Лого на YouVersion
Икона за пребарување

ИЗЛЕЗ 14

14
Преминување низ Црвеното Море
1Господ му рече на Мојсеја: 2„Речи им на Израелците да се вратат и да се влогорат пред Пи-Аирот, меѓу Мигдол и морето, спроти Вел-Сефон. Настанете се спроти ова место, покрај морето. 3Фараонот ќе рече: ‘Израелците скитаат низ крајот ваму-таму; пустината ги затвори.’ 4Јас ќе го закоравам срцето на фараонот, и тој ќе тргне во потера по нив. Но Јас ќе се прославам над фараонот и над целата негова војска. Така Египетците ќе сознаат дека Сум Јас Господ.“ Израелците сторија така. 5Кога на египетскиот цар му рекоа дека народот избега, фараонот и неговите дворјани се премислија за народот. „Зошто го сторивме ова! - рекоа - Ги пуштивме Израелците, и веќе нема да ни служат.“ 6Затоа фараонот ја опреми својата кола и ја поведе својата војска. 7Зеде шест стотини избрани свои коли и други коли од Египет. И во сите беа штитоносци. 8Господ го закорави срцето на фараонот, египетскиот цар, па тој тргна во потера по Израелците, кои заминаа со издигнати тупаници. 9И така, Египетците тргнаа во потера по нив. И додека Израелците беа влогорени покрај морето, близу Пи-Аирот, спроти Вел-Сефон, ги стигнаа сите фараонови коњи впрегнати во колите, неговите коњаници и неговата војска. 10Кога фараонот се приближи, Израелците погледнаа и забележија дека Египетците се во потера по нив, па ги опфати голем страв. И Израелците извикаа кон Господа: 11„Зар немаше гробови во Египет - му рекоа на Мојсеја - па нѐ извади да изумреме во пустината? Каква услуга ни направи што нѐ изведе од Египет! 12Зар не ти го рековме токму ова во Египет: ‘Пушти нѐ! Ќе им служиме на Египетците!’ Подобро ни е и ним да им служиме отколку да загинеме во пустината.“ 13„Не бојте се! - му рече Мојсеј на народот. Стојте цврсто и ќе видите што ќе стори Господ, за да ве спаси денес: Египетците што ги гледате денес, никогаш веќе не ќе ги видите. 14Господ ќе се бори за вас. Бидете мирни!“ 15„Зашто викате кон Мене! - му рече Господ на Мојсеја. Речи им на Израелците да тргнат на пат. 16А ти поткрени го стапот, испружи ја својата рака над морето и раздели го надве, за да можат Израелците да поминат низ морето по суво. 17Јас ќе го закоравам срцето на Египетците, и тие ќе тргнат по вас, а Јас ќе се прославам тогаш над фараонот и над неговите војници, над неговите коли и коњаници. 18Нека знаат Египетците дека Јас Сум Господ, кога ќе се прославам над фараонот, над неговите коли и над неговите коњаници.“
19Божјиот Ангел, кој одеше на чело на израелските чети, го смени местото и им застана зад плеќите. А и облачниот столб се помести од пред нив и им застана зад плеќите. 20Се смести меѓу египетската војска и израелската војска и им стана на оние темен облак, а на овие им ја осветлуваше ноќта, така што не можеа да им се приближат едни на другите цела ноќ.
21Мојсеј ја држеше раката протегната над морето, додека Господ, цела ноќ, ги валаше водите со силен источен ветер и го пресуши морето. Кога водите се раздвоија, 22Израелците слегоа во морето на исушеното дно, а водите стоеја како прегради оддесно и одлево. 23Египетците: сите фараонови коњи, колите и коњаниците, навлегоа по нив во морето, во потера. 24При утринската стража, Господ погледна од огнениот и облачниот столб на египетската војска и создаде смут во неа. 25Ги закочи тркалата на нивните коли, така што едвај се движеа напред. „Да бегаме од Израелците! - извикаа Египетците - зашто Господ се бори за нив против Египетците!“ Тогаш Господ му рече на Мојсеја: 26„Протегни ја раката над морето, за да се вратат водите врз Египетците, врз нивните коли и коњаници.“ 27Мојсеј ја испружи раката над морето, и во самите мугри морето се врати во своето корито. Бидејќи Египетците, бегајќи, трчаа кон морето, Господ ги фрли главечки среде водите. 28Така водите, слевајќи се назад, ги потопија колите, коњаниците, и целата фараонова војска, што беше тргнала во потера по Израелците во морето. И не остана ниту еден од нив. 29А Израелците одеа по суво среде морето, водата им стоеше како ѕид оддесно и одлево.
30Така Господ, во оној ден, го избави Израел од египетските раце, и Израел ги виде Египетците мртви на морскиот брег. 31Израел ја виде големата сила што Господ ја покажа над Египетците. Народот се исплаши од Господа, и им поверува на Господа и на неговиот слуга Мојсеј.

Селектирано:

ИЗЛЕЗ 14: MKB

Нагласи

Сподели

Копирај

None

Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се