СОФОНИЈА 3
3
ГРЕВ НА ЕРУСАЛИМ И СПАСЕНИЕ ШТО ДОАЃА
3:1-20
А. Тешко му на Ерусалим
1Тешко му на непокорниот, на нечистиот град и на насилничкиот град! 2Тој никогаш не чу повик, никогаш не прифати поправка; тој никогаш не Му се довери на Господа; никогаш не Му се приближи на Својот Бог. 3Неговите кнезови се сред него - лавови кои рикаат; неговите судии - се вечерни волци, кои не оставаат ниедна коска до утрото, 4неговите пророци се лекомислени, вистински лажливци, неговите свештеници го обесветуваат Светилиштето, го кршат Законот. 5Сред него, Господ е праведен - Тој не прави неправда; секое утро го изнесува Својот суд на виделина, но беззаконикот не познава срам. 6„Ги уништив народите, разурнати им се тврдините, ги запустив нивните улици: нема веќе минувачи! Разурнати се нивните градови: нема луѓе, нема жители! 7Говорев: ‘Бој се само од Мене прими ја поправката’ и не ќе биде истребено неговото живеалиште и нема да го најде злото, што Јас го подготвив за него. Но тие брзо ги расипаа сите свои дела.
Б. Избавување што доаѓа
1. Повик кон надеж
8Затоа чекајте Ме Мене - говори Господ - до денот кога ќе станам како Обвинител, зашто Јас одредив да се соберат народите, да се зберат царствата, за да го излеам врз нив Својот гнев, сета горчина на Својата расрденост: во огнот на Мојата ревност ќе биде изгорена сета земја. 9Ќе им дадам чисти усни на народите, за да можат сите да го повикуваат Господовото име и да Му служат еднодушно. 10Од другиот брег на етиопските реки, Моите поклоници, расеани ќе ми принесуваат жртвени дарови. 11Во оној ден не ќе се срамиш од сите свои постапки, со кои грешеше против Мене, зашто ќе ги отстранам од сред тебе твоите горди фалбаџии; и веќе не ќе се возвишуваш на Мојата Света Гора, 12зашто ќе оставам во твојата средина скромен и сиромашен народ, и во Господовото име ќе бараш закрила. 13Остатокот Израелев веќе нема да прави неправда, не ќе зборуваат веќе лаги; во нивните усти не ќе се најде веќе измамлив јазик. Ќе можат да пасат и да се одмараат и никој не ќе им пречи.“
2. Повик кон радост и ликување
14Воскликнувај од радост, Сионска Ќерко, викај од веселба, Израеле! Весели се и радувај се од сѐ срце, Ерусалимска Ќерко! 15Господ те ослободи од твојата пресуда, ги отстрани Твоите непријатели! Господ, Израелевиот Цар, е во твојата средина! Не бој се веќе од зло! 16Во оној ден ќе му се рече на Ерусалим: „Не бој се, Сионе! Нека не ти се истоштат рацете. 17Господ, твојот Бог, е во твоја средина, силен Спасител! Тој ќе ти се радува тебе, полн со веселба, ќе ти биде милостив во Својата љубов, ќе воскликнува радосно над тебе.“ 18„Ќе ги соберам напатените заради празниците, за да не носат веќе срам на себе. 19Еве ги совладувам сите твои угнетувачи. Во она време ќе ги избавам сите хроми, ќе ги соберам расеаните, ќе ги поставам за име и слава во секоја земја на нивниот срам. 20Во она време, Јас ќе ве доведам, во она време, Јас ќе ве соберам! Тогаш ќе ви дадам пофалба и слава меѓу народите на земјата, кога ќе ви ги вратам заробениците пред ваши очи“ - говори Господ.
موجودہ انتخاب:
СОФОНИЈА 3: MKB
سرخی
شئیر
کاپی
کیا آپ جاہتے ہیں کہ آپ کی سرکیاں آپ کی devices پر محفوظ ہوں؟ Sign up or sign in
The Macedonian Bible: Old and New Testament, Konstantinov
Copyright © 1999, 2004, by Loukas Foundation ®
Used by permission of City Bible Foundation ® All rights reserved worldwide.