Лого на YouVersion
Икона за пребарување

ИСАИЈА 38

38
В. Болест и оздравување на Езекија
1. Езекиева молитва и Божји одговор
1Во она време Езекија смртно се разболе. Пророкот Исаија, синот Амосов, му дојде и му рече: „Вака вели Господ: ‘Среди ја својата куќа, зашто ќе умреш, не ќе оздравиш.’“ 2Езекија се сврте кон ѕидот и вака Му се помоли на Господа: 3„Ах Господи, спомни си дека пред Тебе одев верно и со чесно срце, и дека го направив тоа што е добро во Твоите очи.“ И Езекија почна да плаче горко. 4Тогаш Му дојде Господовото слово на Исаија: 5„Отиди и речи му на Езекија: ‘Вака вели Господ, Бог на твојот татко Давид: „Ја послушав твојата молитва, ги видов твоите солзи. Ќе те излечам; по три дни ќе влезеш во Господовиот Дом. Ќе му додадам на твојот век петнаесет години. 6Ќе ве избавам и тебе и овој град од рацете на асирскиот цар. Да, ќе го заштитам овој град!“‘ 7Исаија одговори: „Еве ти знак од Господа дека ќе направи како што рече: 8сенката што слегла по степените на Ахазовиот сончаник ќе ја вратам за десет степени назад.“ И сонцето се врати за десет степени назад од степените по кои веќе беше слегло.
2. Езекиева фалбена песна
9Песна на Езекија, јудејски цар, кога се разболе па оздраве од својата болест: 10Говорев: „На пладне на своите денови јас треба да заминам. При вратите на Подземјето ми е одредено место за остатокот на моите денови.“ 11Зборував: „Не ќе Го видам веќе Господа во земјата на живите, не ќе видам веќе никого од жителите на овој свет. 12Моето живеалиште е изместено, фрлено е далеку, како пастирски шатор; како ткајач го намота мојот живот за да ме скинеш од основата. Од утрото до ноќта ќе ме докрајчиш, 13викам сѐ до утрото; како лав Тој ги крши моите коски, од утрото до мракот ќе ме докрајчиш. 14Како ластовичка јас цивкам, барам помош како гулабица, моите очи гледаа кон небото, Господи, во неволја сум, спаси ме. 15Како ќе Му зборувам и што ќе Му речам? Па Тој е кој дејствува. Ќе одам смирено во текот на сите мои години, иако со горчина во душата. 16Господи, моето срце ќе живее за Тебе и ќе живее мојот дух. Ти ќе ме излечиш и ќе ми го вратиш животот, 17болеста ќе ми се претвори во здравје. Ти ја спаси мојата душа од јамата на уништувањето, сите мои гревови ги фрли зад плеќи. 18Зашто Подземјето не Те слави, смртта не Те фали; оние кои ќе паднат во ровот, не се надеваат повеќе во Твојата верност. 19Живиот, живиот, единствено тој Те слави, како јас денес. Таткото ќе ги поучува синовите во Твојата верност. 20Господи, спаси ме, и ние ќе пееме со харфите, во сите денови на својот живот, во Господовиот Дом. 21Исаија наложи: „Донесете облог од смокви, преврзете го на неговиот чир, и тој ќе оздрави.“ 22Езекија праша: „По кој знак ќе препознам дека ќе влезам во Господовиот Дом?“

Селектирано:

ИСАИЈА 38: MKB

Нагласи

Сподели

Копирај

None

Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се