YouVersion Logo
Search Icon

Битие 38

38
Гревот на Јуда.
1А во тоа време Јуда се оддели од браќата свои, и се настани кај некој човек Одоламеец, по име Ирас.
2И таму ја виде Јуда ќерката на некој Хананеец, чие име беше Сава, и ја зеде и влезе при неа.
3Таа забремени, и роди син; и тој го нарече Ир.
4Одново зачна, и пак роди син, и нему му стави име Онан.
5И пак роди син, и го именува Силом. А Јуда беше во Хасафија, кога таа ги роди овие.
6И Јуда го ожени првородениот син свој Ир со девојката по име Тамара.
7Но Ир, првенецот Јудин, беше лош пред Господа, и Бог го погуби.
8Тогаш Јуда му рече на Онана: »Влези при вдовицата од братот твој, и ожени се со неа, за да го запазиш потомството на братот твој.«
9А Онан, знаејќи дека породот нема да биде негов, кога влегуваше при жената на братот свој, го истураше семето наземи, за да не му даде потомство на братот свој.
10Но тоа што го правеше, беше зло пред очите на Бога, па затоа и него го погуби.
11Тогаш Јуда, по смртта на обата свои синови, ѝ рече на Тамара, снаата своја: »Живеј како вдовица во куќата на таткото твој додека порасне синот мој.« Оти си велеше во себе да не умре и тој како браќата негови. И отиде Тамара, и живееше во куќата на својот татко.
12Измина многу време и умре ќерката на Сава, жената Јудина. А кога Јуда се утеши, појде во Тамна кај луѓето што му го стрижеа стадото, тој сам и неговиот пријател Ирас, Одоламеецот.
13И ѝ јавија на Тамара, снаата негова: »Ете, свекорот твој оди во Тамна да ги стриже овците свои.«
14А таа ја соблече од себе вдовичката облека и се облече во летна облека, си стави превез, па седна пред портата на Енаим, на патот за Тамна. Зашто виде, дека Силом беше пораснал, а неа уште не му ја даваа за жена.
15Кога ја виде Јуда, помисли дека е блудница, зашто таа го беше покрила лицето свое, и не ја позна.
16И тој се одби при неа и ѝ рече: »Дозволи ми да влезам при тебе!« Зашто не ја позна дека му е снаа. А таа рече: »Што ќе ми дадеш, ако влезеш при мене?«
17А тој одговори: »Ќе ти испратам јаре од стадото.« А таа му рече: »Но да ми дадеш залог, додека не го испратиш.«
18А тој рече: »Каков залог да ти дадам?« А таа му одговори: »Својот прстен, крпата и стапот што ти е во раката.« И тој ѝ ги даде, па влезе при неа; и таа зачна од него.
19Потоа таа стана и си отиде; ја сметна летната облека од себе и ја облече вдовичката облека.
20А Јуда испрати јаре по овчарот свој, Одоламеецот, за да си го поврати залогот од жената и тој не ја најде.
21Па ги праша луѓето од она место, велејќи: »Каде е блудницата што беше на распаќето во Енаим?« А тие одговорија: »Овде немаше блудница.«
22И тој се врати кај Јуда и рече: »Не ја најдов. Дури мештаните ми рекоа дека таму немало блудница.«
23А Јуда рече: »Нека си ги задржи, само да не ми се смеат; јас ѝ го испратив и јарето, но ти не ја најде.«
24А кога изминаа околу три месеци, му јавија на Јуда, велејќи: »Тамара, снаата твоја се оддала на блуд и, ете, бремена е од блуд.« А Јуда рече: »Изведете ја за да се запали!«
25А кога ја поведоа, таа прати на свекорот нејзин да му кажат: »Од човек, чие е она – сум зачнала.« Уште додаде: »Од оној, чиј е прстенов, крпава и стапов!«
26А Јуда ги препозна, па рече: »Таа е поправедна од мене, бидејќи не ја дадов на синот свој Силом.« И повеќе не влезе при неа.
27И кога дојде времето да роди, а тоа – близнаци во утробата нејзина.
28И кога се породуваше, едното дете ја покажа раката, а бабицата зеде и му врза црвен конец околу раката, велејќи: »Овој е првенец.«
29Но тоа ја повлече раката, и ете излезе неговото братче, а таа рече – како ја пресече обвивката, па пресек нека ти биде. И му ставија име Фарес.
30А потоа излезе неговото братче со црвен конец на раката. Нему му ставија име Зара.

Currently Selected:

Битие 38: MK1990

Highlight

Share

Copy

None

Want to have your highlights saved across all your devices? Sign up or sign in