Лого на YouVersion
Икона за пребарување

1 ПЕТРОВО 1

1
Вовед
1Петар, апостол на Исуса Христа, до избраните придојденици, растурени по Понт, Галатија, Кападокија, Азија и Витинија, 2според провидението на Бог Таткото, во осветувањето на Духот, за послушност и попрскување со крвта на Исуса Христа: благодатта и мирот да ви се умножи.
Возвишеност на христијанската надеж и спасението
3Благословен да е Бог, Таткото на нашиот Господ Исус Христос, Кој по Својата голема милост, преку воскресението на Исуса Христа од мртвите, нѐ роди одново за жива надеж, 4за непоминливо наследство, и неизвалкано, и кое не вене, запазено во небесата за вас, 5кои Божјата сила ве чува, преку верата, за спасение, подготвено да се открие во последното време. 6Во ова радувајте се, макар да сте сега за малку наскрбени, ако е потребно во разни искушенија, 7та вредноста на вашата вера, која е поскапоцена од пропадливото злато - кое се испитува во оган - да се покаже, за пофалба, слава и чест, при откровението на Исуса Христа, 8Кого Го љубите иако не сте Го виделе; во Кого верувате сега, иако не Го гледате; и се радувате со неискажлива и прославена радост, 9зашто ја постигнувате целта на својата вера: спасението на душите.
10Ова спасение го бараа и го испитуваа пророците, кои пророкуваа за благодатта што ви е наменета; 11тие испитуваа на кое и на какво време посочуваше Христовиот Дух, Кој беше во нив, кога однапред навестуваше за Христовите страдања и за славите по нив. 12Ним им беше откриено дека не служеа за себе, туку за вас, со ова што сега ви го објавија преку оние, кои ви го проповедаа Евангелието преку Светиот Дух, испратен од небото, во што ангелите сакаат да вникнат.
Треба да се живее со свет живот
13Затоа, препашете ги бедрата на вашиот ум, бидете трезвени, имајте полна надеж во благодатта, која ќе ви биде донесена при откровението на Исуса Христа. 14Како послушни чеда, не управувајте се според некогашните страсти, кои ги имавте во своето незнаење, 15туку според Светецот, Кој ве повика, бидете и самите свети во целото свое држење, 16зашто е напишано: „Бидете свети, зашто Јас Сум свет.“ 17И кога Го наречувате Татко Оној, Кој не гледајќи кој е кој, го суди според делата секој поединец, поминувајте го во страв времето на својот живот како придојденици, 18знаејќи дека не сте откупени со распадливи нешта, со сребро или со злато, од својот суетен живот што ви е предаден од вашите татковци, 19туку со скапоцената крв на Христа, како невино и чисто Јагне, 20Кој беше предназначен, пред создавањето на светот, а се јави на крајот на времето заради вас; 21кои преку Него поверувавте во Бога, Кој Го воскресна од мртвите и Му даде слава, така што вашата вера и вашата надеж да бидат во Бога.
22Откако преку Духот ги очистивте вашите души во послушност кон вистината, за нелицемерно братољубие; љубете се истрајно еден друг од чисто срце, 23зашто сте новородени не од распадливо семе, туку од нераспадливото живо и вечно Божјо слово. 24Зашто „секое тело е како трева, и сета нејзина слава како цвет од трева: тревата се осушува и цветот ѝ опаѓа, 25а Господовото слово останува довека.“ А тоа е словото, кое ви е објавено како Евангелие.

Селектирано:

1 ПЕТРОВО 1: MKB

Нагласи

Сподели

Копирај

None

Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се