Лого на YouVersion
Икона за пребарување

ИЗЛЕЗ 15

15
Мојсеева песна
1Тогаш Мојсеј, со Израелците, ја запеа оваа песна во слава на Господа: „Ќе запеам во чест на Господа, зашто се прослави, коњот и коњаникот Тој ги фрли во морето. 2Моја сила, моја песна е Господ, зашто стана мој Избавител. Тој е мој Бог, јас ќе Го славам Него, Тој е Бог на мојот татко, Него ќе го возвеличувам. 3Господ е храбар војник, Неговото име е Господ Бог. 4Ја фрли во морето фараоновата кола и неговата војска; цветот на неговите штитоносци Црвеното Море го голтна. 5Брановите ги прекрија; како камен потонаа во морските длабочини. 6Твојата десница, Господи, се прослави со сила; Твојата десница, Господи, го распарчи непријателот. 7Со Своето величество Ти ги оборуваш враговите; го пушташ Својот гнев и тој ги голтнува како слама. 8Од здивот на Твоите носалки надојдоа водите, брановите се издигнаа во ѕид, длабочините се зацврстија во срцето на морето. 9Мислеше непријателот: ‘Ќе ги голтнам, ќе ги стигнам, ќе го поделам пленот, мојата душа ќе биде со него; ќе го извлечам мечот, ќе ги уништам со својата рака.’ 10А ти дувна со Твојот ветер, морето се затвори над нив; како олово потонаа во бездната на силната вода. 11Кој е како Тебе, Господи, меѓу боговите, кој свети како Тебе во светлина, страшен во делата, прекрасен во чудесата? 12Десницата ја испружи и земјата ги голтна! 13Со Својата милост го водеше овој народ, откупен од Тебе, со Својата сила го упати кон Твоето свето живеалиште. 14Штом го чуја тоа, народите се стресоа; маки ги нападнаа Филистејците. 15Ужас ги скрши едомските главатари, трепет ги опфати моавските кнезови и се тресат сите што живеат во Ханаан. 16Страв и трепет ги напаѓаа нив, силата на Твојата рака ги скамени додека, Господи, не помина Твојот народ, додека не помина Твојот народ, кого го откупи. 17Ќе ги доведеш и ќе ги посадиш на Гората на Своето наследство, на местото што Ти, Господи, го направи Свое Живеалиште, Светилиште, о Господи, создадено со Твојата рака. 18Господ ќе царува секогаш и довека.“
Песната на Маријам
19Кога фараоновите коњи, неговите коли и коњаници слегоа во морето, Господ ги врати на нив морските води, откако Израелците поминаа среде море по суво. 20Тогаш Ароновата сестра, пророчицата Маријам, зеде тапанче во раката, а сите жени ѝ се придружија со тапанчиња во рацете и играјќи, 21Маријам им ја отпеа песната: „Запејте Му на Господа, зашто се прослави со слава! Коњот со коњаникот го фрли во морето.“
Горчлива вода претворена во слатка
22Мојсеј ги раздвижи Израелците од Црвеното Море, и тргнаа на пат низ пустината Сур. Патуваа низ пустината три дни, а не најдоа вода. 23Дојдоа до Мера, ама не можеа да пијат вода кај Мера, зашто беше горчлива. Затоа и се вика Мера. 24Народот мрмореше против Мојсеја и зборуваше: „Што ќе пиеме?“ 25А тој Го повика Господа. Господ му покажа едно дрво. Го фрли тој дрвото во водата, и водата стана слатка. Таму Господ им даде закон и право и таму ги стави во искушение. 26Потоа рече: „Ако го слушаш добро гласот на Господа, својот Бог, вршејќи што е право во Неговите очи; ако го насочуваш своето уво кон Неговите заповеди и ги држиш Неговите закони, нема да пуштам на вас никакви болести, што ги пуштив на Египетците. Зашто Јас Сум Господ, твој исцелител.“ 27Потоа стигнаа во Елим, каде имаше дванаесет извори и седумдесет палми. Таму се влогорија, покрај водата.

Селектирано:

ИЗЛЕЗ 15: MKB

Нагласи

Сподели

Копирај

None

Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се