YouVersion Logo
Search Icon

Битие 37

37
Јосифовите сонови. Продавањето на Јосифа. Измамувањето на Јакова.
1Јаков живееше во земјата, во која беше придојден неговиот татко Исак, во земјата Хананска.
2Еве го животот на Јакова: кога беше на седумнаесетгодишна возраст Јосиф го пасеше добитокот на татка си со браќата свои, со синовите на Вала и со синовите на Зелфа, жените на неговиот татко. Јосиф му носеше лоши гласови на татка си за нив.
3А Јаков го сакаше Јосифа многу повеќе од сите синови свои, зашто му се роди под староста, и му направи шарена облека.
4А браќата, гледајќи дека таткото нивни го сака многу повеќе од сите синови свои, го замразија, така што не можеа убав збор да му кажат.
5Притоа Јосиф сони сон и им го раскажа на браќата свои.
6И им рече: »Чујте го сонот што го сонив –
7врзуваме снопја во полето, и одеднаш мојот сноп се исправи, и застана прав, а вашите снопови се распоредија наоколу и му се поклонија на снопот мој.«
8Тогаш браќата му рекоа: »Да не би ќе станеш уште цар наш и да ни заповедаш?« Затоа уште повеќе го замразија, поради соништата негови и поради зборовите негови.
9Потоа тој сони и втор сон, и им го раскажа на татка си и на браќата свои, велејќи: »Видов и уште еден сон, а тоа – сонцето и месечината и единаесетте ѕвезди ми се клањаа.«
10Но татко му го прекори и рече: »Каков е тој сон што си го сонил? Зар јас и мајката твоја, и браќата твои, ќе дојдеме тебе да ти се поклониме доземи?«
11И му позавидоа браќата негови; но таткото негов ги чуваше тие зборови.
12Еднаш браќата негови отидоа да ги пасат стадата на таткото нивни кај Сихем.
13Тогаш Израил му рече на Јосифа: »Браќата твои не го пасат ли доботокот кај Сихем? Ајде да те испратам при нив.« А тој рече: »Добро, одам.«
14И уште му рече Израил: »Отиди и види како се браќата твои и како е добитокот, па јави ми.« И го испрати од долината Хевронска; и тој отиде во Сихем.
15И човек еден го најде како скита по полето, па го запраша, велејќи му: »Што бараш?«
16А тој одговори: »Ги барам браќата мои; кажи ми, те молам, каде го пасат добитокот?«
17А човекот рече: »Тие си заминаа одовде, зашто чув како велат – ајде да одиме во Дотаим.« И отиде Јосиф по браќата свои, и ги најде во Дотаим.
18А тие го видоа оддалеку; и, пред да им се приближи, почнаа да се договараат за да го убијат.
19И си рекоа помеѓу себе: »Ене оној што сонува, иде.
20Ајде сега да го убиеме и да го фрлиме во некоја од овие јами, па ќе речеме – лута ѕверка го изеде. Тогаш ќе видиме што ќе стане од неговите соништа.«
21Но, кога го чу тоа Рувим, се обиде да го спаси од рацете нивни, па рече: »Да не го убиваме!«
22И уште им рече Рувим: »Крв да не пролеваме; фрлете го во една од овите јами во пустињата, но не кревајте рака на него.« А тој сакаше да го спаси од рацете нивни и да го одведе кај татка му.
23И кога Јосиф дојде кај браќата свои, тие му ја соблекоа облеката шарена, што ја имаше на себе.
24И го фатија, па го фрлија во една јама; а јамата беше празна; немаше вода во неа.
25Потоа седнаа да јадат леб. И кревајќи ги очите, видоа Исмаилци како доаѓаат од Галад со камилите свои, натоварени со миризливи растенија, балсам и смирна; го пренесуваа тоа во Египет.
26Им рече Јуда на браќата свои: »Каква полза ќе имаме, ако го убиеме братот наш и ја сокриеме крвта негова?
27Ајде да им го продадеме на овие Исмаилци, па да не клаваме рака на него, зашто брат ни е, наша крв е.« И го послушаа браќата негови.
28Па кога трговците Мадијамски минуваа покрај нив, тие го извадија Јосифа од јамата и им го продадоа на Исмаилците за дваесет златници; а овие го одведоа Јосифа во Египет.
29А кога се врати Рувим кај јамата, Јосифа го немаше во јамата. Тогаш тој ја раскина облеката своја.
30И отиде кај браќата свои и рече: »Го нема момчето: а сега, каде да се денам јас?«
31Тогаш ја зедоа облеката Јосифова, и заклаа јаре, па ја натопија облеката со крв.
32И ја испратија шарената облека да се однесе на нивниот татко и да се рече: »Ја најдовме оваа облека, па види дали е тоа облеката на синот твој, или не?«
33А тој ја позна и рече: »Облеката е на мојот син, ѕверка лута го изела; Јосиф е, навистина, растргнат.«
34И ја раскина Јаков облеката своја, па се препаша со покајнички кострет околу себе; и тагуваше по синот свој многу дни.
35И се собраа сите синови негови и ќерки негови да го тешат; но тој не можеше да се утеши, туку велеше: »Со тага во адот ќе појдам по синот мој.« Така го оплакуваше таткото негов.
36А Мадијамците го продадоа Јосифа во Египет на Петефри, дворјанин на Фараонот, заповедник на стражата.

Currently Selected:

Битие 37: MK1990

Highlight

Share

Copy

None

Want to have your highlights saved across all your devices? Sign up or sign in