2 ЛЕТОПИСИ 5
5
1Така беше доведена кон крај работата што Соломон ја сврши за Господовиот Дом. Соломон ги внесе сите свети дарови на татака си Давида - среброто, златото и сите посатки - и ги стави во ризницата на Божјиот Дом.
В. Осветување на Храмот
1. Пренесување на Ковчегот во Храмот
2Тогаш Соломон ги свика во Ерусалим сите Израелеви старешини, племенските кнезови и семејните главатари, за да се пренесе Ковчегот на Господовиот Завет од Давидовиот Град, односно од Сион. 3Сите Израелеви мажи се собраа пред царот на празникот што е во седмиот месец. 4Кога се состанаа сите Израелеви старешини, левитите го зедоа со себе Ковчегот. 5И ги пренесоа Ковчегот и Шаторот на средбата со сиот посветен прибор што беше во Шаторот; свештениците и левитите ги пренесоа. 6Потоа царот Соломон и сета израелска заедница што се собра кај него жртвуваа пред Ковчегот толку овци и говеда што не можеа да се избројат ни да се оценат. 7Свештениците го донесоа Ковчегот на Господовиот Завет на неговото место, во Дебирот на Домот, односно во Светината над светините, под крилата на херувимите. 8Херувимите имаа раширени крила над местото каде стоеше Ковчегот, и го засолнуваа Ковчегот и неговите драгови. 9Драговите беа толку долги што им се гледаа краевите од Светилиштето спроти Дебирот, ама не се гледаа од надвор, и таму стојат до денешен ден. 10Во Ковчегот немаше ништо освен двете плочи кои ги стави Мојсеј на Хорив, каде Господ склучи Завет со Израелците откако излегоа од Египет. 11Сите свештеници излегоа од Светилиштето, зашто сите присутни свештеници се посветија без обѕир на редовите. 12Сите левитски пејачи, Асаф, Јеман и Једутун со синовите и со браќата, стоеја облечени во тенко платно, со кимвали, со псалтири и со гуслиња, источно од жртвеникот, а со нив сто и дваесет свештеници кои трубеа во труби. 13И додека свиреа и пееја сложно како еден и едногласно Го фалеа и Го славеа Господа, подигајќи го гласот покрај трубите, кимвалите и покрај другите свирки, фалејќи Го Господа „зашто е благ и зашто е вечна Неговата љубов“, облак го исполни Господовиот Дом. 14Свештениците не можеа да ја продолжат службата од облакот: Господовата слава го исполни Божјиот Дом!
Селектирано:
2 ЛЕТОПИСИ 5: MKB
Нагласи
Сподели
Копирај
Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се
The Macedonian Bible: Old and New Testament, Konstantinov
Copyright © 1999, 2004, by Loukas Foundation ®
Used by permission of City Bible Foundation ® All rights reserved worldwide.