1 ЛЕТОПИСИ 16
16
г. Назначување пејачи при Ковчегот
1Тогаш го внесоа Божјиот Ковчег и го поставија сред шаторот што му го беше оптегнал Давид. Тогаш принесоа паленици и помирителни жртви пред Господа. 2Откако принесе паленици и помирителни жртви, Давид го благослови народот во Господовото име. 3Тогаш им подели на сите Израелци, на мажите и на жените, секому по еден кружен леб, парче месо и низаница суво грозје. 4Тогаш постави пред Господовиот Ковчег службеници, од левитите, да Го вознесуваат, да Го слават и да Го фалат Господа, Израелевиот Бог, и тоа: 5главатарот Асаф, а втор по него Захариј, потоа Еил, Семирамот, Ехил, Мататиј, Елијав, Венаја, Овид-Едом и Еил со псалтири и гуслиња; Асаф удираше во кимвали. 6Свештениците Венаја и Јазил беа непрекратно со труби пред Ковчегот на Господовиот Завет.
д. Давидова благодарна песна
7Во тој ден Давид им довери за првпат на Асаф и на неговите браќа да Го слават Господа со овај псалм: 8Славете Го Господа, повикувајте Му го Името; навестувајте ги сред народите Неговите дела! 9Пејте Му, свирете Му, проповедајте ги сите Негови чудеса! 10Фалете се со Неговото свето Име, нека се радува срцето на оние што Го бараат Господа! 11Барајте Го Господа и Неговата сила, барајте го секогаш Неговото лице! 12Спомнете си за чудата што ги направи, за Неговите чуда и за судовите на Неговата уста, 13Израелевиот род е Негов слуга, Јакововите синови Негови избраници. 14Тој е Господ, наш Бог; Неговите судови се по сета земја! 15Спомнувајте си секогаш за Неговиот Завет, за словото кое им го објави на илјадници поколенија; 16за Заветот што го склучи со Авраама и Неговата заклетва на Исака. 17Тоа им го постави како закон на Јакова, како вечен Завет на Израел. 18Велејќи: „Тебе ќе ти ја дадам Ханаанската Земја како дел во ваше наследство.“ 19Тие беа малубројни, и ништожни, и придојденици во неа. 20Одеа од народ до народ, од едно царство кон друг народ. 21Но Тој не му дозволи никому да ги угнетува, ги казнуваше заради нив царевите: 22“Не допирајте ги Моите помазаници, не правете им зло на Моите пророци!“ 23Пеј Му на Господа, цела Земјо! Проповедајте го од ден на ден Неговото спасение! 24Кажувајте им ја на незнабошците Неговата слава, на сите народи Неговите чудеса. 25Велик е Господ, предостоен за фалба, пострашен од сите богови. 26Ништожни се сите богови на народите. Господ ги создаде небесата. 27Славата и величеството се пред Него, силата и радоста во Неговото Светилиште. 28Дајте Му ги на Господа, народни племиња, дајте Му ги на Господа славата и честа! 29Дајте Му ја на Господа славата на Неговото Име, носете приноси и доаѓајте пред Неговото лице! Поклонете Му се на Господа во блесокот на Неговата светост! 30Трепери пред Него, сета Земјо! Ја зацврсти вселената за да не се заљулее. 31Небесата нека се веселат и земјата нека воскликнува; нека се зборува меѓу незнабошците: „Господ царува!“ 32Морето нека бучи и сѐ што е во него; полето нека се радува и што е на него! 33Горските дрвја нека ликуваат пред Господа, зашто доаѓа да ѝ суди на земјата. 34Славете Го Господа зашто е добар, зашто е вечна Неговата љубов. 35И речете: „Спаси нѐ, о Боже, Спасителу наш, и собери нѐ и избави нѐ од безбожните народи, за да го славиме Твоето свето Име, за да се гордееме со Твојата слава.“ 36Благословен да е Господ, Израелевиот Бог, одвека довека! И сиот народ рече: „Амин! Алилуја!“ 37И таму пред Ковчегот на Господовиот Завет ги оставија Асафа и неговите браќа за да служат пред Ковчегот непрекратно, колку што треба од ден во ден; 38и Овид-Едома со неговите браќа, нив шеесет и осум, Овид-Едома, синот Једутунов, и Оса, за да бидат вратари; 39а свештеникот Садок со неговите браќа свештеници пред Господовото Престојувалиште на високото место во Гаваон, 40за да Му принесуваат паленици на Господа на жртвеникот за паленици без престанок, наутро и навечер, и за да вршат сѐ, што е напишано во Законот што Господ му го одреди на Израел; 41со него Еман и Једутун и другите избраници, за да Го слават Господа, „зашто е вечна Неговата љубов“; 42и тоа Еман и Једутун за да свират во трубите и за да удираат во кимвалите и во други музички справи во чест на Бога; а Једутуновите синови за да бидат вратари. 43Тогаш сиот народ се разотиде, секој во својата куќа; а Давид се врати за да го благослови својот дом.
Селектирано:
1 ЛЕТОПИСИ 16: MKB
Нагласи
Сподели
Копирај
Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се
The Macedonian Bible: Old and New Testament, Konstantinov
Copyright © 1999, 2004, by Loukas Foundation ®
Used by permission of City Bible Foundation ® All rights reserved worldwide.