YouVersion Logo
Search Icon

БРОЕВИ 33

33
Израелеви живеалишта при патување од Египет до Јордан
1Ова се патувањата на Израелевите синови што ги поминаа кога излегоа од Египетската Земја по своите полкови, под водство на Мојсеја и Арона. 2По Господова повелба, Мојсеј го опиша нивното патување по нивните престојувања, и еве ги застанките на нивните патувања: 3тргнаа од Рамес во првиот месец. Беше петнаесеттиот ден на првиот месец - утреден по Пасхата - кога Израелевите синови се запатија со подигнати раце и пред очите на сиот Египет, 4додека Египетците ги погребуваа оние, кои Господ ги погуби среде нив, односно сите првороденци, и така изврши суд над нивните божества.
5И така Израелевите синови тргнаа од Рамес и расположија шатори во Сокхот. 6Потоа отидоа од Сокхот и ги оптегнаа шаторите во Етам, токму на работ на пустината. 7Отпатуваа од Етам, а тогаш свртија кон Пи-Ајрот, што се наоѓа спроти Велсефон. Ги расположија шаторите пред Мигдал. 8Тргнаа од Ајрот и поминаа среде морето во пустината. Одеа три дни низ пустината Етам, а тогаш се настанија во Мера. 9Потоа отидоа од Мера и стигнаа во Елим. Во Елим беа дванаесет извори и седумдесет палми. Расположија шатори тука. 10И тргнаа од Елим и се настанија покрај Црвеното Море. 11А откако заминаа од Црвеното Море, ги оптегнаа шаторите во пустината Син. 12Потоа отпатуваа од пустината Син и ги поставија живеалиштата во Дофка. 13Откако отидоа од Дофка расположија шатори во Елус. 14Тргнаа од Елус и се настанија во Рафидин. Таму народот немаше вода да пие. 15Заминаа од Рафидин и се настанија во Синајската Пустина. 16Тргнаа од Синајската Пустина па се настанија во Киврот Атави. 17Отпатуваа од Киврот Атави и оптегнаа шатори во Асирот. 18Тогаш отидоа од Асирот и расположија шатори во Ритма. 19Тргнаа од Ритма и се настанија во Римнон Фарес. 20Отидоа од Римнон Фарес и расположија шатори во Ливна. 21Отидоа од Ливна и оптегнаа шатори во Риса. 22Заминаа од Риса и се настанија во Келат. 23Тргнаа од Келат и се настанија во гората Сафер. 24Отпатуваа од гората Сафер и се настанија во Харад. 25Откако се дигнаа од Харад се настанија во Макилот. 26Тргнаа од Макилот и расположија шатори во Тахат. 27Отпатуваа од Тахат и застанаа во Тара. 28Заминаа од Тара и се настанија во Митка. 29Отпатуваа од Митка и оптегнаа шатори во Асемон. 30Тргнаа од Асемон и расположија шатори во Мосирот. 31Заминаа од Мосирот и се настанија во Вене-Јакан. 32Тргнаа од Вене-Јакан и се настанија во Хор-Агидгад. 33Отидоа од Хор-Агидгад и расположија шатори во Јотвата. 34Отпатуваа од Јотвата и оптегнаа шатори во Еврон. 35Отидоа од Еврон и се настанија во Есион-Гавер. 36Отидоа од Есион-Гавер и расположија шатори во пустината Син, односно Кадис. 37Тргнаа од Кадис па расположија шатори во гората Ор, на границата на Едомската Земја.
38По Господова наредба свештеникот Арон се искачи на гората Ор и таму почина во првиот ден на петтиот месец, во четириесеттата година по излезот на Израелевите синови од Египетската Земја. 39Арон беше на сто и дваесет и три години кога умре на планината Ор.
40Арадскиот цар, Хананеец, кој живееше во ханаанскиот крај Негев, чу за доаѓањето на Израелците. 41Отидоа од гората Ор и расположија логор во Салмон. 42Заминаа од Салмон и се настанија во Финон. 43Отпатуваа од Финон и застанаа во Овот. 44Отидоа од Овот и оптегнаа шатори во моавското подрачје, во Ије-Ха- Аварим. 45Заминаа од Ије-Ха-Аварим и расположија шатори во Девон Гад. 46Отпатуваа од Девон Гад и се настанија во Алмон-Дивлатаим. 47Од Алмон - Дивлатаим отидоа и поставија шатори на Аваримските Гори, пред Нево. 48А од Аваримските Гори заминаа и расположија шатори во Моавските Полиња, покрај Јордан, спроти Ерихон; 49се настанија покрај Јордан од Вет-Јесимот сѐ до Авел-Ситим во Моавските Полиња.
Закон за заземање на Ветена Земја
50Господ му рече на Мојсеја, во Моавските Полиња покрај Јордан, спроти Ерихон: 51„Речи им вака на Израелевите синови: ‘Кога ќе поминете преку Јордан во Ханаанската Земја, 52изгонете ги пред себе сите жители на земјата, уништете ги сите нивни слики; уништете ги сите нивни одлеани идоли и разурнете ги сите нивни високи места. 53Тогаш завладејте ја земјата и населете се во неа, зашто ви ја предавам да стане ваша. 54Разделете ја земјата со жрепка меѓу сите ваши родови. Зголемете им го делот на побројните, а намалете им го на помалубројните. Каде и да падне жрепката, за кого и да е, тоа нека биде негово, а делете им го наследството според татковските племиња. 55Ако не ги изгоните пред себе жителите на земјата, тогаш тие, кои ќе останат од нив во живот, ќе ви бидат трње во вашите очи и боцкалки во вашите ребра; ќе ве притеснуваат во земјата во која ќе живеете, 56и ќе постапам со вас како што мислев да постапам со нив.’“

Currently Selected:

БРОЕВИ 33: MKB

Highlight

Share

Copy

None

Want to have your highlights saved across all your devices? Sign up or sign in