Лого на YouVersion
Икона за пребарување

2 САМОИЛ 5

5
ЗАЦВРСТУВАЊЕ НА ДАВИДОВОТО ЦАРСТВО 5:1-10:18
А. Давид се зацарува над Израел
1Тогаш се собраа сите израелски племиња кај Давида во Хеврон и рекоа: „Еве, ние сме од твојата коска и од твоето месо. 2Уште порано, додека Саул уште беше цар над нас, ти управуваше со сите движења на Израел, а Господ ти рече: ‘Ти ќе го пасеш Мојот Израелски народ и ти ќе бидеш водач на Израел!’“ 3Така дојдоа сите израелски старешини кај царот во Хеврон, а Давид склучи со нив сојуз во Хеврон пред Господа; и го помазаа Давида за цар над Израел. 4На Давида му беа триесет години кога стана цар, а царуваше четириесет години. 5Во Хеврон царуваше над Јуда седум години и шест месеци, а во Ерусалим царуваше триесет и три години над сиот Израел и над Јуда.
Б. Ерусалим - престолнина на обединето царство
6Давид тргна со луѓето на Ерусалим против Евусејците, кои живееја во онаа земја. Ама тие му порачаа на Давида: „Нема да влезеш ваму! Слепците и хромите ќе те одбијат!“ Тоа значеше: „Давид нема да влезе ваму.“ 7Сепак Давид ја зазеде Сионската Тврдина, односно Давидовиот Град. 8Во оној ден Давид рече: „Кој ќе ги истепа Евусејците, нека ги порази со копје и хромите и слепите, кои ѝ беа замразени на Давидовата душа.“ Затоа се вели: „Слепците и хромите нека не влегуваат во Храмот.“ 9Давид се насели во тврдината и ја нарече Давидов Град. Тогаш Давид подигна ѕид наоколу од Мило па внатре. 10Давид стануваше сѐ посилен, зашто Господ, Бог над Воинствата, беше со него.
11Тирскиот цар Хирам му испрати на Давида пратеништво и кедрови дрва, дрводелци и ѕидари, кои што изградија дворец за Давида. 12Тогаш Давид созна дека Господ го потврди за цар над Израел и дека многу го возвиши неговото царство заради Својот израелски народ.
13По доаѓањето од Хеврон Давид зеде уште соложници и жени од Ерусалим; и му се родија на Давида уште синови и ќерки. 14Еве ги имињата на децата кои му се родија во Ерусалим: Самуј, Совав, Натан, Соломон, 15Евар, Нафиг, Јафиј, 16Елисам, Елијад и Елифалет.
В. Давидова победа над Филистејци
17Кога Филистејците чуја дека го помазаа Давида за цар над Израел, сите излегоа за да го бараат Давида. Откако го чу тоа, Давид слезе во своето засолниште. 18Филистејците дојдоа и се раширија по Рафајската Долина. 19Тогаш Давид го праша Господа: „Можам ли да ги нападнам Филистејците? Сакаш ли да ми ги предадеш мене во рацете?“ Господ му одговори на Давида: „Нападни! Ќе ти ги предадам Филистејците во рацете!“ 20Тогаш Давид дојде во Вал Ферасим и таму ги порази. Давид рече: „Господ продре пред мене меѓу моите непријатели како што продира водата.“ Затоа тоа место беше наречено Вал Ферасим (Место на Продори). 21Таму ги оставија своите богови; а Давид и неговите луѓе ги однесоа.
22Филистејците дојдоа пак и се раширија по Рафајската Долина. 23Давид пак го праша Господа, а Тој му одговори: „Не оди пред нив, туку појди им зад плеќи и нападни ги од спротивната страна на Бекаим (Црници). 24Кога ќе чуеш шум на чекори по бекаимските врвови, тогаш побрзај, зашто тогаш Господ ќе оди пред тебе за да ја порази филистејската војска.“ 25Давид направи како што му заповеда Господ, и ги порази Филистејците од Гаваја до Гезер.

Селектирано:

2 САМОИЛ 5: MKB

Нагласи

Сподели

Копирај

None

Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се

YouVersion користи колачиња за да го персонализира вашето искуство. Со користење на нашата веб-страница, ја прифаќате употребата на колачиња како што е опишано во нашата Политика за приватност