Лого на YouVersion
Икона за пребарување

ИСАИЈА 37

37
Б. Божји одговор на Сенахирим
1. Езекија бара од Исаија да Му се помоли на Бога
1Откако го слушна тоа, царот Езекија ги скина своите облеки се облече во вреќиште и отиде во Господовиот Дом. 2Потоа ги испрати Елијакима, управителот на дворецот, царскиот писар Сомна и свештеничките старешини, облечени во вреќишта, при пророкот Исаија, синот Амосов. 3Тие му рекоа: „Вака вели Езекија: ‘Ова е ден на неволја, казна и хулење: децата стасаа до породување, а нема сила за да се родат. 4Можеби Господ, твојот Бог, ги чу зборовите на големиот пехарник кого асирскиот цар, неговиот господар, го испрати да Го хули живиот Бог, и можеби Господ твојот Бог, ќе ги казни зборовите што ги чу! Подигни глас за молитва за Остатокот што уште остана!’“
2. Прв одговор за избавување
5Кога слугите на царот Езекија стигнаа кај Исаија 6тој им рече: „Кажете му на својот господар: ‘Вака вели Господ: „Не бој се од зборовите што ги чу кога Ме хулеа слугите на асирскиот цар. 7Еве, Јас вдахнав во него дух, и кога ќе чуе една вест, ќе се врати во својата земја. И ќе направам да загине од меч во својата земја.“‘“
3. Хула на асирскиот цар
8Големиот пехарник се врати и го најде асирскиот цар како ја опсадува Ливна, зашто беше чул дека царот замина од Лахис. 9Имено чул дека Тирак, етиопскиот цар, завојувал против него. Тогаш тој повторно испрати пратеници да му кажат на Езекија: 10„Речете му вака на јудејскиот цар Езекија: ‘Нека не те измамува Твојот Бог, во Кого се надеваш, велејќи ти: „Ерусалим нема да падне во рацете на асирскиот цар.“ 11Ти знаеш што им направија асирските цареви на сите земји откако ги предадоа на проклетство! А ти ли ќе се спасиш? 12Дали боговите ги спасија народите кои ги уништија, моите татковци: Госанците, Харанците, Ресефците и Еденовците, во Теласар? 13Каде е ематскиот цар, арфадскиот цар, царот на градот Сефарвим, на Ена и Ава?’“
4. Езекиева молитва кон Господа
14Езекија го прими писмото од раката на посланикот и го прочита. Потоа влезе во Господовиот Дом и го одвитка таму пред Господа. 15И Езекија Му се помоли на Господа вака: 16„Господи над Воинствата, Израелев Боже, Кој седиш меѓу херувимите, Ти си единствениот Бог над сите царства на земјата, Ти ги создаде небото и земјата. 17Приклони го увото, Господи, и чуј! Отвори ги очите, Господи, и види! Чуј ги Сенахировите зборови, што ги испрати за да Го похули живиот Бог. 18Вистина е, о Господи, дека асирските цареви ги сотреа сите народи и нивните земји; 19им ги фрлија во оган боговите, зашто не беа богови тоа, туку дела на човечките раце од дрво и затоа ги уништија. 20А сега, Господи, Боже наш, избави нѐ од неговата рака, за да сознаат сите царства на земјата дека си Ти, Господи, Единствен Бог!“
5. Втор одговор: Сенахиров пораз
21Тогаш Исаија, синот Амосов, му порача на Езекија: „Вака вели Господ, Израелевиот Бог: ‘Ја послушав молитвата што ми ја упати заради Сенахирим, асирскиот цар. 22Еве ги зборовите што Господ ги изговори против него: „Те презира, ти се потсмева, девицата Сионската Ќерка; по тебе мавта со главата Ерусалимската Ќерка. 23Кого го навредуваше, го хулеше? На кого викаше гласно, креваше горделив поглед? На Израелевиот Светец! 24Преку своите слуги Го навредуваше Господа. Велеше: ‘Со мноштво коли јас се искачив на врвот на горите, на највисоките врвови на Ливан. Јас му ги исеков највисоките кедри и најубавите чемпреси. Достигнав до неговиот највисок врв и до неговата гораста градина. 25Копав и пиев туѓи води; тогаш со стапалата ги исушив сите египетски реки.’ 26Слушаш ли добро? Одамна го одредив тоа, го смислував од старини. Сега го остварувам тоа: на тебе е да ги претвориш тврдите градови во урнатини; 27нивните жители, немоќни, исплашени и збунети, беа како трева во полето, како младо зеленило, како трева врз покривите, спалена од источниот ветер. 28Знам кога се креваш и кога седнуваш, кога излегуваш и кога се враќаш. 29Зашто беснееше против Мене и бидејќи твојот бес стигна до Моите уши, ќе ти провнам прстен низ носалките, ќе ти ставам узди во устата, ќе те вратам по патот по кој што дојде!“‘
30„А ова нека ти биде знак: Во оваа година ќе се јаде тоа што самото ќе расцвета, догодина тоа што ќе никне само, а на третата година сејте и жнејте, садете лозја, јадете им го родот. 31Преживеаните од Јудината куќа ќе пуштат жили во длабочина, ќе родат плод во височина. 32Зашто од Ерусалим ќе излезе Остатокот, спасените од Сионската Гора. Сето тоа ќе го направи ревноста на Господа над Војските.
33Затоа Господ зборува вака за асирскиот цар: ‘Тој нема да влезе во овој град, ваму нема да ги фрла своите стрели, кон него нема ни штит да заврти, ниту ќе копа насипи околу него. 34Ќе се врати по патот по кој и дојде, нема да влезе во овој град - слово е Господово. 35Ќе го штитам овој град, ќе го закрилувам, заради Себе и заради Својот слуга Давид.’“
6. Исполнување на Божјо ветување
36Тогаш Господов ангел излезе и погуби во асирскиот логор сто осумдесет и пет илјади луѓе. Наутро, кога требаше да се стане, ете, таму беа сѐ само мртовци. 37Сенахирим го крена логорот и си отиде. Се врати во Нинива. 38Еден ден додека се поклонуваше во храмот на својот бог Нисрок, неговите синови Адрамелех и Сарасар го убија со меч и избегаа во Араратската Земја. На неговото место се зацари неговиот син Есарадон.

Селектирано:

ИСАИЈА 37: MKB

Нагласи

Сподели

Копирај

None

Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се