Лого на YouVersion
Икона за пребарување

1 ЦАРЕВИ 19

19
4. Илија на гора
а. Намера на Језавела
1Ахав ѝ раскажа на Језавела сѐ што направи Илија и како ги погуби со меч сите пророци. 2Тогаш Језавела му испрати гласник на Илија со порака: „Боговите нека ми ги направат сите зла и нека придадат, ако утре во ова време не направам со твојот живот како што направи ти со животот на секој од нив!“ 3Тој се исплаши, стана и отиде за да си го спаси животот. Дојде во Вирсавеа, која е во Јудеја, и таму го отпушти својот момок.
б. Илиево бегство
4А самиот отиде ден одење во пустината; седна таму под смрека, посака да умре и рече: „Веќе ми е доста од сѐ, Господи! Земи ја мојата душа, зашто не сум подобар од своите татковци.“ 5Потоа легна и заспа. Ама ете, ангел го допре и му рече: „Стани и јади.“ 6Тој погледна, кога ете - покрај неговото возглавје: леб печен на камен и врчва со вода. Јадеше и пиеше, па пак легна. 7Но Господовиот ангел се јави и по вторпат, го допре и рече: „Стани и јади, зашто пред тебе е далечен пат!“ 8Стана, јадеше и пиеше. Закрепнат од таа храна, одеше четириесет дена и четириесет ноќи сѐ до Божјата Гора Хорив.
в. Господ во веење на тивок ветрец
9Таму влезе во една пештера и преноќева во неа. И ете, Господови слова дојдоа кај него: „Што бараш ти тука, Илија?“ 10Тој одговори: „Ревнував многу за Господа, за Бога над Воинствата, зашто Израелевите синови го напуштија Твојот Завет, ги разурнаа твоите жртвеници и ги погубија со меч Твоите пророци. Останав сам, а тие бараат и мене да ми го земат животот.“ 11Гласот му рече: „Излези и застани во гората пред Господа. Еве Господ тукушто поминува.“ Пред Господа беше силен виор, толку силен што ги дробеше брдата и ги кршеше ридовите, но Господ не беше во бурниот виор; по бурниот виор беше земјотрес, ама Господ не беше во земјотресот; 12а по земјотресот беше оган, ама Господ не беше во огнот; по огнот шепот на лесно и благо тивко ветре. 13Кога Илија го чу тоа, го скри лицето со наметка, излезе, и застана при влезот во пештерата. Тогаш гласот му проговори и му рече: „Што бараш тука, Илија?“ Тој одговори: „Ревнував мошне многу за Господа над Војските, зашто Израелевите синови го напуштија Твојот Завет, ги разурнаа Твоите жртвеници и со меч ги погубија Твоите пророци. Останав сам, а тие бараат и мене да ми го одземат животот.“ 15Господ му рече: „Оди, врати се по истиот пат во Дамаската Пустина. Кога ќе дојдеш, помажи го таму Азаил за цар на Сирија. 16Помажи го Јуј, синот Нимсиев, за цар над Израел, а Елисеј, синот Сафатов, од Авел Меол, помажи го за пророк место себе си. 17Кој ќе избега од Азаиловиот меч, него ќе го погуби Јуј; а кој ќе избега од Јујиниот меч, него ќе го погуби Елисеј. 18Но си оставив во Израел седум илјади луѓе, кои не се поклонија пред Ваала, и сите усти, кои не го целиваа.“
г. Повикување на Елисеј
19Тој отиде и на враќање го најде Елисеја, синот Сафатов, како што ора: пред него дванаесет двојки впрегнати волови, самиот беше кај дванаесеттата. Илија помина покрај него и ја фрли на него својата наметка. 20Тој ги остави воловите, потрча по Илија и рече: „Дозволи ми да ги прегрнам татка си и мајката, па ќе тргнам по тебе.“ Илија му одговори: „Оди, врати се, зашто што ти направив?“ 21Тој го остави, зеде двојка волови и ги жртвува. Со воловскиот плуг испече месо, и им го даде на луѓето да јадат. Потоа стана и тргна по Илија за да му служи.

Селектирано:

1 ЦАРЕВИ 19: MKB

Нагласи

Сподели

Копирај

None

Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се

YouVersion користи колачиња за да го персонализира вашето искуство. Со користење на нашата веб-страница, ја прифаќате употребата на колачиња како што е опишано во нашата Политика за приватност