YouVersion Logo
Search Icon

БРОЕВИ 32

32
Почеток на делба на земја: Рувим и Гад во Галад
1Рувимовите синови и Гадовите синови имаа мошне многу добиток. И согледаа дека Јазирската Земја и Галадската Земја се погодни за сточарство. 2Затоа Гадовците и Рувимовците дојдоа при Мојсеја, при свештеникот Елеазар и при управителите на општеството, па рекоа: 3„Атарот, Девон, Јазир, Нимра, Есевон, Елеалиј, Севам, Нево и Веон - 4земја што Господ ја порази пред Израелевото општество - е земја погодна за сточарство; а твоите слуги се занимаваат со сточарство. 5Ако најдовме благонаклоност во твоите очи - продолжија - овој крај нека им биде даден во владеење на твоите слуги; не нѐ преведувај преку Јордан!“ 6Мојсеј им одговори на Гадовите синови и на Рувимовите синови: „Вашите браќа ќе одат во војна, а вие да останете тука? 7Зошто ги одвраќате срцата на Израелевите синови од преминот во земјата, која им ја даде Господ? 8Така постапија и вашите татковци кога ги испратив во Кадис-Варни за да ја извидат земјата. 9Тие се искачија до долината Есхол, ја видоа земјата и ги обесхрабрија срцата на Израелевите синови, за да не влезат во земјата, која Господ им ја даде. 10Во тој ден Господ пламна со гнев. Се заколна и рече: 11‘Луѓето кои излегоа од Египет, од дваесет години или нагоре, зашто не Ме следеа верно, никогаш нема да ја видат земјата што им ја ветив под заклетва на Авраама, Исака и Јакова!’ 12Господа единствено Го следеа верно: Кенезецот Халев, синот Ефониев и Навиновиот син Исус. 13Господ пламна со гнев на Израелевите синови па ги водеше низ пустината четириесет години, сѐ додека не изумре сето поколение што постапи зло во очите на Господа. 14А сега вие - грешно поколение - станувате место вашите татковци, за да го зголемите уште повеќе јаросниот гнев на Господа против Израел. 15Ако се одвратите од Него, Тој ќе го продолжи вашиот престој во пустината и вие ќе го погубите сиот овој народ.“
16Тогаш тие се доближија кон него и рекоа: „Ние ќе подигнеме тука огради за нашиот добиток и градови за нашите деца, 17а самите ќе го грабнеме оружјето и ќе тргнеме на чело на Израелевите синови додека не ги доведеме до нивното место, а нашите деца нека останат во утврдените градови, заради жителите на земјава. 18Ние нема да се вратиме во нашите домови сѐ додека секој Израелец не го заземе своето наследство. 19Нема да земаме дел од недвижните имоти од онаа страна на Јордан ниту подалеку, зашто нашето наследство ни припадна од оваа страна, на исток од Јордан.“ 20Мојсеј им рече: „Ако направите така, ако тргнете во бој пред Господа; 21ако вие сите вооружени пребродите преку Јордан пред Господа додека Тој не ги растера пред Себе сите Свои непријатели, 22тогаш, кога земјата ќе Му биде покорена на Господа, вие ќе можете да се вратите. Така ќе бидете ослободени од одговорноста кон Господа и кон Израел, а оваа земја ќе стане ваша сопственост пред Господа. 23Но ако не направите така, ќе согрешите против Господа, и знајте дека ќе ве стигне казна за вашиот грев. 24И така, соѕидајте градови за вашите деца и огради за вашиот добиток, но направите што ветивте.“ 25Гадовите синови и Рувимовите синови му одговорија на Мојсеја: „Твоите слуги ќе направат како што заповеда нашиот господар. 26Нашите деца, нашите жени, нашите стада и сиот наш добиток, нека останат онаму во галадските градови, 27а твоите слуги, сите кои се способни за бој, ќе тргнат пред Господа во војна, како што зборува нашиот господар.“
28И Мојсеј им даде повелба за нив на свештеникот Елеазар, на Навиновиот син Исус и на главатарите на семејствата на израелевите племиња. 29И Мојсеј им рече: „Ако Гадовите синови и Рувимовите синови, сите оние кои носат оружје, пребродат со вас преку Јордан за да војуваат пред Господа, и ако земјата ви биде покорена вам, тогаш дајте им ја Галадската Земја во сопственост. 30Ама ако не поминат вооружени со вас, нека добијат наследство меѓу вас во Ханаанската Земја.“ 31Гадовците и Рувимовците одговорија на тоа: „Што им рече Господ на твоите слуги, така ќе направиме. 32Ние ќе отидеме вооружени пред Господа во Ханаанската Земја, но недвижниот имот на нашето наследство нека ни биде од оваа страна на Јордан.“
Половина Манасиево племе го покорува Галад
33И така Мојсеј ним - на Гадовите синови, на Рувимовите синови и на половината од Манасиј, племето на синот Јосифов - им ги даде: царството на аморејскиот цар Сион и царството на васанскиот цар Ог; земјата со градовите во нивните меѓи, градовите на соседната земја. 34Гадовите синови ги изградија: Девон, Атарот и Ароир, 35Атрот-Софан, Јазир, Јогвеј, 36Вет-Нимра и Вет-Аран, утврдени градови и огради за стадата. 37Рувимовите синови ги изградија: Есевон, Елеалиј, Киријатаим, 38Нево, Валмеон - на кои им ги изменија имињата - и Сивма. И им дадоа имиња на градовите што ги изградија. 39Синовите на Махир, синот Манасиев, отидоа во Галад и го освоија, и ги протераа Аморејците кои беа таму. 40Мојсеј му го предаде Галад на Манасиевиот син Махир и тој се насели во него. 41А Манасиевиот син Јаир отиде па ги зазеде нивните села и ги нарече „Јаирови Села.“ 42Потоа Новах отиде и ги зазеде Кенат и неговите подрачја, па го нарече со своето име Новах.

Currently Selected:

БРОЕВИ 32: MKB

Highlight

Share

Copy

None

Want to have your highlights saved across all your devices? Sign up or sign in