YouVersion Logo
Search Icon

БРОЕВИ 31

31
Истребување на Мадијанци
1Господ му рече на Мојсеја: 2„Одмазди им се на Мадијанците за Израелевите синови; а потоа ќе им се придружиш на твоите луѓе.“ 3Мојсеј му рече на народот: „Вооружете луѓе од меѓу себе за војна против Мадијанците, за да ја извршат Господовата одмазда врз Мадијанците. 4Испратете во војна по една илјада од секое Израелево племе!“ 5И така од израелевите семејства - по илјада од племе - собраа дванаесет илјади за војна. 6Мојсеј ги испрати - по илјада од племе - на војна заедно со Финес, синот на свештеникот Елеазар. Тој ги носеше светите садови и трубите за тревога. 7Тие завојуваа против Мадијанците, како што Господ му заповеда на Мојсеја, и ги погубија сите машки. 8Меѓу другите ги погубија и мадијанските цареви: Евиј, Реком, Сур, Ур и Рева - пет мадијански цареви! Со меч го погубија и Валаама, Веоровиот син. 9Тогаш Израелевите синови ги одведоа во плен: мадијанските жени со нивните деца и сиот нивни добиток, крупниот и ситниот, и го запленија сето нивно богатство. 10Со оган ги изгореа сите нивни градови во кои живееја и сите нивни населби, 11а сѐ нивно зедоа во плен и грабеж: и луѓе и животни. 12Тогаш, во логорот во Моавските Полиња покрај Јордан, спроти Ерихон, ги доведоа при Мојсеја, при свештеникот Елеазар и при целото Израелско општество: заробените, пленот и ограбеното.
13Мојсеј, свештеникот Елеазар и сите главатари на заедницата им излегоа во пресрет надвор од логорот. 14Мојсеј се налути на заповедниците на војската, на илјадниците и на стотниците, кои се вратија од воениот поход. 15Им рече: „Што! Вие ги оставивте живи сите женски! 16А токму жените, по Валаамовото наговарање, ги заведоа Израелевите синови да истапат против Господа во Фегоровиот случај. Така дојде помор во Господовото општество. 17Затоа убијте ги сите машки деца! А убијте ја и секоја жена, која запознала маж! 18А оставете ги живи за себе сите девојки, кои не запознале машко. 19Вие пак останете надвор од логорот седум дена; сите вие кои убивте некого и кои се допревте до убиен. Очистете се и вие и вашите заробеници во третиот и во седмиот ден; 20очистете ги: сета облека, сите кожени работи - сѐ што е направено од козина и сите дрвени предмети.“
21Потоа свештеникот Елеазар им проговори на борците, кои се вратија од војна: „Ова е законска повелба што му ја даде Господ на Мојсеја: 22Златото, среброто, бронзата, железото, оловото и калајот, 23сѐ што поднесува оган - поминете го низ оган, и ќе биде очистено. Сепак, нека биде очистено и со водата за очистување. А сѐ што не поднесува оган поминете го низ вода. 24На седмиот ден исперете ја вашата облека, и ќе бидете чисти. Потоа можете да се вратите во логорот.“
25Господ му рече на Мојсеја: 26„Ти, свештеникот Елеазар и главните старешини на општеството направете попис на воениот плен, на луѓето и на добитокот, 27а тогаш поделете го воениот плен на половина: за војниците кои одеа во војна и за сета друга заедница. 28А од војниците, кои одеа во војна, задржи данок за Господа: по една глава на пет стотини од луѓето, од крупниот добиток, од ослињата и од ситниот добиток. 29Земи го тоа од нивната половина и дај му го на свештеникот Елеазар како воздигнат принос за Господа. 30А од половината што ќе им припадне на другите Израелеви синови, земи по една глава од педесет: од луѓето, од крупниот добиток, од ослињата и од ситниот добиток - од сите, па дај им ги на левитите, кои служат во Господовиот Шатор.“ 31Мојсеј и свештеникот Елеазар направија како што му нареди Господ на Мојсеја.
32Воен плен - освен ограбеното што го зедоа војниците - има - ше: шест стотини седумдесет и пет илјади ситен добиток, 33седумдесет и две илјади крупен добиток, 34шеесет и една илјада ослици, 35а човечки души - жени кои не запознале машко - имаше вкупно триесет и две илјади. 36Според тоа, половината, што им беше доделена на оние, кои одеа во војна, беше: три стотини триесет и седум илјади и пет стотини грла ситен добиток; 37данок за Господа од ситниот добиток: шест стотини седумдесет и пет грла; 38крупен добиток имаше: триесет и шест илјади, а нивниот данок за Господа: седумдесет и две грла; 39ослиња: триесет илјади и пет стотини, а од нив данок за Господа: шеесет и едно. 40Човечки души: шеснаесет илјади, а од нив данок за Господа: триесет и две души. 41Мојсеј му го предаде данокот на свештеникот Елеазар, за воздигнат принос на Господа, како што Господ му заповеда на Мојсеја.
42А од половината на другите Израелеви синови, која Мојсеј ја оддели од војниците; 43половината на заедницата изнесуваше: триста триесет и седум илјади и пет стотини ситен добиток, 44а крупен добиток триесет и шест илјади; 45ослиња: триесет илјади и пет стотини, 46а човечки души: шеснаесет илјади. 47Од половината на Израелевите синови Мојсеј зеде по едно на педесет, и од луѓето и од добитокот, па им ги даде на левитите, кои служеа во Господовиот Шатор, како што Господ му заповеда на Мојсеја.
48Тогаш воените заповедници, илјадниците и стотниците, му пристапија на Мојсеја, 49и му рекоа: „Твоите слуги ги преброија војниците, кои беа под наше заповедништво, и ниеден од нас не загина. 50И ете, ги донесовме нашите дарови за Господа: нараквици, златни нешта, прстења, наушници и огрлици - кој какво што нашол златно нешто - за покривање на гревовите на нашите души пред Господа.“ 51Мојсеј и свештеникот Елеазар го примија од нив златото, сето во направени украси. 52И сето злато, што илјадниците и стотниците го донесоа за воздигнат принос за Господа, беше: шеснаесет илјади седум стотини и педесет шекели. 53Војниците грабеа секој за себе. 54Така Мојсеј и свештеникот Елеазар го зедоа златото од илјадниците и стотниците па го донесоа во Шаторот на средбата, за спомен на Израелевите синови пред Господа.

Currently Selected:

БРОЕВИ 31: MKB

Highlight

Share

Copy

None

Want to have your highlights saved across all your devices? Sign up or sign in