Лого на YouVersion
Икона за пребарување

ИЗЛЕЗ 22

22
1„Ако некој украде говедо или животинче од ситниот добиток, па било да го заколе, било да го продаде, тогаш за едно говедо да се вратат пет говеда, а за ситно животинче четири ситни добичиња. 2Ако крадецот биде затекнат како го пробива ѕидот, па му биде зададен смртоносен удар, неговата крв не треба да биде одмаздувана. 3Но ако е сонцето веќе изгреано, неговата крв треба да биде одмаздена. Крадецот треба да ја надомести штетата. Ако нема ништо, тој треба да биде продаден за неговата кражба. 4Ако се најде украденото животно живо во неговата сопственост - говедо, осле или некоја глава ситен добиток - треба да плати двојно.“ 5„Кој опусти нива или лозје, пуштајќи го својот добиток да испасе и да избрсти туѓо, нека надомести со тоа што ќе најде најубаво во својата нива и во своето лозје.
6Кој запали оган па тој ги зафати трњето и изгори житото во снопје, во класот или на нивата, оној што го запали огнот треба да ја надомести штетата. 7Кога некој ќе остави кај познат пари или работи на чување, па бидат украдени од неговата куќа, ако крадецот биде најден, треба да плати двојно. 8Ако крадецот не биде најден, сопственикот на куќата нека се изведе пред судиите, за да се докаже како тој не ги спуштил своите раце врз имотот на својот ближен.
9За секој прекршок на проневера - без оглед дали се работи за говедо, осле, ситен добиток, облека, или за која и да е изгубена работа за која се тврди: тоа е она! - спорот треба да биде изнесен пред судиите. Оној кого судиите ќе го прогласат за виновен нека му плати на другиот двојно. 10Кога некој ќе довери на својот сосед: говедо, глава добиток, или какво и да е животинче, па тоа пцовиса, или се рани или некој го одвел, а да нема сведок, 11заклетвата пред Господа нека одлучи меѓу двајцата дали чуварот посегна или не по имотот на својот ближен. Тоа нека му е достатно на сопственикот, а чуварот не е должен да надоместува. 12Ако се најде дека тој го украл, треба да ја надомести штетата. 13Ако ѕвер го раскина, нека го донесе за доказ, така што нема да даде оштета за раскинатото.
14Кога некој позајми од својот сосед добиче на услуга, па тоа се рани или пцовиса додека сопственикот не беше со него, нека плати оштета. 15Ако сопственикот беше со него, не му дава оштета; ама ако беше позајмено за орање, нека дојде по својата надница.“
16„Ако некој заведе девојка, која не е свршена, и легне со неа, нека даде за неа откуп за женачка и нека ја земе за жена. 17Ако нејзиниот татко одбие да му ја даде, заведникот треба да измери сребро во вредност на откупот за женење за девојката.“
Престапи казнувани со смрт
18„Не дозволувај да живее вражалка! 19Секој што ќе легне со добиток, треба да биде казнет со смрт. 20Кој ќе принесе жртва на кој и да е идол - освен на единствениот Бог - нека биде предаден на проклетството, целосно уништен.“
21„Не го угнетувај придојденецот ниту му нанесувај неправда, зашто и самите бевте придојденци во Египетската Земја. 22Не ги расплачувајте вдовиците и сираците! 23Ако ги расцвилиш и тие извикаат кон Мене, задолжително ќе го послушам нивниот вик. 24Ќе се распали Мојот гнев, и ќе ве погубам со меч, така вашите жени ќе останат вдовици а децата сирачиња. 25Ако му позајмиш сребро на некој од Мојот народ, на сиромавиот што е кај тебе, не постапувај кон него како заемодавачот! Не му наметнувај данок! 26Ако му ја земеш на својот сосед наметката во залог, треба да му ја вратиш пред зајдисонце. 27Па тоа му е единствената покривка, со која го завиткува своето тело и во која може да легне. Ако извика кон Мене, ќе го послушам, зашто Јас Сум милостив. 28Не хули го судијата и не пцуј го старешината на својот народ. 29Не се двоуми со приносите од своето изобилство од гумното и од својот леб! Дај Ми го Мене првенецот од своите синови. 30Исто направи со своите говеда и со ситниот добиток: нека остане со својата мајка седум денови, а на осмиот ден да Ми го дадеш Мене! 31Бидете народ што Ми е посветен Мене! Затоа не јадете месо од животни растргани од ѕверови, туку фрлете им го на кучињата!“

Селектирано:

ИЗЛЕЗ 22: MKB

Нагласи

Сподели

Копирај

None

Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се