Лого на YouVersion
Икона за пребарување

ВТОРОЗАКОНИЕ 28

28
Благослови за послушност
1„Ако навистина го послушаш гласот на Господа, својот Бог, пазејќи ги и вршејќи ги сите негови заповеди што ти ги наредувам денес, Господ, твојот Бог, ќе те возвиши над сите народи на земјата. 2Сите овие благослови ќе слезат над тебе и ќе те стигнат ако го слушаш гласот на Господа, својот Бог. 3Благословен ќе бидеш во градот, благословен во полето. 4Благословен ќе биде плодот на твојата утроба, родот на твојата земја, плодот на твојот добиток: рожбите на твоите говеда и на твоите стада. 5Благословен ќе биде твојот кош, и твоите ноќви. 6Благословен ќе бидеш кога ќе влегуваш, благословен кога ќе излегуваш. 7Твоите непријатели, кои ќе се кренат против тебе, Господ ќе ги положи пред тебе поразени; по еден пат ќе излезат против тебе, а по седум патишта ќе се разбегаат пред тебе. 8Господ ќе нареди благословот да биде со тебе во твоите житници и во секој потфат на твојата рака, и ќе те благословуваат во земјата што Господ, твојот Бог, ти ја дава, 9Господ ќе направи од тебе народ посветен на Себеси, како што ти се заколна, ако ги пазиш заповедите на Господа, својот Бог, и ако одиш по неговите патишта. 10Сите народи на земјата ќе видат дека се наречуваш со Господовото име, па ќе стравуваат од тебе. 11Господ ќе те опсипе со изобилни блага: со пород на твојата утроба, со прираст на твојот добиток и со родот на твојата почва во земјата, за која Господ им се заколна на твоите татковци дека ќе ти ја даде. 12Господ ќе ти ја отвори Својата богата ризница - небото - за да дава дожд во твојата земја во право време и да го благослови секој потфат на твоите раце. Ќе им даваш на заем на многу народи, а самиот нема да земаш заем. 13Господ ќе те држи на чело, а не на задното место; секогаш ќе бидеш на врвот, никогаш на дното, ако ги слушаш заповедите на Господа, својот Бог, што ти ги наредувам денес за да ги држиш и вршиш. 14Немој да отстапуваш ниту од еден збор што ви го наложувам денес - ни десно ни лево, одејќи по други богови и искажувајќи им почитување.“
Проклетства за непослушност
15„Но ако не го слушаш гласот на Господа, својот Бог, не пазејќи и не извршувајќи ги Неговите заповеди и сите Негови закони што ти ги наредувам денес, сите овие проклетства ќе дојдат врз тебе и ќе те стигнат: 16Проклет ќе бидеш во градот, проклет во полето. 17Проклет ќе биде твојот кош, и твоите ноќви. 18Проклет ќе биде плодот на твојата утроба и родот на твојата земја, младите на твоите говеда и прирастот на твоите стада. 19Проклет ќе бидеш кога ќе влегуваш, проклет кога ќе излегуваш. 20Господ ќе пушта на тебе проклетство, забуна и клетва во сѐ кон што ќе ја испружиш својата рака за да направиш, сѐ додека не бидеш сотрен и не пропаднеш брзо заради злото на своите дела, со кои Ме напушти. 21Господ ќе го испрати поморот врз тебе додека те снема од земјата во која одиш, за да ја завладееш. 22Господ ќе те удри со истоштеност, со треска, со воспаление, со жега и со суша, со сувиот ветер и со гламница; тоа ќе те гони додека те снема. 23Небесата над твојата глава ќе станат бронза, а почвата под твоите нозе ќе стане железна. 24Место дожд, Господ ќе ѝ даде на твојата земја пепел, и од небото ќе паѓа прав, ќе паѓа на тебе додека не бидеш истребен. 25Господ ќе те направи да бидеш поразен пред твоите непријатели; по еден пат ќе излегуваш против нив, а по седум патишта ќе бегаш пред нив. Ќе станеш страшило за сите земни царства. 26И твоето мртво тело ќе им стане храна на сите небесни птици и на сите земни ѕверови. Не ќе има никој за да ги плаши. 27Господ ќе те удри со египетски приштови, со чиреви, со красти и со јадеж, од кои не ќе можеш да се исцелиш. 28Господ ќе те удри со беснило, со слепота и со лудило; 29на сред бел ден ќе талкаш како што талка слепиот во мрак; не ќе имаш успеси во своите потфати; во сето време ќе бидеш притискан и ограбуван, а не ќе има никој за да те спаси. 30Ќе се ожениш за жена, но друг ќе ја има. Ќе изградиш куќа, но не ќе живееш во неа. Ќе засадуваш лозје, но нема да го береш. 31Ќе го заколат твојот вол пред твои очи, но ти нема да јадеш од него; ќе ти го одземат твоето осле пред тебе, но нема да ти го вратат; ќе му го предаваат твоето стадо на твоите непријатели, а не ќе има никој за да ти дојде напомош. 32Твоите синови и твоите ќерки ќе му бидат предавани на друг народ. Твоите очи ќе солзат секој ден, но твојата рака не ќе може ништо. 33Народ, што ти не го познаваш, ќе го јаде плодот на твојата земја и сета твоја мака, додека ти ќе бидеш, во сето време, притискуван и газен. 34Ќе полудиш од глетките што ќе ти гледаат твоите очи. 35Господ ќе те удри со лути приштови, по колениците и по бедрата - од стапалата на твоите нозе до темето на твојата глава - од кои не ќе можеш да се излекуваш.
36Господ ќе ве одведе и тебе и твојот цар, кого ќе го поставиш над себе си, меѓу народ непознат и тебе и на твоите очи, па таму ќе им служиш на други богови, дрвени и камени. 37Ќе им бидеш за чудење, за пословица и за потсмев на сите народи, меѓу кои ќе те одведе Господ. 38Многу семе ќе фрлаш во полето, ама малку ќе жнееш, зашто родот ќе го оголат скакулците. 39Ќе посадиш лозје и ќе го обработуваш, но вино нема да пиеш ниту ќе собереш нешто, зашто црв ќе ги јаде. 40Ќе имаш маслинки на целото свое подрачје, но нема да се намачкаш со масло, зашто маслинките ќе ти паѓаат. 41Ќе раѓаш синови и ќерки, но нема да бидат твои, зашто ќе одат во ропство. 42Сите твои дрва и родот на твојата земја ќе станат плен на бубачките. 43Придојденикот, кој ќе биде во твоја средина, ќе се воздигне над тебе, а ти ќе паѓаш сѐ пониско и пониско. 44Тој ќе ти дава на заем, а не ти нему; тој ќе биде глава а ти опашка. 45Сите овие проклетства ќе те снајдат, ќе те гонат и ќе те достигнат додека не те уништат, зашто не го слушаше гласот на Господа, својот Бог, ниту ги пазеше Неговите заповеди и закони, што ти ги даде. 46Тие ќе ви служат за чудесен знак тебе, и на твоето потомство засекогаш.
47Бидејќи не сакаше да му служиш на Бога, својот Бог, со весело и радосно срце заради изобилството на сѐ 48ќе му служиш на својот непријател, кого Господ ќе го испрати против тебе, во глад, во жед, во голота и во секаква скудност. На твојот врат ќе навали јарем од железо, така што ќе те измачува! 49Господ ќе доведе од далечина, од крајот на земјата, против тебе народ, што ќе слета како орел. Тоа ќе биде народ чиј јазик не ќе го разбираш; 50бездушен народ, кој не ќе пројавува обѕир кон старите ниту ќе се смилува кон младите. 51Тој ќе ти ги јаде: младите од твојот добиток и плодот на твојата земја додека не те уништи; не ќе ти остава ни жито, ни вино, ни масло, ни теле од крава, ни прираст од стадата, додека не те упропасти. 52Ќе те опсадува во сите твои градови ширум низ земјата додека не ги разурне високите и утврдените ѕидови на кои што си се надевал; ќе те опсадат во сите твои градови ширум низ земјата, што ти ја даде Господ, твојот Бог. 53Во притеснувањето и во јадот, со кои ќе те притисне твојот непријател, ќе го јадеш плодот на твојата утроба - месото на своите синови и своите ќерки, што ќе ти ги даде Господ, твојот Бог. 54Човекот, најнежниот и најмекиот сред тебе, ќе гледа со злобно око на својот брат, на жената во својата прегратка и на своите деца што му останаа, 55не сакајќи ниту со еден од нив да го дели месото на своите синови, што ќе го јаде, зашто заради притеснувањето и јадот, со кои твојот непријател, ќе те притиска по сите твои градови, друго не ќе му останува. 56И жената, најнежна и најмека што ќе биде сред тебе - толку нежна и воздржана што не се осмелува да ги спушти стапалата на земја - ќе гледа со злобно око на мажот во својата прегратка, и на својот син, и на својата ќерка, 57и на својата постелка што ќе ѝ излезе меѓу нозете, и на децата што ќе треба да ги роди, зашто ќе ги изеде скришно, скудна во сѐ, заради неволјата и јадот со кои ќе те притисне твојот непријател по сите твои градови.
58Ако не ги пазиш и не ги вршиш зборовите на овој Закон, што се напишани во оваа книга, не почитувајќи го ова славно и страшно Име - Господа, својот Бог - 59Господ ќе ве шибне тешко, тебе и твоето потомство, со големи и долготрајни бичеви, со погубувачки и долги болести. 60Ќе ги пушти на тебе сите египетски зла, од кои се плашеше, и тие ќе се прилепат до тебе. 61А и секоја друга болест и бич, кои не се наведени во книжниот свиток на овој Закон, Господ ќе ги пушта на тебе додека не те уништи. 62Ќе останете само малку од вас што бевте многубројни како небеските ѕвезди, а сѐ заради тоа што не го слушаше гласот на Господа, својот Бог. 63Како што се радуваше Господ со вас, правејќи ве среќни и множејќи ве, така Господ ќе се радува да ве истреби и погуби, за да се откорнете од земјата во која одите, за да ја земете во сопственост. 64Господ ќе ве расфрли по сите народи, од крајот до крајот на земјата; таму ќе им служиш на други богови: дрвени и камени - кои ви беа непознати и тебе и на твоите татковци. 65Но нема да имаш мир меѓу тие народи; ниту твоите стапала ќе имаат почивалиште, туку таму Господ ќе ти даде возбудено срце, пропаднати очи, изнемоштена душа. 66Твојот живот ќе виси на нишка; ќе се боиш и дење и ноќе, и не ќе бидеш безбеден за својот живот. 67Од стравот, што ќе ти го стега срцето, и од глетката што ќе ја гледаат твоите очи, наутро ќе зборуваш: ‘Ох да е веќе вечер!’ а навечер ќе зборуваш: ‘Ох да е веќе утро!’ 68Господ ќе те одведе со кораби, назад во Египет, по патот за кој ти реков дека не смееш веќе да го видиш. Таму вие самите ќе им се продавате на вашите непријатели за робови и робинки, но не ќе има купувачи.“

Селектирано:

ВТОРОЗАКОНИЕ 28: MKB

Нагласи

Сподели

Копирај

None

Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се