Лого на YouVersion
Икона за пребарување

ИЗЛЕЗ 23

23
Закони за праведност
1„Не давај лажни изјави! Не помагај му на злосторникот сведочејќи криво! 2Не се поведувај по мноштвото, за да правиш зло; ниту сведочи во парницата застанувајќи на страната на мнозинството против правдата. 3Не смееш да бидеш пристрасен кон сиромавиот во неговата парница. 4Ако сретнеш заскитано говедо или осле на својот непријател, треба да му го доведеш назад. 5Ако го забележиш ослето, на оној кој те мрази, како паднало под својот товар, не го оставај: треба да му помогнеш да се крене заедно со неговиот господар.
6Не оштетувај ги правата на својот сиромав во неговата парница. 7Стој далеку од лажно обвинение; не убивај го невиниот и праведниот, зашто Јас не им проштавам на злочинците. 8Не примај поткуп, зашто поткупот ги заслепува и оние кои гледаат најјасно и го упропастува правото на праведникот. 9Не угнетувај го придојдениот! Па знаете како му е на придојденикот, и самите бевте придојденци во Египетската Земја.“
Закони за седмиот ден и седмата година
10„Шест години сеј ја својата земја и собирај ги нејзините плодови, 11а на седмата година остави ја да почива необработена. Нека се хранат од неа бедните на твојот народ, а што ќе ѝ остане нејзе, нека го изедат полските животни. Работи така и со своето лозје и со својата маслинова градина. 12Шест дена врши ја својата работа, ама на седмиот ден откажи се од своите работи, за да ти се одморат волот и ослето и за да здивнат синот на твојата слугинка и придојденикот. 13Внимавајте на сѐ што ви реков. Не спомнувајте имиња на други богови. Тоа нека и не се чуе од твојата уста.“
Закони за три празници
14„Трипати годишно одржувај свеченост во Моја чест. 15Слави го Празникот на бесквасниот леб. Во одредено време во месецот Авив - зашто во него излезе од Египет - седум дена јади бесквасен леб, како што ти наредив. Нека никој не истапува пред Мене со празни раце! 16Потоа слави го Празникот на жетвата - на првините што ги донесуваат полињата, кои ги засејуваш. Потоа Празникот на бербата на крајот на годината, кога ги прибираш од полето плодовите на својот труд. 17Трипати годишно сите твои машки нека стапат пред Господа. 18Крвта на жртвата, што ја жртвуваш во Моја чест, не ја принесувај со стасан леб; не ја оставај за утреден масата од жртвата принесена во Моја чест.
19Донесувај во домот на Господа, својот Бог, најдобри првини од својата земја. Не вари го јарето во млекото на неговата мајка.“
Ветувања за Ханаанската Земја
20„Еве, го испраќам Својот ангел пред тебе, да те чува патем и да те доведе во местото што ти го приготвив. 21Почитувај го и слушај го! Не буни се против него, зашто нема да ви ги опростува прекршоците: па Моето име е во него.
22Ако му се покоруваш верно и ако вршиш сѐ што Сум наредил, Јас ќе им бидам непријател на твоите непријатели и противник на твоите противници. 23Мојот ангел ќе врви пред тебе и ќе те доведе до Аморејците, Хетејците, Ферезејците, Хананците, Евејците и Евусејците, за да ги уништам. 24Немој да им се клањаш на нивните идоли ниту им искажувај почитување; не постапувај како што прават тие, туку сруши им ги нивните идоли и искрши им ги столбовите. 25Искажувајте Му почитување на Господа, својот Бог, па ќе ги благословувам твојот леб и твојата вода и ќе ја отстранам болеста од тебе. 26Во твојата земја ќе нема пометнувачка; Јас ќе го направам полн бројот на твоите денови. 27Пред тебе ќе го испратам Својот страв; во безредие ќе го фрлам сиот свет, среде кој ќе дојдеш, и ќе направам сите твои непријатели да бегаат пред тебе. 28Ќе испраќам стршели пред тебе, за да ги истераат пред тебе Евејците, Хананците и Хетејците. 29Не ќе ги истерам пред тебе за една година, за да не опусти земјата и за да не се намножат дивите животни на твоја штета. 30Ќе ги терам пред тебе малку по малку додека ти порасте потомството, така што ќе ја заземеш земјата. 31Ќе ти поставам граница: од Црвеното до Филистејското Море, од пустината па до Реката. Имено, ќе ги предадам жителите на земјата во твоите раце, а ти терај ги пред себе. 32Не прави завет ни со нив ниту со нивните идоли. 33Нека не останат во твојата земја, за да не те наведуваат на грев против Мене. Ако би ги почитувал нивните идоли, тоа би било стапица.“

Селектирано:

ИЗЛЕЗ 23: MKB

Нагласи

Сподели

Копирај

None

Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се