Лого на YouVersion
Икона за пребарување

1 ЛЕТОПИСИ 17

17
Г. Давидова намера да изгради Храм
1. Натаново одобрение
1Кога Давид се настани во дворецот, му рече на пророкот Натан: „Погледај! Еве, јас живеам во дворец од кедрово дрво, а Ковчегот на Господовиот Завет под завеси!“ 2Натан му одговори на Давида: „Прави, што ти е на срцето, зашто Господ е со тебе.“
2. Божјо неодобрување
3Но уште во истата ноќ му дојде на Натана ова Божјо слово: 4“Оди и кажи му на Мојот слуга Давид: ‘Господ зборува вака: „Ти нема да Ми направиш куќа за да живеам во неа. 5Никогаш не престојував во куќа откако го изведов Израел од Египет па до денешниот ден, туку одев од шатор до шатор, и од престојувалиште до престојувалиште. 6Додека одев со сиот Израел, дали му реков еден збор на некој од израелевите судии, на кои им заповедав да му бидат пастири на Мојот народ, и дали му кажав: ‘Зошто не Ми изградите куќа од кедрово дрво?’“‘ 7Затоа сега речи му го ова на Мојот слуга Давид: ‘Господ над Воинствата зборува вака: „Јас те доведов од пасиштата, од овците и од козите, за да бидеш кнез над Мојот Израелски народ. 8Бев со тебе каде и да одеше, ги истребив сите твои непријатели пред тебе. Јас ќе ти набавам големо име, како што е името на големците на земјата. 9Ќе му одредам престојувалиште на Својот Израелски народ и ќе го посадам за да живее на свое место и да не скита веќе наоколу, ниту да го измачуваат неправедниците како порано, 10тогаш кога одредив судии над Својот Израелски народ. Ќе ги покорам сите твои непријатели и ќе те направам голем, Господ ќе ти подигне дом. 11Зашто кога ќе се исполнат твоите животни денови и кога ќе дојде времето да починеш кај татковците, ќе го подигнам твојот потомок по тебе, кој ќе биде од твоите синови, и ќе го утврдам неговото царство. 12Тој ќе Ми изгради дом, а Јас ќе го утврдам неговиот престол засекогаш. 13Јас ќе му бидам нему татко, а тој ќе Ми биде Мене син: нема да ја одвратам Мојата милост од него, како што ја одвратив од неговиот претходник. 14Ќе го утврдам во Мојот дом и во Моето царство довека, и неговиот престол ќе му стои цврсто засекогаш.“‘“ 15Натан му ги пренесе на Давида сите тие зборови и целото видение.
3. Давидова молитва
16Тогаш Давид дојде и застана пред Господа и рече: „Кој сум јас, о Боже Господи, и што е мојот дом та ме доведе дотука? 17Па и тоа беше премалку во Твоите очи, о Боже, туку му даде ветување на домот на Својот слуга и за далечната иднина, и погледна на мене како што се гледа на угледен човек, о Боже Господи! 18Па уште што да ти зборува Давид за славата на Твојот слуга; та Ти го познаваш Својот слуга! 19Господи, заради Својот слуга и по Своето срце го направи сето ова големо дело, објавувајќи ги овие величини. 20Господи нема таков Каков што си Ти, ниту има Бог освен Тебе, според сѐ што чувме со своите уши. 21Дали постои друг народ на земјата како Твојот Израелски народ, заради кој Бог одеше за да Си избави народ за Себе, за да си придобиеш така Име со големи и страшни чудеса, изгонувајќи ги кривобожечките племиња пред Својот народ што го откупи од Египет? 22Така го направи Својот Израелски народ, Свој народ засекогаш, а Ти, Господи, му стана Бог. 23Затоа сега, Господи, нека биде цврсто довека словото што му го даде на Својот слуга и на неговиот дом, и направи како што вети. 24Нека биде цврсто, за да се велича Твоето Име засекогаш и да се вели: ‘Господ над Војските, Израелевиот Бог, е Бог над Израел, а домот на Твојот слуга Давид нека стои цврсто пред Тебе.’ 25Зашто Ти, Боже мој, му јави на увото на Својот слуга дека ќе му подигнеш дом, затоа Твојот слуга присобра храброст за да се помоли пред Тебе. 26Навистина, Господи, Ти Си Бог, и Ти му го даде ова убаво ветување на Твојот слуга. 27Затоа сега удостои се да го благословиш домот на Твојот слуга, за да остане довека пред Тебе, зашто кога Ти, Господи, ќе благословиш, ќе биде благословено довека.“

Селектирано:

1 ЛЕТОПИСИ 17: MKB

Нагласи

Сподели

Копирај

None

Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се