Исаија 62
62
Идната слава на Сион.
1Нема да замолчам заради Сион, ниту ќе се успокојам заради Ерусалим, додека правдата негова не изгрее како светлина, и спасението негово – како запалена светилка.
2И народите ќе ја видат твојата правда, и сите цареви – твојата слава; и ќе ги наречат со ново име, кои устата Господова ќе го изрече.
3И ќе бидеш венец на слава во раката Господова и царска круна – врз дланката на твојот Бог.
4Нема веќе да те нарекуваат »изоставен«, ниту земјата твоја повеќе ќе ја именуваат »пустиња«, туку ќе те нарекуваат »Мое благоволение кон него«, а земјата твоја – »омажена«, зашто Господ благоволил кон тебе, и земјата твоја цела ќе биде населена.
5Како што момче се жени со мома, така и синовите твои ќе се соединат со тебе; и како што младоженецот се радува на невестата, така ќе ти се радува тебе твојот Бог.
6На ѕидовите твои Ерусалиме, поставив стража, која нема да молкне ни дење, ни ноќе. О, вие што го спомнувате Господа, не замолкнувајте!
7Не замолчувајте пред Него, додека Он не го обнови Ерусалим и додека не ја издигне славата негова на земјата.
8Господ се заколна во десницата Своја и во силната мишка Своја: нема повеќе да го давам твоето жито за храна на непријателите твои; и синови на туѓинци нема да го пијат виното твое, за кое си се трудел;
9но собирачите негови ќе го јадат и ќе го слават Господа, и берачите на грозјето ќе го пијат виното негово во дворовите на Моето светилиште.
10Минувајте, минувајте низ портите, приготвувајте пат за народот! Рамнете, рамнете го патот, собирајте ги камењата, кренете знаме за народите!
11Ете, Господ објавува до крајот на земјата: кажете ѝ на ќерката Сионова: твојот Спасител иде; наградата Негова е со Него, а отплатата Негова – пред Него.
12И ќе ги наречат свет народ, откупен од Господа, а тебе ќе те наречат »баран«, град неизоставен.
Селектирано:
Исаија 62: MK1990
Нагласи
Сподели
Копирај
Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се
© Библиско Здружение на Р. Македонија 1990, 2016
© Bible Society of the Republic of Macedonia 1990, 2016