Лого на YouVersion
Икона за пребарување

ВТОРОЗАКОНИЕ 26

26
За првини
1„Кога ќе стигнеш во земјата која Господ, твојот Бог, ти ја дава во наследство, кога ќе ја земеш во сопственост и кога ќе се населиш во неа, 2земи малку првини од секој плод, што ќе го добиваш од земјата која Господ, твојот Бог, ти ја дава: стави ги во кошница, отиди во местото што Господ, твојот Бог, ќе го избере за да го настани во него Своето Име. 3Пристапи му на свештеникот, кој тогаш ќе ја врши службата, и речи му: ‘Признавам денес пред Господа, својот Бог, дека стигнав во земјата, за која Господ им се заколна на нашите татковци дека ќе ни ја даде. 4Потоа свештеникот ќе ја земе кошницата од твојата рака и ќе ја положи пред жртвеникот на Господа, твојот Бог.
5Тогаш ти продолжи и кажи пред Господа, својот Бог: ‘Мојот татко беше арамејски скитник, кој со малку деца стигна во Египет за да се засолне. Ама таму стана голем, многуброен и силен народ. 6Египетците постапуваа со нас лошо; нѐ угнетуваа и ни наметнаа тешко ропство. 7Извикнувавме кон Господа, кон Бога, на нашите татковци. Господ го чу нашиот извик; ги виде нашиот јад, нашата неволја и нашата мака. 8Господ нѐ изведе од Египет со силна рака и со испружена мишка, со голем страв со знаци и со чудеса. 9И нѐ доведе на ова место и ни ја даде оваа земја, земја во која течат мед и млеко. 10И ете, сега, ги донесувам најпрвите плодови од почвата што си ми ја дал, Господи.’ Стави ги пред Господа, својот Бог, и искажи Му почитување. 11А тогаш заедно со левитот и со придојденикот, кој ќе биде кај тебе, уживај ги сите добра со кои Господ, твојот Бог, те опсипа тебе и твојот дом. 12А кога во третата година - годината на десетоците - го завршиш одделувањето на сите десетоци од своите приходи и им ги дадеш на левитот, на придојденикот, на сирачето и на вдовицата по твоите градови, за да јадат до наситка, 13тогаш, пред Господа, својот Бог, изјави: ‘Од дома го отстранив она што беше посветено. Им дадов уште и на левитот, на придојденикот, на сирачето и на вдовицата, според сите Твои заповеди што си ми ги дал. Не прекршив и не заборавив ниедна Твоја заповед. 14Ништо не јадев од тоа при жалост; ништо не жртвував од тоа во нечистота, ниту му дадов нешто од тоа на мртовецот; го слушав гласот на Господа, својот Бог; во сѐ направив како што ми нареди. 15Погледај од небесата, од Своето Свето Живеалиште, и благослови го својот Израелски народ и земјата која ни ја даде, земјата во која течат мед и млеко - како што им се заколна на нашите татковци.’“
16„Господ, твојот Бог, ти заповеда денес да ги вршиш овие закони и одредби. Пази ги, и така, и исполнувај ги со сето свое срце и со сета своја душа. 17Денес се договори со Господа дека Тој ќе ти биде Бог, а ти дека ќе одиш по Неговите патишта, дека ќе ги пазиш Неговите закони, Неговите заповеди и Неговите одредби, и дека ќе го слушаш Неговиот глас. 18Денес Господ се договори со тебе дека ти ќе бидеш Негов народ, Неговата премила сопственост, како што ти ветил, и дека ќе ги пазиш сите Негови заповеди. 19Тој ќе те возвиши со чест, со име и со слава над сите народи што ги создал; и ти ќе бидеш народ посветен на Господа, својот Бог, како што ти рече.“

Селектирано:

ВТОРОЗАКОНИЕ 26: MKB

Нагласи

Сподели

Копирај

None

Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се