2 САМОИЛ 3
3
5. Препирка меѓу Авенир и Исвостеј
1Војната меѓу Сауловата куќа и Давидовата куќа траеше уште долго време, но Давид сѐ повеќе јакнеше, а Сауловиот дом стануваше сѐ послаб. 2На Давида му се родија синови во Хеврон. Првенец му беше Амнон, од Езраелката Ахиноама; 3вториот му беше Хилеав, од Авигеја, Наваловата жена, од Кармил; третиот Авесалом, син на Маха, ќерка на гесурскиот цар Талмај; 4четвртиот Адониј, син Агитин; петтиот Сефатиј, син Авиталин; 5шестиот Итрам, од Егла, Давидова жена. Тие му се родија на Давида во Хеврон.
6Додека траеше војната меѓу Сауловата куќа и Давидовата куќа, Авенир ја присвојуваше, малку по малку, сета власт во Сауловата куќа. 7А во куќата беше Сауловата соложница по име Ресфа, ќерка Аина: неа ја зеде Авенир кај себе. А Исвостеј го праша Авенира: „Зошто ѝ се доближи на соналожницата на мојот татко?“ 8На тие Исвостееви зборови Авенир се разгневи и рече: „Зар сум јас кучешка глава во Јуда? До денес им правев само добро на домот на твојот татко Саул, на неговите браќа и на неговите пријатели; не дозволив да паднеш во Давидовите раце, а ти ме прекоруваш денес заради обична жена! 9Нека Бог му го направи на Авенира ова зло и нека му додаде друго ако не направам како што Господ му се заколна на Давида: 10дека ќе ѝ го одземе царството на Сауловата куќа и дека ќе го зацврсти Давидовиот престол над Израел и над Јуда од Дан до Вирсавеа!“ 11Исвостеј не се осмели да му одговори ни збор на Авенира, зашто се плашеше од него.
12Тогаш Авенир му испрати гласници на Давида и му порача: „Чија е земјата?“ Сакаше да рече: „Склучи сојуз со мене, и мојата рака ќе ти помогне да го собереш околу себе сиот Израел.“ 13Давид му одговори на Авенира: „Добро! Ќе склучам сојуз со тебе! Ама барам само едно од тебе: не смееш да ми излезеш пред очи, ако не ја доведеш со себе Михала, Сауловата ќерка, кога ќе дојдеш да го видиш моето лице.“ 14Така, Давид испрати гласници и кај Исвостеј, Сауловиот син, со порака: „Врати ми ја мојата жена Михала што ја добив за сто филистејски обрезоци.“ 15Исвостеј испрати по неа и ја зеде од нејзиниот маж Фалтил, синот Лаисов. 16А нејзиниот маж тргна со неа, и ја придружуваше плачејќи сѐ до Ваурим. Тогаш Авенир му рече: „Ајде, врати се сега дома!“ И тој се врати.
6. Јоав го убива Авенира
а. Авенир го посетува Давида
17Авенир веќе беше разговарал со Израелевите старешини и им рече: „Веќе одамна го сакате Давида за свој цар. 18Направете го тоа сега, зашто Господ го рече за Давида ова: ‘Со раката на Својот слуга Давид ќе го избавам својот народ Израел од филистејските раце и од рацете на сите негови непријатели.’“ 19Така Авенир им зборуваше и на Венијаминовите синови, а тогаш отиде во Хеврон, за да му јави на Давида сѐ што им се допадна на Израел и на Венијаминовиот дом.
20Кога Авенир дојде кај Давида во Хеврон, и со него дваесет луѓе, Давид им приреди гозба на Авенир и на луѓето кои беа со него. 21Тогаш Авенир му рече на Давида: „Ајде! Јас ќе го соберам сиот Израел околу мојот господар царот: тие ќе склучат сојуз со тебе, и ти ќе царуваш над сите, над кои што сакаш.“ Давид го отпушти Авенира, кој си отиде во мир.
б. Јоав научува за Авенировата посета
22И ете, токму Давидовите луѓе, со Јоав, се враќаа од четување, носејќи со себе богат плен, а Авенир веќе не беше кај Давида во Хеврон, зашто Давид го беше отпуштил, та тој си отиде во мир. 23Кога стигнаа Јоав и сета војска што одеше со него, му соопштија на Јоав дека Авенир, синот Ниров, беше дошол кај царот и дека царот го отпуштил со мир. 24Тогаш Јоав дојде кај царот и му рече: „Што си сторил? Авенир дошол кај тебе, зошто го пушти да си оди во мир? 25Зар не го знаеш Авенира, Нировиот син? Дојде за да те измами, за да ги научи твоите чекори, за да научи сѐ што правиш!“
в. Авенирово убиство
26Потоа Јоав излезе од кај Давида и испрати гласници по Авенира, кои што се вратија, од кладенецот Сира, а Давид не знаеше ништо за тоа. 27Кога Авенир се врати во Хеврон, Јоав го одведе настрана зад вратата, како да сака да разговара со него насамо, и таму го рани смртно во слабините, за да се одмазди за крвта на својот брат Асаил. И тој умре. 28Кога после Давид го чу тоа, рече: „Јас и моето царство сме невини пред Господа довека за крвта на Авенира, Нировиот син. 29Нека падне врз Јоавовата глава и врз сиот негов татковски дом! Никогаш да не снема во Јоавовиот дом луѓе болни од гноење или од лепра, луѓе кои се потпираат на стап или кои паѓаат од меч, луѓе кои немаат леб!“ 30Јоав и неговиот брат Ависај го убија Авенира, зашто тој го погуби нивниот брат Асаил во бојот кај Гаваон.
г. Давидова тага заради Авенировата смрт
31Тогаш Давид му рече на Јоава и на сета војска што беше со него: „Раскинете ги своите облеки, облечете вреќишта и тажете за Авенира!“ И царот Давид тргна по носилката. 32Кога го закопаа Авенира во Хеврон, царот почна да плаче гласно над Авенировиот гроб, а плачеше и сиот народ. 33Тогаш царот ја испеа оваа тажачка за Авенира:
„Зар требаше да умре Авенир
како што умира безумниот?
34Твоите раце не беа врзани,
твоите нозе не беа оковани.
Падна како што се паѓа од злосторник!“
И целиот народ почна да плаче уште повеќе над него. 35Тогаш народот пристапи наговорувајќи го Давида да јаде додека е уште ден, ама Давид се заколна вака: „Господ нека ми направи такво зло и нека ми додаде друго зло, ако вкусам леб или нешто друго пред зајдисонце!“ 36Сиот народ го чу тоа, и му беше по волјата, како што народот одобруваше и сѐ друго што правеше царот. 37Во тој ден сиот народ и сиот Израел созна дека царот не е виновен за убиството на Авенира, синот Ниров. 38Тогаш царот им рече на своите дворјани: „Не знаете ли дека денес падна кнез и голем човек во Израел? 39Ама јас сум сега уште слаб, иако сум помазан цар, а овие луѓе, синовите Серуини, се посилни од мене. Господ нека му плати на злосторникот според неговото злодејство!“
Селектирано:
2 САМОИЛ 3: MKB
Нагласи
Сподели
Копирај
Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се
The Macedonian Bible: Old and New Testament, Konstantinov
Copyright © 1999, 2004, by Loukas Foundation ®
Used by permission of City Bible Foundation ® All rights reserved worldwide.