Лого на YouVersion
Икона за пребарување

ВТОРОЗАКОНИЕ 27

27
Споменик од камења и жртвеник на гора Евал
1Потоа Мојсеј и израелските старешини му наложија на народот: „Вршете ги сите заповеди што ви ги наредувам денес. 2Во оној ден кога ќе преминете преку Јордан во земјата што ти ја дава Господ, твојот Бог, подигни си големи камења, варосај ги со вар 3и напиши ги врз нив сите зборови на овој Закон во мигот кога ќе влегуваш во земјата што ти ја дава Господ, твојот Бог, во земјата во која течат мед и млеко, како што им рече Господ Бог на твоите татковци. 4И така, кога ќе поминеш преку Јордан, тогаш тоа камење, како што ти заповедам денес, подигни го на гората Евал, и варосај го со вар. 5Таму изгради Му и жртвеник на Господа, својот Бог - жртвеник од камења, врз кои не си спуштил железо. 6Жртвеникот на Господа, својот Бог, изгради го од неделкани камења. На него принесувај Му паленици на Господа, својот Бог. 7Принесувај и помирителни жртви и јади ги таму, радувајќи се пред Господа, својот Бог. 8Напиши ги на тие камења сите зборови на овој Закон: врежи ги добро.“ 9Потоа Мојсеј и левитските свештеници му рекоа на сиот Израел: „Внимавај, Израеле, и слушај! Денес стана народ на Господа, својот Бог. 10Затоа слушај го гласот на Господа, својот Бог, и извршувај ги Неговите заповеди и Неговите закони, што ти ги заповедам денес.“
11Во оној ден Мојсеј му нареди на народот: 12„Кога ќе поминете преку Јордан, овие племиња: Симеон, Левиј, Јуда, Исахар, Јосиф и Венијамин, нека застанат на гората Гаризим за да го благословуваат народот. 13А овие: Рувим, Гад, Асир, Завулон, Дан и Нефталим нека застанат на гората Евал за да проколнуваат. 14Тогаш левитите нека го преземат зборот и нека им речат со силен глас на сите Израелци:
Дванаесет проклетства на гората Евал
15‘Проклет да биде кој ќе направи леан или делкан лик - гнасна работа пред Господа, дело на ракотворец, па иако го стави на скришно место.’ И сиот народ нека одговори: ‘Амин!’ 16‘Проклет да биде, кој ги навредува татка си и мајка си!’ И сиот народ да рече: ‘Амин!’ 17‘Проклет да биде кој ќе го помести меѓникот на соседот!’ И сиот народ нека рече: ‘Амин!’ 18‘Проклет да биде, кој ќе го заведе слепецот од патот!’ И сиот народ нека рече: ‘Амин!’ 19‘Проклет да биде, кој би им ја извртел правдата на придојденик сирачето или вдовицата!’ И сиот народ нека рече: ‘Амин!’ 20‘Проклет да биде, кој ќе легне со жената на својот татко, зашто ја откри покривката на татака си!’ И сиот народ нека рече: ‘Амин!’ 21‘Проклет да биде, кој ќе легне со какво и да е животно!’ И сиот народ нека рече: ‘Амин!’ 22‘Проклет да биде, кој ќе легне со својата сестра, било да е таа ќерка на неговиот татко или ќерка на неговата мајка.’ И сиот народ нека рече: ‘Амин!’ 23‘Проклет да биде кој ќе легне со својата тешта!’ И сиот народ нека рече: ‘Амин!’ 24‘Проклет да биде, кој ќе го убие потајно својот ближен!’ И сиот народ нека рече: ‘Амин!’ 25‘Проклет да биде, кој ќе прими поткуп за да му донесе смрт на невиниот!’ И сиот народ нека рече: ‘Амин!’ 26‘Проклет да биде, кој не ќе ги пази зборовите на овој закон, да ги врши!’ И сиот народ нека рече: ‘Амин!’“

Селектирано:

ВТОРОЗАКОНИЕ 27: MKB

Нагласи

Сподели

Копирај

None

Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се