YouVersion Logo
Search Icon

ПЕСНА НАД ПЕСНИ 8

8
СЕДМА ПЕСНА
8:1-7
А. Трет разговор. Глас на невестата:
1О, да си ми брат, да ги цицаше градите на мојата мајка! Тогаш, сретнувајќи те на улица, ќе те пољубев и никој немаше да ме осуди за тоа. 2Би те повела и би те вовела во домот на мајка ми; ти би ме учел, а јас би те поела со најдобро вино и со сок од калинки.
Б. Меѓусебно љубовно владеење
1. Невестата:
3Неговата лева рака ми е под главата, а со десната ме прегрнува.
2. Младоженецот:
4Ве заколнувам, ерусалимски ќерки, не будете ја и не тревожете ја мојата возљубена, додека самата не посака!
3. Девојките:
5Која е таа што доаѓа од пустината, потпрена врз својот возљубен?
4. Младоженецот:
Те разбудив под јаболкницата, каде те роди мајка ти, каде твојата родителка те донесе на свет.
5. Невестата:
6Стави ме како знак на срце, како печат на твојата рака; зашто љубовта е силна како смртта, а љубомората е цврста како гроб. Нејзиниот жар е жар на огнот, нејзините пламења, Господови пламења. 7Големи води не можат да ја угаснат љубовта, ниту реките да ја потопат. Да го дава некој за љубовта сето богатство на својот дом, тој би навлекол презир врз себе.
КРАЈ
8:8-14
А. Мала сестра
8Имаме мала сестра, која уште нема гради; што ќе правиме со нашата сестра, кога ќе стане збор за неа? 9Ако биде како ѕид, ќе изградиме врз него сребрен дворец; ако биде како врата, ќе ја обложиме со кедрови даски. 10Јас сум ѕид и моите гради се стражарници, затоа јас ќе бидам во неговите очи, како онаа што достигнала до полнота.
Б. Соломонов лозар
11Соломон има лозје во Вал Амон; им го даде на чуварите и секој треба да донесе за неговите плодови илјада сребреници. 12Моето лозје е пред мене: а Соломоне, за тебе илјада, а двеста на оние што ги чуваат плодовите.
В. Градини
13О ти, која живееш во градините, другарите го слушаат твојот глас, дај и јас да го чујам. 14Побрзај, возљубен мој; биди како срна и како еленче во мирисливите гори!

Highlight

Share

Copy

None

Want to have your highlights saved across all your devices? Sign up or sign in