YouVersion Logo
Search Icon

Битие 39

39
Јосифовото служење кај Петефри. Невиност и лежење в затвор.
1А Јосифа го одведоа во Египет. И Петефри, дворјанинот Фараонов, заповедник на стражата, Египтјанин, го купи од Исмаилците, кои го доведоа таму.
2И Господ беше со Јосифа, та затоа беше задоволен, и живееше во куќата од господарот свој, Египтјанинот.
3И господарот негов виде дека е Господ со него и дека сѐ што работеше тој, Господ правеше да успева во рацете негови.
4И Јосиф се здоби со милост кај овој господар, и му угодуваше. Најпосле го постави над целиот свој дом, и сѐ што имаше, го предаде во рацете негови.
5А кога го постави над домот свој и над сѐ што имаше, оттогаш Господ го благослови домот на Египтјанинот заради Јосифа; и благословот Господов беше над сѐ, што имаше во куќата и во полето негово.
6И остави во Јосифовите раце сѐ за што имаше, и не се грижеше веќе за друго, освен за лебот, што го јадеше сам. А Јосиф беше со убава става и со красиво лице.
7И се случи, по некое време, жената на господарот негов, да се загледа во Јосифа, и му рече: »Легни со мене!«
8А тој одби и ѝ рече на жената од господарот свој: »Ете, господарот мој не се грижи веќе за ништо што има во куќата, туку сѐ што имаше, ми го предаде мене во рацете.
9Ни самиот не е поголем од мене во својот дом; и тој ништо не ми забранил, освен тебе, зашто си му жена; па како јас да направам толку големо зло и да грешам пред Бога?«
10И така таа му зборуваше на Јосифа за тоа секој ден, но тој не ја послуша да легне со неа, ниту да се задржува кај неа.
11Се случи еден ден тој да дојде во куќата по своја работа, а таму дома да нема никого од домашните.
12Тогаш таа го фати за облеката и му рече: »Легни со мене!« Но тој, оставајќе ја облеката своја во рацете нејзини, избега и си отиде.
13А таа, кога виде дека тој ја остави во рацете нејзини облеката своја и избега,
14ги викна своите домашни, па им рече, велејќи: »Гледајте, ни довел човек Евреин за да нѐ срамоти. Дојде при мене и рече: ‚Легни со мене!‘ Но јас извикав на сиот глас.
15А тој, кога чу дека го подигнав гласот и извикав, ја остави облеката своја кај мене и избега, па си отиде.«
16И таа ја задржа облеката негова кај себе, додека си дојде господарот во домот свој.
17А тогаш и нему му ја кажа истата работа, велејќи: »Слугата Евреинот, што го доведе кај нас, дојде кај мене да ме срамоти и ми рече: ‚Да бидам со тебе!‘
18Но кога чу дека подигнав глас и извикав, тој ја остави облеката своја кај мене и си избега.«
19Кога ги чу господарот негов зборовите на жената своја, која му рече: »Ова ми го направи слугата твој,« – се разгневи многу.
20И го фати господарот Јосифа, па го фрли в затвор, каде што лежеа затворениците царски. И тој остана таму, во затворот.
21Но Господ беше со Јосифа и излеа милост Своја над него и направи да му омили на старешината на затворската стража.
22И му ги довери началникот на затворската стража на Јосифа сите затвореници во затворот; и сѐ што требаше да се сврши, тој го вршеше.
23И старешината на затоврот не надгледуваше ништо: сѐ беше во Јосифовите раце, зашто Господ беше со него; и сѐ што правеше, Господ делуваше да успева во рацете негови.

Currently Selected:

Битие 39: MK1990

Highlight

Share

Copy

None

Want to have your highlights saved across all your devices? Sign up or sign in