Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Исход 9

9
Помор. Струпје. Град.
1Тогаш му рече Господ на Мојсеја: »Влези при Фараонот и кажи му: ‚Вака вели Господ, Бог на Евреите: пушти го народот Мој, за да ми изврши служба.‘
2Оти, ако не го пуштиш, па и понатаму го задржуваш,
3еве, раката Господова ќе дојде врз добитокот твој во полето, врз коњите, врз ослите, врз камилите, врз говедата и врз овците – и многу голем помор ќе настане.
4И во она време ќе направам чуда меѓу добитокот на синовите Израилеви; и од сиот добиток на синовите Израилеви нема ништо да загине.«
5И определи Господ време, велејќи: »Утре ќе го направи тоа Господ на земјата.«
6И го изврши тоа Господ утредента, и сиот добиток египетски исцрка; а од добитокот на синовите Израилеви ништо не загина.
7И виде Фараонот дека од добитокот Израилев не беше загинато ниту едно грло. Но Фараоновот срце одново отврдна, и тој пак не го пушти народот.
8Тогаш му рече Господ на Мојсеја и на Арона, велејќи: »Земете полни раце пепел од печката, и Мојсеј нека ја фрли пред Фараонот и пред слугите негови спрема небото;
9и ќе се дигне прав по целата земја Египетска; а од неа ќе се појават воспаленија и на луѓето, и на доботокот по целата земја Египетска.«
10И зедоа пепел од печката, и застанаа пред Фараонот, па ја фрли Мојсеј спрема небо, и се појавија гнојни струпје по луѓето и по добитокот.
11И вражачите не можеа да стојат пред Мојсеја поради струпјето, зашто струпје имаше и на вражачите и на сите Египтјани.
12И го ожесточи Господ срцето на Фараонот и тој не ги послуша, како што му беше рекол Господ на Мојсеја.
13Потоа му рече Господ на Мојсеја: »Стани утре рано и излези пред Фараонот и речи му: ‚Еве што вели Господ, Бог на Евреите: пушти го народот Мој, да Ми послужи,
14оти овој пат ќе ги пуштам сите зла, за да познаеш дека нема друг како што сум Јас на целата земја.
15Оти сега, ако ја пружам Својата рака, ќе те поразам тебе и народот твој со помор, така што ќе се истребите од земјата.
16А те оставив досега само за да ја покажам над тебе силата Своја, за да биде проповедано името Мое по целата земја.
17Уште ли ќе се креваш над Мојот народ, и нема ли да го пушташ?
18Па, еве, утре, токму во овој час, Јас ќе пратам град многу голем, каков што немало во Египет, откако настанал па досега.
19Затоа, сега побрзај да се прибере добитокот твој, и се што имаш по полето; оти ќе падне град врз сите луѓе и врз доботокот. А оние, што ќе се затечат во полето и не бидат прибрани дома, ќе падне град врз нив и ќе изгинат.‘«
20Оние Фараонови слуги, кои се уплашија од зборовите Господови, брзо го прибраа добитокот свој по куќите.
21А оној, пак, кој не им поверува на зборовите Господови, тој го остави добитокот свој во полето.
22И му рече Господ на Мојсеја: »Пружи ја раката своја кон небото, и ќе удри град по целата земја Египетска, врз луѓето, врз доботокот и врз тревата земна.«
23И Мојсеј ја крена раката кон небото и Господ пушти громови и град, и течеше оган по земјата. И прати Господ град врз целата земја Египетска.
24Паѓаше град, а и оган гореше со градот многу силен, каков што немало во целата земја Египетска, откако биле населени луѓето во неа.
25А градот уништи во целата земја Египетска сѐ – од човек до животно; и градот ги уништи сите растенија по полето, и сите дрвја во полето ги сотре.
26Само во земјата Гесем, каде што беа синовите Израилеви, немаше град.
27Тогаш прати Фараонот, и ги повика Мојсеја и Арона, и им рече: »Сега згрешив; Господ е праведан, а јас и мојот народ сме грешници.
28Помолете Му се на Господа за мене; нека престанат громовите Божји и градот, и огнот на земјата, па ќе ве пуштам, и повеќе никој да не ве задржува.«
29А Мојсеј му рече: »Штом ќе излезам од градот, ќе ги кренам рацете мои спрема небото кон Господа, и громовите ќе престанат и град и дожд повеќе нема да има, за да познаеш дека земјата е Господова.
30Но знам дека ти и слугите твои уште нема да се уплашите од Господа.«
31И така пропадна ленот и јачменот, зашто јачменот беше искласал, а ленот – фаќаше семе.
32А пченицата и р'жта не пропаднаа, бидејќи беа доцни жита.
33И Мојсеј излезе од кај Фараонот надвор од градот, ги издигна рацете свои кон Господа – престанаа громовите и градот, и град и дожд не паднаа веќе на земјата.
34Но Фараонот, откако виде дека престана дождот, градот и громовите, продолжи пак да греши, и закорави срцето негово и на слугите негови.
35Се ожесточи срцето Фараоново и на слугите негови, и тој пак не ги пушти синовите Израилеви, како што му беше рекол Господ преку Мојсеја.

Селектирано:

Исход 9: MK1990

Нагласи

Сподели

Копирај

None

Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се