Исаија 63
63
Молитва за спасение.
1Кој е Оној, Кој иде од Едом, во црвена одежда од Восор, Кој е толку величествен во облеката Своја, Кој пристапува во полната сила Своја? – »Јас сум, Кој изрекувам правда и сум силен да спасувам.«
2Зошто Твојата облека е црвена, и твоите одежди – како на оној, што газел во каца?
3»Јас газев во каца сам, и никој од народите не беше со Мене; Јас ги газев во гневот Свој и ги газев во јароста Своја; крвта нивна ми ја прскаше облеката Моја; ја извалкав целата облека Моја;
4зашто денот за одмазда е во срцето Мое, и годината на искупените од Мене настапи.
5Јас гледав – и немаше помошник; се чудев, зошто немаше кој да ме поткрепи; но Мојата мишка Ми помогна, и Мојот гнев – тој Ме поткрепи:
6и во гневот Свој ги згазив народите, ги уништив во јароста Своја и ја излеав на земјата крвта нивна.«
7Ќе се сеќавам на милоста и славата Господова, за сѐ што Господ ни дарува, за големата Негова благост кон домот Израилев што Он ја укажа по милосрдноста Своја и по многуте добрини Свои.
8Он рече: »Навистина, тие се Мој народ, деца што нема да излажат,« – и Он ќе биде нивни Спасител.
9Во секоја нивна жалост Он не ги оставаше и Ангелот на Неговото лице ги спасуваше; со Својата љубов и добросрдечност Он ги искупи, ги зеде и ги носеше през сите древни дни.
10Но, тие се возбунтуваа и Го огорчија Неговиот Свет Дух; затоа Он им стана непријател, така што Сам војуваше против нив.
11Тогаш народот Негов си спомна за древните дни, деновите на Мојсеја: каде е Оној што ги изведе од морето со пастирот на Своите овци? Каде е Оној што Го вложи во неговото срце Својот Свет Дух?
12Кој го водеше Мојсеја за десната рака со Својата величествена мишка и ги раздели пред нив водите, за да си создаде вечно име?
13Кој ги водеше преку бездни, како коњ по степи и тие не се сопинаа?
14Како што стадо слегува во долина, – така Духот на Господа ги води кон покој. Така и Ти го водеше Својот народ, за да си создадеш славно име.
15Ѕирни од небесата и погледни од Твоето живеалиште на светињата Твоја и на славата Твоја: каде се ревноста и силата Твоја? Големата Твоја милосрдност и милоста Твоја кон мене запрени се.
16Само Ти си Отец наш; зашто Авраам не нѐ познава, ниту Израил нѐ признава за свои; Ти, Господи, си наш Отец, отсекогаш Твоето име е: »Искупител наш.«
17Зошто Господи, си допуштил да се отстраниме од Твоите патишта, да се ожесточи срцето наше, за да не се плашиме од Тебе? Сврти се заради Твоите слуги, заради племињата на Твоето наследство.
18Кратко време владееше над него народот на Твојата светиња: непријателите наши го изгазија твоето светилиште.
19Ние станавме такви, како над кои никогаш да не си владеел, и над кои името Твое да не се спомнувало.
Селектирано:
Исаија 63: MK1990
Нагласи
Сподели
Копирај
Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се
© Библиско Здружение на Р. Македонија 1990, 2016
© Bible Society of the Republic of Macedonia 1990, 2016