Maтеј 2
2
1Исус се роди во градот Витлеем, во покраината Јудеја, во времето кога таму владееше царот Ирод. Тогаш во Ерусалим допатуваа неколку мудреци од некоја источна земја
2и почнаа да се распрашуваат: „Каде е новородениот јудејски Цар? Видовме кога на исток се појави Неговата ѕвезда и дојдовме да Му се поклониме.“
3Кога го слушна ова, царот Ирод се вознемири, а со него и целиот Ерусалим.
4Тој ги повика сите поглавари меѓу свештениците и сите вероучители меѓу народот, за да ги праша, каде треба да се роди Месијата.
5Тие му одговорија: „Во градот Витлеем, кој се наоѓа во покраината Јудеја; зашто, еве како запишал пророкот Михеј:
6Ти Витлееме, во јудејската земја, по ништо не заостануваш зад водечките градови во Јудеја, зашто од тебе ќе произлезе Водач Кој ќе му биде Пастир на мојот народ Израел.‘“
7Тогаш Ирод скришно ги повика мудреците и од нив го дозна точното време кога се појавила ѕвездата.
8Потоа ги испрати за Витлеем, порачувајќи им вака: „Одете и подробно распрашајте се за Детето; штом ќе го најдете, јавете ми да појдам и јас да Му се поклонам.“
9Откако го ислушаа царот, тие тргнаа на пат. И ете, ѕвездата што ја беа виделе на Исток одново се појави и ги водеше си до местото каде што се наоѓаше Детето.
10Кога видоа дека ѕвездата запре, тие бликнаа од радост!
11Влегувајќи во куќата, Го видоа Детето и мајка Му Марија, па паднаа ничкум и Му се поклонија. Потоа, ги отворија своите ковчежиња и Го даруваа со злато, со ливан и со смирна.
12Потоа тие си заминаа за својата земја по друг пат, откако Бог насон ги предупреди да не се враќаат кај Ирод.
13По заминувањето на мудреците, на Јосиф му се јави насон ангел Господов и му рече: „Стани, земи ги Детето и мајка Му и бегај во Египет; остани таму додека не ти се јавам, зашто Ирод ќе го бара Детето за да Го убие.“
14Тогаш Јосиф стана, ги зеде Детето и мајка Му Марија и ноќта заминаа за Египет.
15И останаа таму си до смртта на Ирод. Со ова се исполнуваше претскажаното од Бог преку пророкот Осија: „Од Египет го повикав Мојот Син.“
16Ирод збесна кога сфати дека мудреците го надитрија и нареди во Витлеем и во неговата околина да бидат убиени сите машки деца до двегодишна возраст согласно со времето што го беше дознал од мудреците.
17Со ова се исполнуваше претскажаното од пророкот Еремија:
18„Пискотници се слушаат во Рама, плач и тажни лелеци; Рахела плаче по своите деца и не сака да се утеши, зашто нив повеќе ги нема.“
19По смртта на Ирод, на Јосиф, кој беше во Египет, му се јави насон ангел Господов
20и му рече: „Стани, земи ги Детето и мајка Му и врати се во израелската земја, зашто изумреа тие што сакаа да Му го одземат животот на Детето.“
21Тогаш Јосиф стана, ги зеде Детето и мајка Му и сите се вратија во израелската земја.
22Меѓутоа, кога Јосиф дозна дека во Јудеја, на местото на Ирод дошол на власт неговиот син Архелај, се исплаши да појде таму. Па откако насон прими упатства, замина во покраината Галилеја.
23Таму се насели во градот Назарет, со што се исполнуваше претскажаното од пророците дека Месијата ќе Го викаат „Назареќанец“.
Àwon tá yàn lọ́wọ́lọ́wọ́ báyìí:
Maтеј 2: MNT
Ìsàmì-sí
Pín
Daako
Ṣé o fẹ́ fi àwọn ohun pàtàkì pamọ́ sórí gbogbo àwọn ẹ̀rọ rẹ? Wọlé pẹ̀lú àkántì tuntun tàbí wọlé pẹ̀lú àkántì tí tẹ́lẹ̀
Copyright © Dynamic Equivalence Translation of the New Testament in Macedonian 1999 by HBC Radosna Vest, Skopje, Macedonia. All rights reserved.