Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Битие 32

32
Средбата на Јакова со ангели. Неговиот страв од Исава. Молитва и борба. Името Израил.
1И Јаков тргна по својот пат и виде војска Божја спроти него; и го сретнаа ангели Божји.
2А кога ги виде, Јаков рече: »Ова е Божја војска.« И затоа местото го нарече Маханаим.
3И прати Јаков пред себе гласници кај Исава, братот негов, во земјата Сеир, во крајот Едомски.
4Па им заповеда и рече: »Вака речете му на господарот мој Исава: – ‚Еве што вели слугата твој Јаков: бев при Лавана и досега се задржав таму;
5а имам волови, осли и ситен добиток, слуги и слугинки; затоа испратив да го известат господарот мој Исава; не би ли нашол слугата твој милост пред тебе?‘«
6И се вратија гласниците кај Јакова и му рекоа: »Отидовме при братот твој Исав, и ете тој ти доаѓа во пресрет со четиристотини души.«
7А Јаков се уплши многу и се загрижи; па ги раздели во две групи своите луѓе што беа со него, и овците, и воловите, и камилите.
8И рече Јаков: »Ако Исав удри на едната група и ја разбие, можеби втората ќе се спаси.«
9И пак рече Јаков: »Боже на таткото мој Авраама, Боже на таткото мој Исака, Господи Боже, Ти, Кој ми рече – ‚Врати се во земјата каде што си роден, и Јас ќе ти бидам добротвор!‘ –
10Не сум заслужил толкава милост и толкава вера што му ја направи на слугата Твој; зашто само со стап го минав овој Јордан, а сега сум господар на два табора.
11Спаси ме од рацете на братот мој, од рацете Исавови, оти се плашам од него да не би, кога ќе дојде да ме убие мене, да ги убие и мајките и децата.
12А Ти рече – ‚Навистина Јас ќе ти бидам добротвор, и ќе направам потомството твое да биде како песокта морска, кое од множество не ќе може да се изброи.‘«
13И преноќева таму таа ноќ, и зеде од сѐ она што му беше при рака, па му испрати дарови на својот брат Исава:
14двесте кози со двесте јарци, двесте овци со двесте овни,
15триесет камили родилки со камилчиња, четириесет крави и десет јуниња, дваесет ослици и десет осли.
16И им ги предаде на слугите свои, секое стадо посебно. Па им рече на слугите свои: »Врвете пред мене и оставајте доволно растојание меѓу едното стадо и другото!«
17И му заповеда на првиот, велејќи: »Ако те сретне Исав, братот мој, и те праша, велејќи: – ‚Чиј си?‘ – и – ‚Каде одиш?‘ – и – ‚Чие е тоа што го тераш пред тебе?‘
18А ти кажи – ‚На слугата твој Јакова, а ова му го испраќа како дар на господарот свој Исава, и ете, и самиот доаѓа по нас.‘«
19Што му заповеда на првиот, така направи и на вториот и на третиот и на сите што одеа по стадата, и рече: »Така кажете му на Исава, кога ќе го сретнете.«
20И уште рече: »Ете, Јаков слугата твој, доаѓа по нас.« Оти си велеше; »Ќе го ублажам со даровите што одат пред мене, па ќе му го видам тогаш лицето; можеби, и ќе ме прими.«
21Така даровите тргнаа пред него, а тој преноќева таа ноќ кај таборот свој.
22И ноќта стана, па откако ги зеде обете жени свои и двете робинки и единаесетте синови свои, го премина потокот Јавок.
23А откако нив ги зеде и ги преведе преку потокот, пренесе и сѐ друго што имаше.
24А кога остана Јаков сам, тогаш некој се бореше со него до зори.
25И кога виде дека не може да го совлада, се допре до бедрото, така што на Јакова му се измести колкот од зглобот додека се бореше со Него.
26Па тогаш рече: »Пушти Ме веќе, зора е!« Но Јаков одговори: »Нема да Те пуштам, додека не ме благословиш.«
27И му рече: »Како се викаш?« А тој одговори »Јаков«.
28Тогаш му рече: »Отсега името нема да ти биде Јаков, туку Израил ќе е името твое; зашто храбро се бореше и со Бога, па и со луѓето силен ќе бидеш.«
29А Јаков праша и рече: »Кажи ми го името Твое!« А Он одговори: »Зошто прашуваш за името Мое, кое е чудно?« И го благослови таму.
30И Јаков го нарече она место со името Фануил, зашто, рече; »Бога го видов лице в лице, и душата моја се спаси.«
31А сонцето беше изгреало кога го мина Фануил, и накривнуваше поради колкот.
32Затоа синовите Израилеви не ја јадат жилата кај зглобот од бедрото се до денешен ден, бидејќи зглобот на бедрото од Јакова му беше исчашен во тетивата.

Селектирано:

Битие 32: MK1990

Нагласи

Сподели

Копирај

None

Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се