Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Битие 31

31
Јакововото бегање со своите. Мирење со Лавана.
1Во тоа време чу Јаков дека синовите Лаванови зборуваат: »Јаков зеде сѐ, што беше на нашиот татко, и од она што беше на нашиот татко, го доби тоа цело богатство.«
2И виде Јаков дека лицето на Лавана не е спрема него како вчера и завчера.
3И му рече Господ на Јакова: »Врати се во земјата на таткото свој и во родот свој; и Јас ќе бидам со тебе!«
4Тогаш испрати Јаков, и ги повикаа Рахил и Лија од полето, каде што беше стадото,
5и им рече: »Гледам дека лицето на вашиот татко не е спрема мене како вчера и завчера; но Бог на таткото мој беше со мене.
6Вие самите знаете дека на вашиот татко му служев со сета своја сила,
7а таткото ваш ме лажеше и десетпати ми ја мени платата, но Бог не му дозволи да ми направи зло.
8Кога тој ќе речеше – секоја шарена нека биде твоја награда, – тогаш сите се раѓаа шарени. А кога ќе речеше – секоја пружеста да ти биде плата – тогаше сите се раѓаа пружести.
9Така Бог го одзеде добитокот од вашиот татко и ми го даде мене.
10Еднаш, кога се пареше доботокот, ги кренав очите мои и видов сон, а тоа – овните и јарците што скокаа на овците и козите беа пружести, наместа бели и шарени.
11И ангел Божји ми рече во сонот: ‚Јакове!‘ А јас одговорив: ‚Еве ме!‘
12А тој рече: ‚Крени ги очите твои и погледај, овните и јарците што скокаат на овците и козите, се пружести, со бели дамки и шарени; оти гледам сѐ што ти прави Лаван.
13Јас сум Бог, Кој ти се јави во Ветил, каде што го прели каменот и ми направи таму завет; стани сега и оди си од оваа земја, и врати се во родниот крај и ќе бидам со тебе.‘«
14Тогаш одговорија Рахил и Лија, и му рекоа: »Дали имаме уште некаков дел од наследството во домот од таткото наш?
15Зарем не нѐ сметаше како туѓинки? Тој нѐ продаде и го изеде нашето сребро.
16Сето ова богатство и слава, што му ги зеде Бог на таткото наш, ќе биде наше и на нашите деца. Затоа сега прави онака како што ти рекол Бог.«
17И се крена Јаков, па ги качи децата свои и жените свои на камили;
18и го зеде со себе сиот свој добиток, и целото свое богатство, што го беше придобил во Месопотамија, за да појде кај Исака, таткото негов, во земјата Хананска.
19А Лаван беше отишол да ги стриже овците свои; тогаш Рахил му ги украде идолите на таткото свој.
20И Јаков затаи од Лавана Арамеецот, не јавувајќи му дека ќе си оди.
21И си замина тој со целото богатство свое, и се крена и премина преку реката, па се упати кон гората Галад.
22На третиот ден му јавија на Лавана Арамеецот дека Јаков побегнал.
23И ги зеде со себе синовите и браќата свои, па тргна по него во потера, и по седум дена го стигна во гората Галад.
24Но Бог му дојде на Лавана Арамеецот ноќе во сон, и му рече: »Пази се, не зборувај му на Јакова лошо!«
25И го настигна Лаван Јакова; а Јаков ги беше распнал шаторите свои во гората. А и Лаван исто така ги распна со сродниците свои во гората Галад.
26И Лаван му рече на Јакова: »Што направи? Зошто ме излага и ги одведе ќерките мои, како со оружје грабнати?
27Зошто тајно избега и скришум отиде од мене? Ако ми кажеше, јас ќе те испратев со веселба и со песни, со тимпани и гусли?
28Ти не ме удостои дури ни да ги бакнам внуците мои и ќерките мои? Постапи навистина неразумно.
29Сега можам да постапам лошо со тебе. Но Бог на вашиот татко ми рече ноќеска, велејќи: – ‚Пази се, на Јакова не зборувај му лошо.‘
30Оди си, значи, кога толку си се зажелел да се најдеше во куќата таткова – но зошто ги украде идолите мои?«
31А Јаков му одговори на Лавана и рече: »Се плашев, оти помислив дека насила ќе ми ги грабнеш ќерките свои од мене, и сѐ мое.«
32И рече Јаков: »Кај кого ќе ги најдеш идолите твои, тој нека не живее повеќе; пред нашите сродници барај го она, што е твое кај мене.« Но тој ништо не најде кај него, а Јаков, пак, не знаеше дека Рахил, жената негова, ги украла.
33И влезе Лаван и ги пребара во шаторот на Јакова и во шаторот Лиин и во шаторот на двете робинки, и не ги најде. Па, откако излезе од шаторот на Лија, влезе во шаторот на Рахил.
34А Рахил беше ги зела идолите и ги сокрила под седлото на една од камилите и беше седнала на нив.
35А таа му рече на таткото свој: »Немој да се налутиш, господару мој, што не можам да станам пред тебе, оти го имам она што е кај жените обично.« И ги бараше Лаван по целиот шатор, но не ги најде идолите свои.
36И Јаков се налути, па се скара со Лавана и, велејќи, му рече: »Што сум направил, што сум згрешил, па толку жестоко ме гониш?
37Ги пребара сите работи мои, и што најде од куќата твоја? Покажи овде пред моите и пред твоите сродници, и тие нека пресудат меѓу нас двајцата.
38Еве, дваесет години бев кај тебе: овците твои и козите твои не се јаловеа; а овни од твоето стадо не јадев.
39Што ќе заколеа ѕверовите, не ти го носев, сам го надоместував; од мене го бараше она, што ќе беше загубено дење или ноќе.
40Дење ме изнуруваше горештината, а ноќе мрзнев; и сонот ми бегаше од очите.
41Такви ми беа дваесетте години во твојата куќа. Ти служев четиринаесет години за двете ќерки твои и шест години за овците твои, и платата ми ја измени десетпати.
42Да не беше со мене Бог на мојот татко, Бог Авраамов, и стравот од Исака со мене, ти секако би ме отпуштил празен. Но Бог ја виде мојата неволја и трудот на рацете мои, па те прекори вчера.«
43А Лаван му одговори на Јакова и рече: »Ќерките се мои ќерки; децата се мои деца, добитокот е мој добиток и, сѐ што гледаш, сѐ е мое и на ќерките мои; па можам ли нешто да им направем ним и на децата што ги родија тие?
44Туку ајде да склучиме сојуз јас и ти, и тоа нека биде сведоштво меѓу мене и тебе!« А Јаков му рече: »Никого нема со нас. Бог е сведок меѓу мене и тебе.«
45Тогаш Јаков зеде камен и го постави за спомен.
46И им рече Јаков на сродниците свои: »Соберете камења!« И Насобраа камења и ги нафрлија на куп, и јадеа таму на купот. Му рече Лаван: »Оваа грамада денес сведочи меѓу мене и тебе.«
47Лаван го нарече купот Јегар – Сахадут, односно грамада сведоштво. А Јаков го нарече Галад, т.е. грамада сведок.
48И му рече Јаков на Лавана: »Овој куп и овој камен што го поставив меѓу мене и тебе ќе сведочи пред мене и тебе и затоа се нарече со името Галад.«
49А се нарече и Миспа, оти Лаван рече: »Нека гледа Бог на мене и на тебе, откако ќе се разделиме еден од друг.
50Ако постапуваш со ќерките мои лошо или ако земаш други жени покрај ќерките мои, тоа, иако нема човек да биде меѓу нас да гледа, ете, Бог е сведок меѓу мене и тебе.«
51И уште му рече Лаван на Јакова: »Еве го овој куп, еве го овој споменик, што го поставив меѓу тебе и мене;
52овој спомени нека биде сведок дека ниту јас нема да мина преку овој куп кај тебе, ниту ти кај мене ќе минеш преку овој куп и преку овој споменик за лошо.
53Бог Авраамов и Бог Нахоров, нека суди меѓу нас!« И Јаков се заколна во – стравот на неговиот татко Исака.
54Тогаш Јаков закла жртва во гората, и ги повика сродниците свои; и тие јадеа, пиеја и ноќеваа во гората.
55А утрина стана Лаван, и ги бакна внучињата и ќерките свои, и ги благослови; па се врати Лаван и отиде во своето место.

Селектирано:

Битие 31: MK1990

Нагласи

Сподели

Копирај

None

Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се