никогаш не стапнал. 20„Нечесниот се измачува во сиот свој век, на насилникот годините му се веќе доброени. 21Крик на ужасот постојано му се во ушите, додека мирува, врз него напаѓа истребител. 22Не се надева дека ќе им избега на темнините и знае добро дека му е наменет на мечот. 23Тој скита наоколу за леб, велејќи, каде е? тој знае дека му наближува денот на темнината. 24Немир и неволја го заплашуваат, се нафрлаат врз него, како цар приготвен за бој. 25Тој подигаше рака против Бога, се осмелуваше да Му се противи на Сѐсилниот! 26Со горделиво чело се спушти кон Него, добро засолнет зад дебел штит. 27Лицето му беше покриено со маст, и го направи да е здебелен својот крст. 28Се насели во разурнати градови и се настани во напуштени куќи. Ќе се урне она што создаде за себе. 29Нема да му цвета богатството, туку ќе се растури, неговата сенка нема да се шири по земјата. 30Тој веќе нема да ѝ избегне на темнината, оган ќе ги спржи неговите младици, ќе го снема во здивот на пламена уста. 31Нека не се надева на својата суета, зашто празнота ќе му биде сета награда. 32Пред време ќе овенат неговите младици, неговите гранки никогаш нема да се раззеленат. 33Како лозницата ќе го стресува својот незрел грозд, како маслинката ќе ги исфрли цветовите. 34Да, јалово е безбожничкото колено, и огнот го голта шаторот на поткупливите. 35Кои зачнуваат зло, раѓаат несреќа и носат измама во својата утроба.“

Селектирано:

ЈОВ 15: MKB

Нагласи

Сподели

Копирај

None

Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се