Лого на YouVersion
Икона за пребарување

2 САМОИЛ 1

1
ЗАЦАРУВАЊЕ НА ДАВИД
1:1-4:12
А. Извештај за смртта на Саул
1По Сауловата смрт Давид се врати дома откако ги победи Амаликците. Два дена помина во Сиклаг. 2На третиот ден дојде некој човек од Сауловиот логор, со скинати облеки и со глава посипана со прав. Откако дојде кон Давида се фрли на земја и му се поклони. 3Давид го праша: „Од каде доаѓаш?“ А тој му одговори: „Избегав од израелскиот логор.“ 4А Давид го праша: „Што се случило? Раскажи ми!“ Тој одговори: „Народот избега од бојот, а многу луѓе и изгинаа. Мртви се и Саул и неговиот син Јонатан.“ 5Тогаш Давид го праша младото момче: „Како знаеш дека загинаа Саул и неговиот син Јонатан?“ 6А младиот гласоносец одговори: „Случајно дојдов на гората Гелвуе и го видов Саула како се опрел врз своето копје, а бојните коли и коњаниците го настигнуваа. 7Саул, обѕрнувајќи се, ме здогледа мене и ме повика, а јас му се одѕвав: ‘Еве ме!’ 8И тој ме праша: ‘Кој си ти?’ А јас му одговорив: ‘Амаликец сум.’ 9Тогаш тој ми рече: ‘Дојди ваму кај мене и убиј ме, зашто ме опфати смртен грч, а душата е уште сета во мене!’ 10Пристапив кон него и му зададов смртен удар, зашто знаев дека нема да преживее по паѓањето. Потоа ги зедов круната што му беше на главата и нараквицата што ја имаше на раката и, еве, му го донесов тоа на својот господар.“ 11Тогаш Давид ги грабна своите облеки и ги раскина, а исто така и сите луѓе кои беа со него. 12И тажеа, плачеа и постеа до вечерта за Саула и за неговиот син Јонатан, за Господовиот народ и за Израелевиот дом што изгинаа од меч. 13Потоа Давид го праша младиот гласник: „Од каде си ти?“ А тој одговори: „Јас сум син на еден придојденик, Амаликец.“ 14Тогаш Давид му рече: „Како не се боеше да дигнеш рака за да го убиеш Господовиот помазаник?“ 15И Давид повика едно од момчињата и му заповеда: „Дојди тука и погуби го!“ Момчето го удри, и тој умре. 16А Давид уште му викна: „Твојата крв врз твојата глава! Твојата уста сведочеше против тебе кога рече: ‘Јас го убив Господовиот помазаник.’“
Б. Давидов плач по Саул и по Јонатан
17Тогаш Давид ја запеа оваа тажачка за Саула и за неговиот син Јонатан. 18Запишана е во Праведниковиот книжен свиток, за да ја учат Јудините синови. Давид рече:
19“О, како ти падна славата, Израелу,
изгинаа јунаци на твојата височина!
20Не раскажувајте вие за поразот во Гат,
не разгласувајте по аскалонските улици,
за да не воскликнуваат младите филистејски ќерки.
21О проклети Гелвујски Гори, роса да не паѓа
врз вас, ниту дожд од небото да ве мие!
Вашите полиња да не враќаат род за семе,
зашто кај вас е исфрлен штитот
на силните!
Сауловиот штит не беше помазан со масло
22туку со крвта на ранетите, со маста на паднатите!
Јонатановиот лак никогаш не промашил,
Сауловиот меч никогаш не беше неуспешен!
23Саул и Јонатан, љубезни, сложни
ни живи не се разделија, ниту во смртта!
Беа побрзи од орлите,
со снага посилни од лавовите!
24Ќерки Израелки, сега плачете по Саула,
зашто ве облекуваше во убаво црвено!
Покрај тоа тој ви прицврстуваше
златен накит на облеката.
25Како загинаа јунаците сред бојот,
Јонатан загина на твоите височини!
26Жал ми е за тебе, брате, Јонатану!
Колку многу ти ми беше мил!
Твојата љубов ми беше
уште почудесна од женската.
27Ох, како загинаа јунаците,
и како е скршено бојното оружје!“

Селектирано:

2 САМОИЛ 1: MKB

Нагласи

Сподели

Копирај

None

Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се

YouVersion користи колачиња за да го персонализира вашето искуство. Со користење на нашата веб-страница, ја прифаќате употребата на колачиња како што е опишано во нашата Политика за приватност