Лого на YouVersion
Икона за пребарување

ИЗЛЕЗ 21

21
Закони за робови
1„Ова се прописите што треба да им ги изложиш: 2Ако купиш еден Евреин за роб, нека служи шест години. На седмата година нека замине, без откупнина, слободен. 3Ако дојде сам, сам и нека си замине; ако е женет, со него нека отиде и неговата жена. 4Ако господарот му набавил жена, па таа му роди било синови било ќерки, и жената и нејзините деца нека му припаднат на нејзиниот господар, а тој нека си отиде сам. 5Ама ако робот изјави отворено: ‘Ги љубам својот господар, својата жена и своите деца, не сакам да бидам слободен,’ 6тогаш неговиот господар нека го доведе при судиите. Кога ќе го доведе до вратата или до столбот на вратата, господарот нека му го дупне увото со шило и нека му остане трајно во служба. 7Кога човек ќе ја продаде ќерка си за робинка, таа нека не се ослободува како и машките робови. 8Ако не му се допадне на својот господар, кој ја одредил за себеси, нека ја остави да се откупи. Нема право да ја продаде на странци, кога не ѝ бил верен. 9А ако ја одреди за својот син, нека постапува со неа како и со ќерка. 10Ако се ожени со друга, не смее на првата да ѝ ги крати: храната, облеката или нејзините брачни права. 11Ако не ѝ ги прави овие три работи, нека е слободна и нека отиде без откупнина.“
Закони за убиство
12„Кој ќе удри човек па го усмрти, нека биде казнет со смрт. 13Ама ако го направил тоа ненамерно, туку Бог пуштил да падне во неговата рака, ќе ти одредам место каде може да побегне. 14Кој намерно ќе се нафрли врз својот ближен и го убие подмолно, одвлечи го и од мојот жртвеник, за да биде погубен.
15Кој ќе ги удри својот татко или својата мајка, нека биде казнет со смрт. 16Кој ќе грабне човек - било за да го продаде, било за да го задржи во своја власт - нека биде казнет со смрт. 17Кој ќе ги проколне татка си или мајка си нека биде погубен.“
Закони за телесни повреди
18„Ако се степаат луѓе, па еден од нив го удри другиот со камен или со рака, ама овој не загине, туку падне во постела, 19но после стане и може да излегува, макар и со стап, тогаш нека му биде простено на оној кој го удрил, само нека му го плати неговиот губиток на времето и му прибави целосно исцелување.
20Ако некој го удри со стап својот роб или својата робинка па умре под неговата рака, треба да ја поднесе одмаздата. 21Но ако робот преживее ден-два, нека не се спроведува одмаздата, зашто робот е негова сопственост. 22Ако се степаат луѓе и удрат трудна жена, па таа пометне, но нема друга штета, тогаш оној кој ја удрил нека ја плати оштетата што ќе ја побара нејзиниот маж. Тој нека плати како што ќе одредат судиите. 23Има ли друго зло, казната нека биде: живот за живот, 24око за око, заб за заб, рака за рака, нога за нога, 25изгореница за изгореница, рана за рана, синило за синило.
26Ако некој ги удри својот роб или својата робинка во око и го упропасти, нека го ослободат заради окото. 27Ако му избие заб на својот роб - или на својата робинка - нека го ослободи заради забот.
28Кога вол боцне маж или жена па ги усмрти, нека се каменува со камења. Тогаш неговото месо не смее да се изеде, а на неговиот сопственик нека му биде простено. 29Ама ако тоа добиче боцкаше и пред тоа, а неговиот сопственик, иако опоменуван, не го чувал, па тоа усмрти маж или жена, тоа добиче нека биде каменувано; а и неговиот сопственик има да биде погубен. 30Ако на сопственикот му биде одредена откупна цена, за да го откупи својот живот, нека плати колку ќе му се одреди. 31Ако волот убоде дете или девојче нека се постапи со него исто според ова правило. 32Ако боцне роб или робинка, нека сопственикот им исплати на нивниот господар триесет сребрени сикли, а добичето нека биде каменувано.
Закони за сопственост
33Ако некој остави отворена јама, или некој ископа кладенец и не го покрие, па во него падне добиче или осле, сопственикот на кладенецот ќе даде надомест: 34нека му исплати на сопственикот со сребро, а пцовисаното животно нека му припадне нему. 35Кога нечиј вол боцне вол на друг па тој пцовиса, тогаш нека го продадат живиот вол, а добиените пари нека ги поделат; и пцовисаното добиче нека го поделат меѓу себе. 36Ама ако се знае дека тој вол боцкал и порано, а неговиот господар не го чувал, тогаш треба да надомести вол за вол, додека пцовисаното животно ќе биде негово.“

Селектирано:

ИЗЛЕЗ 21: MKB

Нагласи

Сподели

Копирај

None

Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се