Лого на YouVersion
Икона за пребарување

ИЗЛЕЗ 20

20
Десет Заповеди
1Тогаш Бог ги изговори сите овие зборови: 2„Јас Сум Господ, твој Бог, Кој те изведе од Египетската Земја, од куќата на ропството. 3Не ќе имаш никакви други богови покрај Мене. 4Не ќе си правиш врезан лик, ниту некаква слика на она што е горе во небото, или долу на земјата, или во водата под земја. 5Не ќе им се поклонуваш ниту ќе им служиш, зашто Јас, Господ, твојот Бог, Сум ревнив Бог. Ја посетувам неправдата на татковците - на оние кои Ме мразат - на децата до третото и четвртото поколение, 6а покажувам милости на илјадници, кои Ме љубат и ги пазат Моите заповеди. 7Не ќе го изговараш напразно името на Господа, твојот Бог, зашто Господ не ќе го остави неказнет оној кој го зема напразно Неговото име. 8Помни го саботниот ден, за да го осветуваш. 9Шест дена ќе работиш и ќе ги вршиш сите свои работи. 10А седмиот ден е сабота Господова, на твојот Бог. Тогаш никаква работа не ќе работиш: ни ти, ниту твојот син, ниту твојата ќерка, ни твојот слуга, ниту твојата слугинка, ниту твојот добиток, ниту странецот што е внатре во твоите порти. 11Зашто во шест денови Господ ги направи небото и земјата, морето и сѐ што е во нив, а на седмиот ден се одмори. Затоа Господ го благослови и го освети саботниот ден.
12Почитувај ги твојот татко и твојата мајка, за да ти се продолжат дните на земјата, која ти ја дава Господ, твојот Бог.
13Не ќе убиваш!
14Не ќе прељубодејствуваш!
15Не ќе крадеш!
16Не ќе сведочиш лажно против твојот ближен!
17Не ќе го посакуваш домот на твојот ближен! Не ќе ги посакуваш: жената на твојот ближен, ни неговиот слуга, ниту неговата слугинка, ни неговиот вол, ниту неговото осле, ни што и да е што му припаѓа на твојот ближен!“
18Целиот народ беше сведок на грмењето и светкањето, сите го чуја звукот на трубата и видоа како се дими гората: гледаа и трепереа и стоеја подалеку. 19Тогаш му рекоа на Мојсеја: „Зборувај ни ти, а ние ќе слушаме. Нека не ни зборува Господ, за да не изумреме!“ 20„Не бојте се - му рече Мојсеј на народот. Зашто Бог дојде да ве испита; за да остане со вас стравот пред Него, па да не згрешите.“
Закони на Заветот
21Народот остана подалеку, а Мојсеј му пристапи на густиот облак, каде се наоѓаше Бог. 22„Речи им вака на Израелците - му проговори Господ на Мојсеја. ‘Сами видовте дека зборував со вас од небото. 23Не правете покрај Мене идол од сребро, ниту правете си идол од злато. 24Направи ми жртвеник од земја и принесувај ми ги врз него своите жртви паленици и жртви благодарници, својот ситен и својот крупен добиток. На секое место што ќе го одредам да се спомнува Моето име, Јас ќе дојдам кај тебе, за да те благословам. 25Ако ми изградиш каменен олтар, не го гради од делкан камен, зашто штом врз него ќе го спуштиш своето длето, ќе го оскверниш. 26Не се искачувај на Мојот жртвеник по стапалата, за да не се открие твојата голотија на него.’“

Селектирано:

ИЗЛЕЗ 20: MKB

Нагласи

Сподели

Копирај

None

Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се