Лого на YouVersion
Икона за пребарување

1 ЦАРЕВИ 20

20
5. Прв Ахавов поход против Арамејската Земја
а. Барање на арамејскиот цар Вен-Адад
1Вен-Адад, царот на Арам, ја собра сета своја војска - со него беа триесет и два цареви, со коњи и со бојни коли - и отиде да ја опсадува Самарија, и удри на неа. 2Му испрати во градот гласници на израелскиот цар Ахав 3и му рече: „Вен-Адад вели вака: ‘Твоето сребро и твоето злато е мое, и твоите најдобри жени и деца се мои.’“ 4Израелскиот цар му одговори вака: „На твоја заповед, господару цару! Јас сум твој со сѐ што ми припаѓа.“ 5Ама гласниците се вратија и рекоа: „Вен-Адад вели вака и ти порачува: ‘Дај ми ги своето сребро и злато, своите жени и деца. 6Биди уверен дека утре во ова време ќе ги испратам своите слуги, и тие ќе ги пребараат твојата куќа и куќите на твоите слуги, и ќе ја стават својата рака на сѐ што ќе им се допадне, и ќе го однесат тоа.’“
б. Ахавов одговор
7Израелскиот цар ги свика сите земни старешини и рече: „Промислете и погледајте! Овој ни готви зло! Ги бара од мене моите жени и деца, иако не му одбив моето сребро и злато.“ 8Старешините и сиот народ му одговорија: „Немој да послушаш! Немој да се согласиш!“ 9Тогаш тој им одговори вака на Вен-Ададовите пратеници: „Речете му на господарот царот: ‘Сѐ што бараше првпат од својот слуга, јас ќе направам, ама ова другото не можам.’“ И посланиците отидоа и го однесоа одговорот. 10Тогаш Вен-Адад порача: „Боговите нека ми направат зло и нека придадат уште толку, ако правот на Самарија биде доста за да добијат по еден грст оние што ме следат!“ 11Ама израелскиот цар му одговори: „Се вели: ‘Нека не се фали оној кој се препашува како оној што се распашува!’“ 12А кога Вен-Адад го чу тоа - токму пиеше со царевите под шаторот - им заповеда на своите слуги: „На своите места!“ И тие ги зазедоа своите положаи против градот.
в. Божјо ветување за победа
13Тогаш еден пророк го побара Ахава, царот на Израел, и рече:
„Господ вели вака: ‘Дали го виде она силно мноштво? Еве, Јас ќе ти го предадам денес во рацете, и ти ќе сознаеш дека Јас Сум Господ.’“ 14Ахав рече: „Преку кого?“ Тој одговори: „Преку момчињата на покраинските намесници“ Ахав праша: „Кој ќе го почне бојот?“ Тој одговори: „Ти!“ 15Ахав изврши смотра на момчњата на покраинските управители. Беа двеста триесет и две. По нив изврши смотра на сите војски на сите Израелци. Беа седум илјади.
г. Ахавова победа
16Тие излегоа на пладне, додека Вен-Адад пиеше во шаторите со триесет и два цареви кои му беа сојузници. 17Момчињата на покраинските управители излегоа први. Го известија Вен-Адад: „Излегоа луѓето од Самарија.“ 18Тој рече: „Ако излегоа заради мир, фатете ги живи; ако излегоа во бој, фатете ги пак живи!“
19Ама кога тие - момчињата на покраинските управители - излегоа од градот, по нив следеше другата војска, 20и секој удри на својот противник. Арамејците бегаа, а Израелците ги гонеа. Вен-Адад, арамејскиот цар, се спаси на коњ со некои коњаници. 21Тогаш излезе израелскиот цар; ги заплени коњите и колите, и им нанесе на Арамејците тежок пораз.
д. Пророк го предупредува Ахава
22Тогаш пророкот му пристапи на израелскиот цар и му рече: „Ајде! Охрабри се и размисли добро што треба да правиш, зашто догодина арамејскиот цар ќе нападне на тебе.“
6. Втор поход против Арамејци
а. Вен-Ададов пораз
23Слугите го советуваа арамејскиот цар: „Нивните богови се богови на горите, и затоа беа појаки од нас. 24И така, да направиме вака: мавни ги овие цареви, и постави ги војводите на нивното место. 25Потоа собери си голема војска колку што беше онаа што ја изгуби, толку коњи и толку коли. Тогаш ќе се биеме со нив во рамница, и бездруго ќе надвладееме.“ Тој ги послуша и направи така.
26Кога помина годината Вен-Адад ги крена Арамејците и тргна против Афек, за да војува со Израел. 27Израелците се кренаа и тргнаа против нив. И се влогорија Израелците пред нив како две мали стада кози, додека Арамејците ја покрија земјата. 28Тогаш Божјиот човек му пристапи на израелскиот цар и му рече: „Вака вели Гопод: ‘Затоа што Арамејците велат дека Господ е Бог на горите и дека не е Бог на рамниците, Јас ќе го предадам во твоите раце ова силно мноштво, за да знаете дека Јас Сум Господ.’“ 29Седум денови беа влогорени едните спроти другите. Во седмиот ден се зафати бој, и Израелците ги погубија Арамејците, сто илјади пешаци во еден единствен ден. 30Остатокот избега во Афек, во градот, ама ѕидот се урна врз дваесет и седум илјади луѓе кои останаа.
б. Ахав го поштедува Вен-Адада
Избега и Вен-Адад. Во градот поминуваше од една скривница во друга. 31Неговите слуги му рекоа: „Ете! Ние чувме дека израелските цареви се милостиви. Да ставиме вреќишта околу своите слабини и јажиња околу своите глави, па да излеземе пред израелскиот цар: можеби ќе ти го поштеди животот.“ 32И врзаа вреќишта околу своите крстови и јажиња околу своите глави. Отидоа пред израелскиот цар и рекоа: „Твојот слуга Вен-Адад вели: ‘Остави ме во живот!’“ Тој одговори: „Уште ли е жив? Тој е мој брат.“ 33Луѓето го зедоа тоа како добар знак и побрзаа да го фатат за Зборот, велејќи: „Вен-Адад е твој брат!“ Ахав одговори: „Одете! Доведете го!“ Вен-Адад дојде, и тој го зеде во колата. 34Вен-Адад му рече тогаш: „Ќе ти ги вратам градовите кои мојот татко му ги одзеде на твојот татко; ќе ти стојат на располагање улици во Дамаск, како што стори мојот татко во Самарија. Пушти ме под овој услов.“ Ахав склучи со него сојуз и го пушти.
в. Божји гнев и казна што доаѓа
35Еден од пророчките синови му рече, по Господова заповед, на својот другар: „Удри ме!“ Ама човекот не сакаше да го удри. 36Тогаш оној му рече: „Бидејќи не го слушаше Господовиот глас, еве, кога ќе си отидеш од мене, лав ќе те раскине.“ Тукушто се оддалечи од него, сретна лав, кој го раскина. 37Пророкот најде друг човек и рече: „Удри ме!“ Човекот го удри и го рани. 38Пророкот си отиде, се намести на патот на царот, а преку очите навлече покривало за да не го препознаат. 39Кога поминуваше царот, тој извика: „Твојот слуга беше излезен во бој, кога од бојните редови истапи еден и ми доведе некој човек, велејќи: ‘Чувај го овој човек! Ако го снема, твојот живот ќе биде за неговиот живот, или ќе платиш сребрен талант.’ 40И додека твојот слуга работеше тука-таму, него го снема.“ Тогаш царот на Израел му рече: „Еве ти ја пресудата! Сам си ја изрече!“ 41На тоа оној веднаш го отстрани покривалото од очите, и израелскиот цар виде дека тоа е еден од пророците. 42А тој му рече на царот: „Господ вели вака: ‘Бидејќи остави да ти избега од рацете човекот, кого го удрив со проклетство, твојот живот ќе биде за неговиот живот, твојот народ за неговиот народ!’“ 43И израелскиот цар си отиде во својата куќа, темен и насрден, и влезе во Самарија.

Селектирано:

1 ЦАРЕВИ 20: MKB

Нагласи

Сподели

Копирај

None

Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се