ЈОВ 14
14
е. Јов Му се обратува на Бога
1„Човек кого жена го родила е кусовечен и полн со неволји. 2Како цвет никне и веќе венее, бега како сенка, не застанувајќи. 3Зар ги отвораш очите врз таков и го изведуваш на суд пред Тебе? 4Кој ќе извлече чисто од нечисто? Никој! 5Зашто неговите денови се доброени, од Тебе зависи бројот на неговите месеци, кога му поставуваш непреминлива граница. 6Симни го од него погледот за да може да почине, како наемникот што го довршува својот ден. 7Па ни на дрвото не му пропадна сета надеж, пресечено, тоа пак раззеленува и нови младици никнуваат од него. 8Ако неговиот корен и остарее во земјата, ако неговата пенушка се исуши во прав, 9штом ќе почувствува вода, тоа ќе распапи и ќе пушти гранки како ново стебло. 10Но кога човекот умре, останува покосен, кога смртникот издивне, каде е тој тогаш? 11Сета вода од морето може да испари, и да секнат реките, да пресушат сосем, 12но човекот кога ќе легне, не станува веќе, додека се небесата, не ќе се крене. 13О, кога би сакал да ме скриеш во Шеолот, да ме засолниш додека не Ти помине гневот, да ми определиш рок, кога ќе си спомниш за мене! 14Зашто, кога човекот умре, зар може да оживее? Би те чекал во сите денови на своето војување, додека не дојдеш да ми дадеш смена. 15Би ме повикал, а јас би се одѕвал; имаш желба за делото на Своите раце. 16А сега дебнеш над секој мој чекор, не сакаш да ми простиш ниеден грев, 17го запечати мојот престап во вреќа и ја криеш сета моја вина. 18Навистина! Како што еднаш се урна планината, како што стената се одмести од своето место, 19како што водата со време, го рони каменот, а поројниот дожд со буица ја испира сета земја, така ја уништуваш надежта во човекот. 20Го притеснуваш - тој си оди засекогаш со изменето лице, го испраќаш. 21Му ги почитуваат децата - за тоа ништо не знае; ако се презрени не размислува за тоа. 22Тој единствено страда заради своето тело, тој единствено тагува заради својот живот.“
Селектирано:
ЈОВ 14: MKB
Нагласи
Сподели
Копирај
Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се
The Macedonian Bible: Old and New Testament, Konstantinov
Copyright © 1999, 2004, by Loukas Foundation ®
Used by permission of City Bible Foundation ® All rights reserved worldwide.