Лого на YouVersion
Икона за пребарување

ИЗЛЕЗ 12

12
Воспоставување на Пасха
1Господ им рече на Мојсеја и Арона во Египетската Земја: 2„Овој месец нека ви биде почеток на месеците; нека ви биде прв месец во годината. 3Објавете ѝ го ова на целата израелска заедница: ‘На десеттиот ден на овој месец секое семејство нека си набави едно живинче. Така, едно на семејство. 4Но ако семејството е премало за да го потроши, тоа нека му се приклучи на својот сосед, на најблиската куќа, според бројот на личностите. Поделете го живинчето според тоа која личност колку може да изеде. 5Живинчето нека биде без недостаток, годиначе и машко. Можете да изберете или јагне или јаре. 6Чувајте го до четиринаесеттиот ден на овој месец. А тогаш нека целата израелска заедница го заколе кога ќе се спушти примракот. 7Нека ја земат крвта и ги попрскаат двата довратници и надвратникот на куќата, во која ќе јадат. 8Месото, печено на оган нека биде изедено во истата ноќ, со бесквасен леб и горчливо зелје. 9Да не јадете ништо сурово од него ниту сварено во вода, туку испечено на оган: со главата, со нозете и со внатрешноста. 10Не смеете ништо да оставите од него за утреден; што и да остане до утрото, треба да го изгорите на оган. 11А јадете го вака: со препашана половина, со обувки на нозете и со стап во раката. Јадете го набрзина: тоа е Господова Пасха. 12Имено во таа ноќ Јас ќе тргнам низ Египетската Земја и ќе ги погубам сите првороденци во Египетската Земја, и на човекот и на животното. Јас, Господ, ќе ги казнам и сите египетски божества. 13Крвта нека ги означува куќите во кои ќе бидете вие. Каде и да забележам крв, ќе поминам покрај вас; така вие ќе го избегнете поморот, кога ќе се нафрлам врз Египетската Земја.’ 14‘Тој ден нека ви биде спомен-ден. Славете го како празник во чест на Господа. Празнувајте го како вечен закон од колено до колено. 15Седум денови јадете бесквасен леб. Веќе на првиот ден отстранете го квасот од вашите домови. Зашто, кој ќе јаде потквасен леб, од првиот до седмиот ден, ќе биде откорнат од среде Израелците. 16На првиот ден држете свет собир, и така и на седмиот ден. Не работете никаква работа во тие денови. Единствено можете да готвите јадење, колку што му е потребно секому. 17Пазете го празникот на бесквасниот леб! Имено во тој ден ги изведов вашите чети од Египетската Земја. Пазете го тој ден како празник од поколение до поколение: тоа е вечна наредба. 18Од вечерта на четиринаесеттиот ден на првиот месец па сѐ до вечерта на дваесет и првиот ден на тој месец јадете бесквасен леб. 19Седум дена не смее да има квас во вашите домови. Кој ќе јаде што и да е потквасено, тој нека биде отстранет од израелската заедница, било да е странец или домородец. 20Ништо потквасено не смеете да јадете: во сите свои живеалишта јадете бесквасен леб.’“ 21Потоа Мојсеј ги повика сите старешини на Израелците и им рече: „Одете и набавете си јагне за своите семејства и жртвувајте Пасха. 22Тогаш земете китка босилек, натопете ја во крвта што е во земјан сад и попрскајте ги со крвта, од земјаниот сад, надвратникот и двата довратници. Нека никој не излегува низ куќната врата до утрото. 23Кога Господ ќе поминува да ги погуби Египетците, ќе ја забележи крвта врз надвратникот и врз двата довратници, па ќе ја одмине таа врата и нема да му дозволи на Погубителот да влезе во вашите куќи и да поразува. 24Оваа одредба ќе ја пазите во сите времиња како закон за себе и за своите деца. 25И кога ќе дојдете во земјата, што Господ ќе ви ја даде како што вети, вршете ја оваа служба. 26Кога вашите деца ќе ве прашаат: ‘Што ви значи таа служба?’ 27одговорете им: ‘Ова е пасхална жртва во чест на Господа, Кој поминуваше покрај куќите на Израелците, кога ги усмртуваше Египетците, а ги поштедуваше нашите куќи.’“ Тогаш народот се поклони длабоко и искажа почитување.
28Потоа Израелците отидоа и послушаа: како што Господ им нареди на Мојсеја и Арона така и направија.
Смрт на првороденците
29На полноќ Господ ги погуби сите првороденци во Египетската Земја: од фараоновиот првороденец, кој требаше да седи на престолот, до првороденецот на пленикот во темницата, а така и сите првородени на добитокот. 30Во ноќта стана фараонот, тој и сите негови дворјани и сите Египетци, зашто страшен лелек се разнесе низ Египет: немаше куќа во која не лежеше мртовец. 31Фараонот ги повика во ноќта, Мојсеја и Арона па им рече: „Станете и заминете од мојот народ и вие и вашите Израелци! Одете си! Искажете му почитување на Господа, како што баравте. 32Заберете го својот ситен и крупен добиток, како што баравте: одете, па благословете ме и мене!“ 33Египетците го принудуваа народот да замине побргу од земјата, „зашто загинавме сите,“ зборуваа тие. 34Така народот го зеде со себе уште нескиснатото тесто; ноќвите, завиткани во наметки, ги понесоа врз рамена. 35И Израелците направија како што им рече Мојсеј, побараа од Египетците сребрени и златни скапоцености, и облеки. 36Господ направи Египетците да му бидат благонаклонети на народот, па даваа. Така ги ограбија Египетците.
Почеток на Излезот. Бесквасни (пресни) лебови
37Така Израелците тргнаа од Рамзес кон Сокхот. Беа околу шест стотини илјади пешаци, освен жените и децата. 38А многу и друг свет тргна со нив, и многу добиток, крупен и ситен. 39Испекоа пресни погачи од тестото што го зедоа со себе од Египет: не беше уште стасано. А бидејќи беа терани од Египет, не можеа да одложуваат, и така не си приготвија за себе попатна храна. 40Времето што Израелците го поминаа во Египет беше четири стотини и триесет години. 41И кога се наполнија четири стотини и триесет години - точно во тој ден - сите Господови чети излегоа од Египетската Земја. 42Онаа ноќ што Господ ја бдееше за да ги избави нив од Египет, оттогаш за сите Израелци, во сите нивни поколенија, е ноќ на бдеење во чест на Господа.
Устав на Пасха
43Господ им рече на Мојсеја и Арона: „Нека е ова правило за пасхалната жртва: Ниеден странец не смее да јаде од неа! 44Секој роб, купен за пари и обрезан, може да ја јаде! 45Никој придојденец или наемник да не јаде од неа! 46Јадете ја во една иста куќа; не смеете да изнесувате месо од куќата, ниту смеете да ѝ скршите коска на жртвата. 47Целата заедница на Израелците да ја пази! 48Ако странец, кој престојува меѓу вас, сака да ја празнува Пасхата во чест на Господа, сите негови машки треба да се обрежат. Тогаш му е дозволено да ја слави, зашто е тогаш како и домородецот на земјата. Но необрезаните не смеат да јадат од неа. 49Нека важи исто правило и за домородецот и за придојденикот, кој престојува меѓу вас.“ 50Сите Израелци послушаа: како што Господ им нареди на Мојсеја и Арона, така и направија. 51Во тој ист ден Господ ги избави Израелците, во нивните чети, од Египетската Земја.

Селектирано:

ИЗЛЕЗ 12: MKB

Нагласи

Сподели

Копирај

None

Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се

YouVersion користи колачиња за да го персонализира вашето искуство. Со користење на нашата веб-страница, ја прифаќате употребата на колачиња како што е опишано во нашата Политика за приватност