Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Исход 10

10
Скакулци и темнина.
1Тогаш Господ му рече на Мојсеја, велејќи: »Оди при Фараонот, зашто Јас му го ожесточив срцето негово и срцето на слугите негови, за да ги покажам овие знаци врз нив;
2па да им прикажувате на чедата ваши и на внуците ваши што им направив на Египтјаните, како и за знаците Мои, што ги покажав пред нив, и за да знаат, дека сум Јас Господ.«
3И отидоа Мојсеј и Арон кај Фараонот и му рекоа: »Еве што вели Господ, Бог на Евреите: ‚До кога не ќе сакаш да се засрамиш пред Мене? Пушти го народот Мој да Ми послужи!
4Оти, ако не сакаш да го пуштиш народот Мој, еве, утре во ова време ќе пратам скакулци над целата земја твоја.
5И тие ќе го покријат лицето на земјата, така што не ќе се гледа, а ќе го изедат остатокот, зачуван од градот; ќе го изадат и секое дрво, што ви расте по полето.
6И ќе ги наполна куќите твои, куќите на слугите твои и сите куќи по целата земја Египетска какво што не виделе татковците твои, ни прадедовците нивни, откако живеат на земјата па сѐ до денес.‘« И свртувајќи се, си отиде Мојсеј од Фараонот.
7Тогаш слугите му рекоа на Фараонот: »До кога овие маки? Пушти ги луѓето нека Му заблагодарат на Господа, нивниот Бог. Или сакаш да гледаш како Египет пропаѓа?«
8И ги вратија Мојсеја и Арона пред Фараонот, и им рече Фараонот: »Одете, послужете Му на Господа, вашиот Бог. А кои се тие што ќе одат?«
9Мојсеј одговори: »Ќе одиме и млади и стари, со синовите свои и со ќерките свои, со овците свои и воловите свои, ќе одиме, зашто тоа ќе биде празник во чест на Господа, нашиот Бог.«
10И им рече Фараонот: »Така нека биде; нека е Господ со вас. Ќе ве пуштам, но зошто се децата ваши? Ете, лошо лукавство имате.
11Не така, но да одите само мажите и заблагодарете Му на Господа, зашто тоа сами баравте.« И ги истераа од кај Фараонот.
12Тогаш му рече Господ на Мојсеја: »Протегни ја раката своја над земјата Египетска и ќе излезат скакулци на земјата египетска, па да ја изадат сета трева по земјата, сиот плод што остана неудрен од градот.«
13И го крена Мојсеј стапот свој кон небото и над египетската земја наведе Господ јужен ветар, кој дуваше цел ден и цела ноќ; а кога се раздени, јужниот ветар довеа скакулци.
14И ги навеа нив над целата земја египетска, и нападнаа по сите краишта египетски во голем број: такви скакулци никогаш немало, ниту такви ќе има некогаш.
15И го покрија лицето на земјата, така што на земјата ништо не се гледаше, и ја изедоа сета трева на земјата и сиот род по дрвјата и од тревата полска во целата земја египетска.
16Тогаш Фараонот брзо ги повика Мојсеја и Арона и рече: »Прегрешив пред Господа, вашиот Бог, и пред вас.
17Но уште сега прости ми го гревот мој, и молете Му се на својот Господ Бог да ја отстрани од мене само оваа смрт.«
18А, откако излезе Мојсеј од кај Фараонот, Му се помоли на Господа.
19И сврте Господ ветар од морето, многу силен и тој ги крена скакулците и ги фрли во Црвено Море; и не остана ниту еден скакулец во целата земја Египетска.
20Но Господ го затврдна срцето на Фараонот и тој не ги пушти синовите Израилеви.
21И му рече Господ на Мојсеја: »Крени ја сега раката своја кон небото, и ќе биде густа темнина по земјата Египетска, таква што дури опиплива ќе биде.«
22И Мојсеј ја подигна раката свој кон небото, и настана густа темнина, мрак и бура по целата земја египетска, која потраја цели три дена.
23Луѓето не се гледаа еден со друг три дена, и никој не се поместуваше од постелата своја три дена. Но по местата, каде што живееја синовите Израилеви, имаше виделина.
24Тогаш Фараонот го повика Мојсеја и Арона, и им рече: »Одете, заблагодарете Му на Господа, вашиот Бог; само овците ваши и воловите ваши нека останат, а имотот ваш нека оди со вас.«
25Но Мојсеј рече: »Не, ами ти треба да нѐ снабдиш со приноси и жртви сепалиници, што ќе ги принесеме на Господа, нашиот Бог.
26Затоа и добитокот наш нека оди со нас, да не остане ни копито; зашто од него треба да земеме нешто, со што ќе му заблагодариме на Господа, нашиот Бог; но, додека не пристигнеме таму, не знаеме каква жртва ќе Му принесеме на Господа.«
27И Господ пак го отврдна срцето на Фараонот и тој не сакаше да ги пушти.
28И му рече Фараонот: »Истави се од пред мене, повеќе да не ми излегуваш пред очи! И оној ден кога ќе ми дојдеш пред очи, ќе загинеш.«
29А Мојсеј рече: »Право кажа, нема повеќе да ти го видам лицето.«

Селектирано:

Исход 10: MK1990

Нагласи

Сподели

Копирај

None

Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се