Лого на YouVersion
Икона за пребарување

2 САМОИЛ 2

2
В. Давид помазан за цар на Јудеја
1Потоа Давид го праша Господа вака: „Треба ли да отидам во некој Јудин град?“ А Господ му одговори: „Тргни!“ Давид праша пак: „Каде да тргнам?“ А одговорот беше: „Во Хеврон!“ 2Така Давид отиде таму, а со него и неговите две жени, Ахиноама од Езраел и Авигеја, Наваловата жена од Кармил. 3И луѓето кои беа со Давида отидоа со него, и се населија во гратчињата на Хеврон. 4Тогаш дојдоа луѓе од Јуда и го помазаа таму Давида за цар над Јудиниот дом. Тогаш му јавија на Давида дека луѓето од Јавис во Галад го погребаа Саула. 5Тогаш Давид испрати гласници кај Јависците во Галад и им порача: „Бидете благословени од Господа зашто го направивте тоа дело на љубов кон својот господар Саул и зашто го закопавте! 6Затоа Господ нека ви ги искаже Својата милост и добрина, а и јас ќе ви направам добро затоа што направивте така. 7А сега охрабрете се и бидете јунаци, зашто Саул, вашиот господар загина, а мене Јудиниот дом ме помаза за свој цар.“
Г. Граѓанска војна со Израел
1. Авенир го зацарува Исвостеј над Израел
8Ама Авенир, Нировиот син, војвода на Сауловата војска, го зеде Сауловиот син Исвостеј и го доведе во Маханаим. 9Таму го постави за цар над Галад, над Асур, над Езраел, над Ефрем, над Венијамин и над сиот Израел. 10Но Исвостеј, Сауловиот син, беше на четириесет години кога стана цар над Израел, а царуваше две години. Само Јудиниот дом го следеше Давида. 11А Давид царуваше во Хеврон над Јудиниот дом седум години и шест месеци.
2. Авениров пораз
12Потоа излезе Авенир, Нировиот син, со луѓето на Сауловиот син Исвостеј од Маханаим кон Гаваон. 13Ама и Јоав, Серуиниот син, излезе со Давидовите луѓе од Хеврон и се сретна со нив кај Гаваонското Езеро. Таму застанаа, овие од едната страна на езерото, а оние од другата страна. 14Тогаш Авенир му рече на Јоава: „Младците нека станат и нека се повеселат пред нас!“ А Јоав одговори: „Нека станат!“ 15И станаа, па ги изброија: дванаесет од Венијамин за Исвостеј, Сауловиот син, и дванаесет од Давидовите луѓе. 16И секој го фати својот противник за главата и му го закачи мечот во слабината, така што сите паднаа заедно. Затоа тоа место беше наречено Хелкат Асурим (Поле на Ножевите), а лежи кај Гаваон. 17Потоа се заметна во тој ден многу жестока битка, и Давидовите чети ги разбија Авенира и Израелците.
3. Авенир го убива Асаила
18А таму беа три Серуинови синови: Јоав, Ависај и Асаил; а Асаил беше брз при трчање како газела во полето. 19И Асаил се стрча во потера по Авенира; во стапка го следеше Авенира не свртувајќи ни десно ни лево. 20Авенир се обѕрна и праша: „Ти ли си, Асаилу?“ А тој одговори: „Јас сум.“ 21А Авенир му рече: „Сврти надесно или налево па зграпчи еден од тие младци и земи му го неговото оружје!“ Ама Асаил не сакаше да сврти од него. 22Авенир му рече пак на Асаила: „Отстрани се од мене! Зошто да те составам со земјата? Како тогаш уште би смеел да излезам пред очите на твојот брат Јоав?“ 23Ама тој никако не сакаше да се отстрани. Затоа Авенир го удри со задниот дел на копјето во желудникот така што копјето му излезе низ плеќите надвор: тогаш тој падна и умре на место. И подзастануваше секој што ќе дојдеше на она место, каде што падна и умре Асаил.
4. Авенир и Јоав склучуваат примирје
24А Јоав и Ависај продолжија да го гонат Авенира, а кога зајде сонцето, стигнаа до брежето Ама, што лежи спроти Гија, на патот кон Гаваонската Пустина. 25Дотогаш Венијаминовите синови се собраа околу Авенира, составија дружина и застанаа на врвот на брежето Ама. 26Тогаш Авенир му викна на Јоава: „Зар довека ќе не голта нас мечот? Не знаеш ли дека тоа ќе заврши со несреќа? Кога отпосле ќе им кажеш на своите луѓе да се откажат од гонењето на своите браќа?“ 27А Јоав одговори: „Така ми живиот Господ, да не проговореше ти, бездруго утре наутро овие луѓе ќе се откажеа од гонењето на своите браќа.“ 28Тогаш Јоав затруби во рог, и сета војска застана: прекратија да го гонат Израел и не го продолжија бојот.
29Авенир и неговите луѓе одеа низ Араба цела онаа ноќ; потоа поминаа преку Јордан, го продолжија патот цело утро и најпосле стигнаа во Маханаим. 30Кога Јоав се откажа од потерата по Авенира и кога ја собра целата војска, видоа дека од Давидовите луѓе нема деветнаесетмина, и Асаил покрај нив. 31А Давидовите луѓе убија три стотини и шеесет луѓе од Венијаминовите синови, Авенирови војници. 32Го дигнаа Асаила и го погребаа во гробот на неговиот татко во Витлеем. А Јоав и неговите луѓе одеа цела ноќ, и веќе се раздени кога стигнаа во Хеврон.

Селектирано:

2 САМОИЛ 2: MKB

Нагласи

Сподели

Копирај

None

Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се

YouVersion користи колачиња за да го персонализира вашето искуство. Со користење на нашата веб-страница, ја прифаќате употребата на колачиња како што е опишано во нашата Политика за приватност