Лого на YouVersion
Икона за пребарување

ВТОРОЗАКОНИЕ 24

24
1„Кога некој ќе земе жена и ќе постапи со неа како маж, а потоа открие на неа нешто неубаво, па таа веќе не наоѓа милост во неговите очи, и тој ѝ напишува разводно писмо, ѝ го дава во раката и ја истерува од својата куќа. 2А таа откако ќе излезе од неговата куќа, отишла и се омажила за друг маж, 3па му стана замразена и на тој втор, па и тој ѝ напишува отпусно писмо, ѝ го дава и ја истерува од својата куќа - или ако умре тој што ја зел втор 4тогаш, бидејќи така се онечистила, не може пак да ја земе оној прв маж, кој ја беше отпуштил. Тоа би било одвратно пред Господа, и не смееш да ја вовлекуваш во грев земјата, која Господ, твојот Бог, ти ја дава во наследство. 5Ако некој штотуку се оженил, нека не оди во војската; нека не му се доделува никаква служба, туку ослободен, нека остане дома една година, за да ја развеселува жената што ја довел. 6Нека не се зема во залог мелница, ни горниот ни долниот дел; па со тоа би бил земен во залог самиот живот. 7Ако се најде некој да грабне некого од своите браќа Израелци па постапува со него како со роб или ако го продаде, тој грабнувач нека биде погубен! Така ќе го откорнеш злото од својата средина. 8Ако се појави лепрата, внимавај да пазиш и вршиш грижливо сѐ она што ќе ве поучат левитските свештеници. Пазете и вршете го тоа што им наредувам ним. 9Спомнувај си што ѝ стори Господ, твојот Бог, на Маријам на патот, кога излеговте од Египет.
10Кога на својот ближен му даваш каков и да е заем, не влегувај во неговата куќа за да му земеш залог. 11Стој надвор, а човекот кому си му дал заем нека ти го изнесе залогот надвор. 12А ако е тој сиромав, не легнувај со неговиот залог; 13при зајдисонце треба да му го вратиш залогот, за да може тој да спие во својата наметка и да те благословува тебе. Тоа ќе ти биде добро дело пред Господа, твојот Бог.
14Не го онеправдувај јадниот и бедниот наемник, било да е тој твој сонародник или придојденик од некој град во твојата земја. 15Секој ден давај му ја заработката пред зајдисонце, зашто е беден и воздивнува по неа. Така не ќе извика против тебе кон Господа, и не ќе согреши.
16Нека не се осудуваат на смрт татковците заради синовите ниту синовите заради татковците; нека секој гине заради својот грев. 17Не ја извртувај правдата на придојденикот ни на сирачето, и не земај ја во залог облеката на вдовицата. 18Спомни си дека беше робје во Египет, и дека оттаму те избави Господ, твојот Бог, затоа ти налагам да ја вршиш оваа заповед.
19Кога жниеш жито на својата нива па заборавиш некој сноп на нивата, не се враќај по него; нека остане на придојденикот, на сирачето и на вдовицата, за да те благослови Господ, твојот Бог, во секој потфат на твоите раце. 20Кога еднаш ќе ги исчукаш своите маслинки, не пребарувај веќе зад себе; нека им остане тоа на туѓинецот, на сирачето и на вдовицата. 21Кога ќе го обереш своето лозје, не дособерувај го зад себе; нека им биде тоа на придојденикот, на сирачето и на вдовицата. 22Спомни си како беше роб во Египетската Земја; затоа ти заповедам да ја вршиш оваа повелба.“

Селектирано:

ВТОРОЗАКОНИЕ 24: MKB

Нагласи

Сподели

Копирај

None

Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се