YouVersion Logo
Search Icon

ПЕСНА НАД ПЕСНИ 7

7
ШЕСТА ПЕСНА
7:1-14
А. Младоженец набљудува невеста - (втора беседа)
1. Девојките:
1„Врати се, врати се, Суламко, врати се за да те гледаме.“
2. Младоженецот:
Што ќе видите на Суламка, која игра во две дружини?
3. Девојките
2Колку се убави твоите нозе во обувките, кнежевска ќерко! Заобленоста на твоите бедра се како огрлици, дело на рацете на искусен уметник. 3Папокот ти е тркалезна чаша, што никогаш не е без пијалак; мевот ти е како стог пченица, заграден со лилјани. 4Твоите две гради се како две срничиња- близначиња на срната. 5Твојот врат е како столб од слонова коска. Твоите очи се како езерчињата во Есевон, кај Ватравимската Врата. Носот ти е како ливанска стражарница, што гледа кон Дамаск. 6Твојата глава е како гората Кармил, а косата на главата како црвено сукно, и царот се сплетка во нејзините плетенки.
4. Младоженецот:
7Колку си прекрасна, колку си привлечна, о, највозљубена, меѓу милините! 8Растот твој е како палма, твоите гради се гроздови. 9Си реков: ќе се искачам на палмата, да ги дофатам нејзините врвови; а твоите гради ќе бидат како гроздови на лоза; мирисот на твојот здив како јаболка. 10Твојата уста е како најдобро вино, што тече направо кон мојот возљубен, како што тече низ усните на заспаните.
Б. Глас на невеста и меѓусебно припаѓање
11Јас му припаѓам на мојот возљубен, и тој има желба по мене. 12Дојди, возљубен мој, ќе одиме во полето, ќе ноќеваме во селата. 13Наутро ќе одиме во лозјата, за да видиме дали распупува лозата, дали се зафаќа грозјето, дали расцветаа калинките? Таму ќе му ја дадам мојата љубов. 14Калинките шират мирис, во нашите куќи има секакви овошки: нови и стари, за тебе ги чував, о највозљубен мој!

Highlight

Share

Copy

None

Want to have your highlights saved across all your devices? Sign up or sign in